Промовирани огласи »

Еколошката свест веќе не претставува луксуз, туку потреба. Поради овие причини, Германија од 2016-та воведе закон со кој се наплаќа користењето пластични ќеси. Според податоците од германското министерство за животна средина, од 2016 до 2019 година има пад од 64 отсто во употребата на пластични ќеси. Германија сака да продолжи со овој тренд и целосно да ги укине пластичните ќеси за да ги достигне европските регулативи. Според новите регулативи, Европската Унија до 2021 година ќе ги забрани производите од пластика за еднократна употреба, како што се пластичните сламки, виљушки, ножеви, како и другите производи од пластика. На оваа иницијатива се приклучува и локалната власт на Белград. Горан Весиќ, заменик-градоначалник на Белград, објави во медиумите дека од 1 јануари следната година ќе ги забрани пластичните ќеси и тие нема да смеат да се нудат во малопродажните објекти. Формалната одлука ќе биде донесена на седница на Собранието на градот Белград до крајот на месецов.


Секојдневно при купувањето разни намирници граѓаните користат биоразградливи ќеси. Но и тие сепак се пластични, иако имаат способност побрзо да се разградуваат од пластичните. Некои од еколошките организации тврдат дека користењето на овие ќеси исто така придонесува за загадување на околината. Токму поради овие причини, европските држави и многу други во светот прават напори за целосно укинување на употребата на пластичните ќеси.

Обичните пластични ќесиња кај нас се користеа до 2013 година, а потоа, поради промени во законската регулатива, стана задолжителна употребата на биоразградливите. Таа регулатива сѐ уште важи и доколку не се почитуваат правилата за стандардите на биоразградливост, се предвидува глоба од 3.000 евра, како за производителот, така и за трговецот. Сите маркети и продавници, не сакајќи финансиски да си наштетат, го почитуваат ова законско решение и ги користат биоразградливите ќеси. Но некои еколошки здруженија тврдат дека биоразградливите ќеси не се вистински разградливи. Тие воопшто не се разликуваат од пластичните по нивниот состав, единствената разлика се биоадитивите.

Според повеќето истражувања, за да се разградат пластичните ќесиња се потребни околу 200 години. Биоразградливите се разградуваат за пократок временски период, но, пак, станува збор за пластика. Материјалот што се користи кај нашите биоразградливи ќесиња теоретски ги исполнува условите за разградливост како што е дефинирано во стандардите, ама ќесата треба да е изложена на сонце за да се распаѓа – велат од здружението „Екосвест“.

Слични податоци наведува истражувањето од универзитетот „Плимонт“, кое ја истражува разградливоста на биоразградливите ќеси. Истражувачите од универзитетот ја испитувале деградацијата на пет биоразградливи ќеси во Велика Британија. Ќесите биле изложени на разни влијанија, едни од нив биле потопени во вода, други напластени со ѓубре. Студијата покажала дека биоразградливите пластични ќеси сè уште се способни да носат целосен товар откако биле изложени во природата на надворешни услови во рок од три години. Професорот по морска биологија Ричард Томсон за „Јуроњуз“ вели дека биоразградливите пластични ќеси едноставно не се разградливи во некое скоро време во природна средина.

Од „Екосвест“ исто така додаваат дека, и да имаат услови да се разградат, биоразградливите ќеси се разградуваат во помала или таканаречена микропластика, која, сепак, останува во природата долго време.

Овие ќеси во природата не се разградуваат туку само се распаѓаат на помали парчиња, кои потешко се забележуваат. Поради илјадниците „биоразградливи“ ќеси што се користат, депониите се еден од најголемите загадувачи на воздухот и почвата. Затоа мора да се размислува на рециклирање на пластиката, а не на производство на нова – велат од „Екосвест“.

Истражувањата на „Сајентифик Америка“ покажуваат дека во рибите од океаните и морињата е најдена микропластика. Исто така овие мали парчиња пластика се апсорбираат во почвата и воздухот, што претставува закана за здравјето на животните и луѓето. Со сите случувања во светот, поимот еколошка свест почнува да добива друга димензија. Негрижата за природата придонесува за низа негативни ефекти, кои ги гледаме и преку глобалното затоплување. Истото тоа се случува и со недоволната грижа за селектирањето и рециклирањето на отпадот. Дали и кај нас може да се продолжи иницијативата за укинување на пластичните ќеси, не добивме одговор ниту од Министерство за животна средина и просторно планирање, ниту, пак, од градот Скопје.

Но од еколошките здруженија апелираат дека треба да се преземе нешто, затоа што пополека процесот станува иреверзибилен.

Промовирани огласи »

Во текот на 2018 година официјалната статистика регистрирала 846 повреди на работните места во земјава. Од Македонското здружение за заштита при работа, (МЗЗПР), пак, истакнуваат дека оваа статистика во голем дел се разликува од статистиката што тие ја имаат во однос на повреди на работни места и оти нив ги има во многи поголем број, а особено, како што велат, во однос на бројот на смртни последици. Според нив, по еден човек неделно во земјава умира на работното место.

Како што беше речено денеска на шестата сесија на Работната група 2 (Социјална политика и вработување – Поглавје 19) од Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), освен повредите и смртните случаи на работните места, проблем се и професионалните заболувања за кои, како што велат од МЗЗПР, никој не прави соодветна анализа. Учесниците на оваа сесија се согласни во ставот дека за надминување на ваквите состојби, освен законската регулатива, е потребна и нејзина целосна примена, ангажирање на сите експерти од оваа област при изготвување на проценката на ризик, но социјален дијалог со вклучување на сите засегнати страни.

Државниот секретар во МТСП, Јована Тренчевска, која ги соопшти бројките од Институтот за јавно здравје, појасни дека од официјално заведените повреди, најмногу и натаму се во индустријата и рударството. Од повредите, во 58 отсто слулаи се повреди на мажи, а најголем дел од сите повреди се случиле на работни места во компании во Скопје.

Спречувањето на вакви ситуации, намалување на можностите за настанување на несреќи, намалување на ризиците, спречување или намалување на влијанието на штетностите и опасностите со кои се соочуваат или доаѓаат во допир работниците при нивната работа е нешто на кое сите ние претставници на институции, работодавачи и синдикати, здруженија… мора заедно и координирано и поинтензивно да работиме, рече Тренчевска.

Тоа, додаде, е особено значајно сега во време на промени глобално и локално, промени кои неизбежно ја менуваат работата, работните места, условите и формите на работа.

Претседателот на МССПР Милан Петковски истакна дека состојбите во земјава во оваа сфера се далеку од идеални. Статистиките, рече, тоа го покажуваат.

Официјалната статистика и она што ние го водиме како статистика во голем дел се разликува. Според едвиденцијата што ја водиме од 2007 година, секоја година во просек, се разбира има и нагорна и надолна линија, по еден човек неделно гине на работните места. Спорно е дали тоа го евидентираат одредени иснтитуции, дали тоа спаѓа во нивите евиденции, но факт е дека по еден работник неделно гине на работно место, рече Петковски, обраќајки се на сесијата на тема „Безбедност и здравје на работниците на работното место: Национални услови и европски перспективи“.

Според него, ваквите состојби не се решаваат со закон, туку и со ангажман на стручни лица за проценка на ризик за да може да се овозможи соодветна заштита.

Законот не е ништо друго, освен договор каде трите страни седнале и се договориле, односно двете страни, а државата посведочила и се обврзала дека ќе го спроведува во име на овие двете –  работниците и работодавачите, рече Петковски.

На дебатата учествуваа експерти од НКЕУ-МК кои одговораа на  прашањата за ефикасна имплементација на Законот за заштита при работа од 2007 година, бидејќи, како што посочува организаторот,  реалноста сигнализира дека во нашата држава, и покрај законските одредби, бројот на несреќи при работа постојано се зголемува.

Промовирани огласи »

Цената на дизел горивото од ноќеска на полноќ поскапува за половина денар по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,95 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 61, а на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) 51 денар за литар. Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе продолжи да се продава за 66,5, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за 68,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,924 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 32,574 денари.

Промовирани огласи »

Венко Филипче, министерот за здравство, објави дека е исполнет критериумот за имунизација кој го препорачува Светската здравствена организација кога станува збор за вакцинирањето против морбили.

Стапката на вакцинација во целата држава изнесува 98%. Во градот Скопје изнесува 99%, а во останатиот дел од државата 97%, со што исполнета е препораката на Светската здравствена организација.

Досега, вакцинирани се 35.870 лица со МРП вакцина на возраст до 14 годишна возраст. Во Скопје вакцинирани се 16.732, а во останатиот дел од државата вакцинирани се 19.138 лица, напиша Филипче на својот профил на Фејсбук.

Министерот пред стартот на новата училишна година ги предупреди родителите дека сите деца треба да бидат вакцинирани.

Родителите ги послушаа препораките на Министерството за здравство и ја препознаа важноста за навремено вакцинирање на децата со МРП вакцина. Сите деца што се невакцинирани, за да се заштитат од заболувањето, треба веднаш да се вакцинираат., додаде Филипче.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »