Промовирани огласи »

Вработените во приватниот сектор, до крајот на годината ќе добијат регрес за годишен одмор попознат како К-15 во износ од минимални 9.610 денари.

Според податоците за движењето на нето/бруто платата по вработен, К-15 за оваа година ќе се движи од 9.610 денари (40 отсто од износот на просечната нето плата во последните три месеци) до 14.090 денари (40 отсто од износот на просечната бруто плата во последните три месеци).

Услов кој треба да се исполни за  регресот за годишен одмор е  работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината.

Казните за работодавците се огромни и до 4.000 евра.За работодавачите кои нема да исплатат регрес за годишен одмор или ќе побараат од работниците да ги вратат парите предвидена е затворска казна до една година.

Промовирани огласи »

Патарината која добива најмногу пари од Македонците кои летуваат во Грција, онаа по граничниот премин „Богородица - Евзони“ ќе поскапи од 1,8 евра на 3 евра согласно новиот ценовник кој стапува на сила од 1 јануари, објави Ефимерида“.

Поскапувањето некаде ќе биде и 150-отстотно на автопатот „Егнатија“, кој се протега од јонскиот брег сè до границата со Турција, според договорот на грчката влада со концесионерите. Станува збор за поскапување од околу 3 центи по километар.

На излезот кај Аспровалта ќе се плаќаат 1,42 евра, а излезот за Кавала ќе се плаќаат 2,36 евра. На наплатната рампа Тириа, меѓу Игуменица и Јанина, наместо досегашните 2,10 евра, отсега ќе се плаќаат 3,42 евра. На вертикалните исклучоци кај Јеропиги ќе се плаќаат 2,36 евра.

Промовирани огласи »

Германската федерална влада го усвои долгоочекуваниот закон за миграција со кој се отстрануваат повеќе бирократски пречки за мигрантите што бараат работа во Германија, а особено ќе се олеснат доселувањето и вработувањето на работниците од земјите што не се членки на ЕУ, а со тоа и на оние од Балканот. 

Кабинетот го одобри законот за имиграција на квалификувани работници наменет за намалување на пречките за влез на работници од земјите што не се членки на ЕУ. На секое лице што е квалификувано би требало да му се дозволи влез во земјата без договор за работа. 

– Ова е добар ден за модерна Германија – истакна сојузниот министер за труд Хубертус Хејл, додека министерот за економија Петер Алтмаер оцени дека денот е историски. 

Со новата регулатива германската сојузна влада сака да го реши недостигот од квалификувани работници, што веќе е бариера за раст во некои индустрии и региони, смета Хејл. 

Законот за овозможување на вработувањата би требало да создаде нови перспективи за подобра интеграција на одбиените баратели на азил. Таканаречената толеранција за вработување на барателите на азил што живеат во Германија, а чии барања се одбиени, би им овозможила шанса за сигурно добивање дозвола за престој. Според новиот закон, ним би им било дозволено да останат во Германија две и пол години. Еден од предусловите е да работеле со полно работно време (најмалку 35 часа) најмалку 18 месеци, со социјално осигурување.

Како што пренесуваат одредени медиуми, ако законот добие зелено светло од Бундестагот, тој ќе стапи во сила во 2020 година. Сè уште е неизвесно дали конзервативното крило на владејачката Христијанско-демократската унија (ЦДУ) ќе ги прифати измените на законот.

Меѓутоа, законот за имиграција и вработување на квалификувани работници засега важи само во тек на ограничен временски период. Законот ќе стапи во сила на 1 јануари во 2020 година (за што Бундестагот сè уште треба да одлучи) и почетно ќе се применува само до 30 јуни 2022 година. Тоа значи дека ако следната сојузна влада не го обнови законот, тој ќе се применува само две и пол години.

Промовирани огласи »

Во Радишани почнува вонредна вакцинација против морбили и таа ќе важи од шестмесечни бебиња до млади на 14-годишна возраст, за да се намали опасноста од ширење на ова високозаразно заболување од кое може да има и смртни последици.

Градинката „Ташко Караџа“ во скопската населба Радишани, каде што пет деца и еден возрасен маж се заразиле со морбили најмалку две недели, ќе биде под клуч. Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство донесе ваква одлука, бидејќи можно е да има и до 136 новозаразени од мали сипаници, оти еден заболен може да зарази и до 20 здрави, невакцинирани лица.

Градинката е веќе дезинфицирана и сите 104 деца се дома, но тие и вработените можат да инфицираат други, бидејќи инкубацијата трае, па можно е да има и нови заболени.

Според здравствените власти децата кои се заболени се невакцинирани и се родени во 2016 година, кога опфатот со вакцинацијата бил околу 65 отсто, а тој треба да биде над 95 отсто за да се смета дека постои добра колективна заштита.

Од Институтот за јавно здравје велат дека ќе се проверуваат околу 100.000 вакцинални картони во Скопје, оти се очекува да бидат пронајдени од 5.000 до 10.000 невакцинирани деца. Според нив треба да се вакцинираат сите деца од една година до 14 години кои немаат доказ дека ја примиле оваа вакцина и тие ќе добијат покани.

Освен во Скопје ќе се проверуваат картоните за вакцинација на децата од целата земја. Во 2011 година имавме и еден смртен случај од ова заболување, од кое едно од 20 заболени може да се разболи од воспаление на белите дробови, а едно од илјада од менингитис.

Според министерот за здравство Венко Филипче ова се должи на негативните кампањи против вакцинирање, особено со вакцинацијата од МРП која штити од мали сипаници. Министерот апелира кон родителите да ги вакцинираат своите деца, бидејќи децата кои сега се заразени од мали сипаници не се вакцинирани.

Министерот е загрижен оти ова е веќе трета епидемија годинава, а тоа е сериозен знак на губење на колективниот имунитет од ова заболување.Филипче реагира дека не се почитува потребата да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште.

Ќе бидеме принудени да направиме законска промена. Ќе инсистирам на тоа, ќе направиме уште еден состанок со претставници на Министерство за образование и Министерство за труд и социјала. Невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија од болест која може да биде смртоносна, а може да се превенира со вакцинација – реагира Филипче.

Вакцинирањето на децата е задолжително, но родителите на своја рака одлучуваат да не ги вакцинираат и со тоа да ги доведат во опасност децата што се вакцинирани и родителите кои ги почитуваат препораките и прописите.

Три од петте деца заболени се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и се во стабилна здравствена состојба. Тие имаат полесни компликации, бронхопневмонија, ларингит, ентероколит. Според лекарите кај помалите деца компликациите се почести и посериозни, бидејќи нивниот имунолошки систем не е доволно развиен.

Епидемиолозите исто така предупредуваат дека малите сипаници се болест што можат да предизвика сетриозни компликации и апелираат дека вакцинацијата е единствената заштита. Можно е да дојде до воспаление на мозокот, но и да има смртни последици.

Годинава се регистрирани 51 случај на морбили. Болеста ја предизвикува вирус кој е многу заразен и се пренесува преку системот за дишење, а инкубацијата трае околу две недели. Болеста се манифестира со зголемена телесна температура од 38 до 40 степени, главоболка, малаксаност, вознемиреност и исипаност по телото.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »