Со германскиот пасош в џеб е најлесно да се тргне на патување низ светот. Патните исправи на германските државјани се најдоа на врвот на листата која ја изработи консултативната фирма „Хенли енд Партнерс“. Компанија секоја година прави попис на држави со чии патни исправи може да се посетат најмногу држави, а притоа да не мора да се извади виза.
Германија е трета година по ред на врвот, а македонскиот пасош се најде на 45 место.
Од вкупно 198 земји во светот, македонските државјани можат да патуват во 64 земји без виза, и тоа поголемиот број во шенген зона, а за 134 земји е потребна виза за патување на МК државјанин - велат од Министерството за надворешни работи.
На веб-страната на МНР стои дека постои можност за одбивање на влез во Шенген зоната поради одредени причини. Од министерството ни одговорија дека причините за одбивање влез во Шенген се важност на пасош подолго од 6 месеци од престојот, доказ за целта на патување и доволно финансиски средства. Овој безвизен режим се однесува на престој не подолг од 90 дена. Доколку престојот е подолг од 90 дена, потребно е државјаните на Македонија да аплицираат за долгорочна виза или за дозвола за престој.
На листата на „Хенли енд Партнер“ втора е Шведска со една држава помалку од Германија, а третото место го делат Финска, Франција, Италија, Шпанија и Велика Британија со 175 држави.
Патната исправа на македонските државјани лани била на 46 место, а преклани на 36 место кога и сме ја имале нависоката позиција на рангирањето. Во 2013-та година пак, сме биле на 38 место.
Дел од регионалните земји пак се на повисока позиција од нас. Така, Хрватска е рангирана на 24 место и со нивниот пасош може да се патува во 149 земји без визи. Босна и Херцеговина е на 52 место, Србија на 43 место, а Словенија на 12-то место. Бугарија пак е на 21 место, Албанија на 53 место, а Грција на 7 место.
Првите места ја докажуваат моќта на европските патни исправи. На четврто место се Белгија, Данска, Холандија и Соединетите Американски Држави. На петто место се Австрија, Јапонија и Сингапур. Ирска е рангирана на шесто место, заедно со Канада, Јужна Кореја, Луксембург, Норвешка, Португалија и Швајцарија.