Скопскиот градоначалник Петре Шилегов ја стопирал изградбата на новиот Луна парк. Како што јавува порталoт „СДК.МК“, новата градска администрација планира проектот да го даде под концесија на приватен партнер, којшто би требало да го изгради и да стопанисува со него.
Ваквата идеја на градоначалникот Шилегов би ги заштедила планираните финансиски средства од градскиот буџет, но во изминативе години се покажа како неуспешна.
Претходниот градоначалник Коце Трајановски во неколку наврати распишуваше повици за пронаоѓање на приватен концесионер, но ниту во еден случај не го пронајде. Првиот тендер беше распишан во 2011 година, а последниот обид заврши без успех на почетокот од 2014 година.
По најновата одлука на градоначалникот Шилегов, останува нејасно што ќе се случува со двата склучени договора за реализација на новиот забавен парк во Скопје.
Претходното раководство на Град Скопје уплати над 2,1 милион евра за набавка на седум реквизити од идниот Луна парк.
Фирмите „Боминг“ и „Ивама Траде“ уште лани ги обезбедија планираните реквизити од првата фаза. Воедно, компанијата „Жикол“ од Струмица беше избрана за изведувач на градежниот дел од Луна паркот.
Во изминатиов период целосно се заврши изградбата на подземната инфраструктура, но и на еден од предвидените објекти во рамки на забавниот парк. За вториот договор беа издвоени над 1,6 милиони евра.
Проектот за изградба на новиот Луна парк во Скопје започна да се реализира минатата година. Оваа содржина од Градскиот парк е планирано да се простира на површина од 40.000 метри квадратни.
За овој проект беше предвидено да се издвојат околу 6,5 милиони евра. На просторот е зацртано да се постават 26 реквизити за возење и забава, меѓу кои и два адреналински, шест семејни и 18 детски реквизити.