Промовирани огласи »

Работодавачите многу често исплаќаат незначителни износи на име регрес за годишен одмор, за што говорат и документираните случаи на Хелсиншкиот комитет, во кои работодавачите не ретко исплаќаат 1.000, 500, па дури и 100 денари регрес за годишен одмор.

Околу седум отсто од сите случаи на повреди на работнички права пријавени до Хелсиншкиот комитет за човекови права се однесуваат токму на случаите поврзани со исплаќањето на регресот за годишен одмор, оценува Хелсиншкиот комитет за човекови права во правен осврт и мислење по однос на правото на регрес за годишен одмор (К-15) со цел потемелно да ги информира работниците околу остварувањето на ова право.

Оттаму информираат дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата, а износот на регресот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата во држвава исплатена во последните три месеци. Во пракса тоа значи дека доколку еден работник, кој најмалку шест месеци во календарската година работел кај ист работодавач, во последните 3 месеци земал плата од 25.220 денари нето, има право на регрес на годишен одмор од најмалку 10.088 денари.

Хелсиншки укажува дека работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто, согласно Спогодбата за изменување и дополнување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Ова е дозволено само по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, што значи дека со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со претставник избран од работниците.

„Ваквата промена неретко доведува до злоупотреба и изигрување на овој став од член 35 од Колективниот договор од страна на работодавачите. Ова е последица на правната недореченост на измените и дополнувањата на Колективниот договор во насока на непостоење на јасни критериуми околу тоа како се утврдува дали навистина постоеле објективни потешкотии при работењето и соодветна проценка на големината на проблемите. Измените и дополнувањата не ги пропишуваат ниту критериумите за ценење на економско-финансиската состојба на работодавачот ниту пак предвидуваат кој треба да ја спроведе ваквата постапка“, информира Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Тоа, како што дополнува, резултира со правна несигурност на работниците и неможност на Државниот инспекторат за труд да утврди прекршување на работничките права од колективен договор, заради недостаток на прецизни критериуми и постапки за утврдување на потешкотиите во работењето на работодавачот. Таквата ситуација овозможува за работодавачот да е доволно едноставно да приложи завршна сметка во која ќе покаже помал профит во календарската година, во споредба со претходната, за да докаже дека имал потешкотии во работењето и да исплати помал регрес за годишен одмор од предвидениот минимум од 40 отсто од основицата.

„Како резултат на ова, многу често работодавачите исплаќаат незначителни износи на име регрес за годишен одмор, за што говорат и документираните случаи на Хелсиншкиот комитет, во кои работодавачите неретко исплаќаат 1000, 500, па дури и 100 денари регрес за годишен одмор. Околу 7 отсто од сите случаи на повреди на работнички права пријавени до Хелсиншкиот комитет за човекови права се однесуваат токму на случаите поврзани со исплаќањето на регресот за годишен одмор“, стои во правниот осврт.

Дополнителен проблем, наведуваат, е тоа што во случаи кога работодавачот има потешкотии во работењето, повторно нема јасни критериуми за намалувањето на износот на регрес за годишен одмор. Целосно е нејасно колку помал износ oд предвидениот минимум му е дозволено на работодавачот да исплати vis a vis потешкотиите  во работењето. Тоа значи дека утврдувањето на ваквиот износ е дискреционо право на работодавачите или на државните инспектори за труд, во случаите во кои Инспекторатот ќе утврди дека работодавачот не исплатил регрес за годишен одмор или исплатил регрес помал од предвидениот.

„Оттука, поради трендот на исплата на регрес за годишен одмор во многу мал и незначителен износ, неопходно е воведување на јасни критериуми и постапки за утврдување дали, а доколку е тоа случај, во колкав обем, работодавачот навистина се соочува со финансиски потешкотии во работењето. Само на тој начин ќе се избегнат моменталните нормативни парадокси со кои е возможно работодавачот континуирано да има зголемен обем на работа, а истовремено да се соочува со финансиски потешкотии, па како резултат на тоа да исплаќа регрес за годишен одмор во износ помал од утврдената основица. Работниците во ваква ситуација немаат никаква заштита на која можат да се повикаат доколку не им е исплатен соодветен надоместок за регрес на годишен одмор, па така, надоврзувајќи се на погоре наведениот пример, работникот кој има право на К-15 од најмалку 10.088 денари, може на крајот да добие само 100 денари“, велат од Хелсиншки.

Според нив, Државниот инспекторат за труд мора да посвети должно внимание за да истражи како во секој поединечен случај се назначува претставникот и да процени дали фактите врз основа на кои била направена проценката го задоволуваат критериумот за финансиски потешкотии во работењето, стои во заклучокот од правниот осврт на Хелсишншкиот комитет.

На овој начин, дополнуваат оттаму, работодавачите во процесот на исплата на регрес за годишен одмор ќе можат доследно и целосно да ги почитуваат одредбите од Општиот колективен договор и толкувањата на Комисијата за толкување на колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Со тоа, законодавецот ќе ги охрабри синдикалните организации да застанат на страна на заштита на работниците и ќе им овозможи будно да ја следат состојбата со исплатата на регресот за годишен одмор, особено во текстилните и кожарски фабрики каде има формирано синдикати.

„Конечно, со ова Државниот инспекторат за труд ќе може да врши засилен мониторинг во процесот на исплата на регрес за годишен одмор од страна на работодавачите и навремено и ефикасно да постапува по поднесените барања за инспекциски надзор за евентуални повреди и прекршувања на работничките права поврзани со исплата на регрес за годишен одмор. Само така ќе се прати порака на охрабрување до сите работнички и работници и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права“, заклучува Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Промовирани огласи »

Управата за јавни приходи соопшти дека денеска сите преостанати граѓани кои скенираат фискални сметки ќе добијат исплата на поврат на ДДВ.

Ова е прв циклус на исплата од мерката на владата МојДДВ што почна во јули годинава и се однесува на периодот јули, август и септември 2019 година, а почна со исплата на 2-ри овој месец.

Согласно законското решение се врши поврат од 15 отсто од платеното ДДВ, а за овој период повратот од 15 отсто од платениот ДДВ е во износ од 186.215.194 денари.

Во првиот квартал од МојДДВ скенирани се 22.670.713 фискални сметки, остварен е вкупен промет во износ од 11.423.978.620 денари, со пресметан вкупен ДДВ во износ од 1.241.434.628 денари.

Од 15-ти овој месец почнува и наградната игра МојДДВ#МојаНаграда која предвидува 3.852 парични награди во вкупен фонд од половина милион евра.

Промовирани огласи »

Шведската активистка, Грета Тунберг е личност на годината според магазинот „Тајм“. 

Таа се здоби со ова признание, откако инспирираше глобално движење против климатски промени. Шеснаесетгодишната Швеѓанка е најмладата личност која се закитила со оваа титула откако магазинот ја почна традицијата во 1927 година.

Пред една година, Тунберг секој петок почна да протестира пред зградата на шведскиот парламент, што ќе прерасне во глобално движење на кое му се придружија милиони млади. Девојката дури беше еден од фаворитите за Нобелова награда за мир.

Но, таа за своите активности добиваше и критики од јавни личности. 

Промовирани огласи »

Министерките за труд и за финансии, Мила Царовска и Нина Ангеловска, со свои аргументи возвраќаат на загриженоста на Светска банка, од каде на барање на Фактор предупредија дека зголемувањето на пензиите што се планира од идната година може да ја поткопа долгорочната одржливост на пензискиот систем, како и дека одложувањето на прогресивниот данок нема да ја елиминира сивата економија. 

Од Министерството за труд и социјална политика за Фактор велат дека зголемувањето на пензиите што е најавено за идната година, ќе биде врз основа на закон. Односно, до крајот на годинава треба да се изгласаат измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои пензиите ќе можат да растат и доколку растат минималната и просечната плата.

„Предложено е системско решение со кое се предвидува дополнително зголемување на пензиите, па освен според растот на БДП, пензиите ќе можат да се зголемуваат и според растот на платите. Со предложените законски измени се предвидува во години на раст на минималната плата над 15 отсто и на раст на просечната плата за 5 отсто, да има можност и за покачување на пензиите и за пет отсто“, велат од Министерството за труд и социјала.

Всушност, со тие законски измени ќе се овозможи пензиите идната година да се зголемат за 700 денари, а плус ќе биде редовното усогласување со животните трошоци што се прави два пати годишно, што ќе донесе додатни 160 до 200 денари за пензионерите.

Но, за потсетување, токму со реформата што стартувше од почетокот на годинава, и чија основна цел беше да се санира дупката во Пензискиот фонд, министерството го укина дотогашното правило пензиите да се зголемуваат половина според растот на платите, а половина според трошоците на живот, и како критериум останаа единствено животните трошоци. 

Од ресорот за труд потенцираат дека за само едена година од имплементацијата, пензиската реформа ги дала очекуваните резултати. 

„Дефицитот во Фондот за ПИО е намален за 3,7 милијарди денари, а приходите се зголемени за 10 отсто. Очекувањето е дека приходите ќе продолжат да се зголемуваат со порастот на минималната и просечната плата, со зголемувањето на вработеноста, но и со мерката субвенционирање на придонеси за раст на плати за која во буџетот за 2020 година се предвидени 2,4 милијарди денари“, велат од Министерството за труд. 

А од Светска банка предупредија дека најавеното зголемување на пезиите може да ги поткопа целите на пензиската реформа спроведена во 2018 година, кои беа насочени кон постепено стабилизирање на пензиските финансиски текови. 

„Бидејќи, како што може да се види - повторно ќе се воведе ад-хок дискреционо индексирање на пензиите, а згора на тоа, ќе има и редовно индексирање со трошоците на живот. Ова може да ја поткопа долгорочната одржливост на пензискиот систем, и негативно ќе влијае на можноста на помладите генерации да се пензионираат со соодветен износ на пензија“, велат за Фактор од Светска банка. 

За ставот на Светска банка, пак, дека одлуката да се замрзне прогресивниот данок е донесена врз основа на нецелосни податоци, од Министерството за финансии за Фактор велат дека Oдлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок е донесена врз основа на анализа на големи податоци, собрани за даночни цели. Новите технологии, според Финансии, овозможуваат да се извлече тенденцијата и да се донесе заклучок врз основа на електронско пријавување и наплата на данокот на личен доход.

„При анализата и донесувањето на одлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок на персонален данок, токму ја имавме во предвид и високата неформалност во економијата и таа загриженост ни беше исто така вметната како многу важна детерминанта во крајната одлука. Пониските даночни стапки е точно дека не може да ја решат сивата економија, но сигурно е дека ќе спречат дополнително избегнување на даноците и по дефиниција пониските даноци го шират опфатот на даночни обврзници. Едно од образложенијата за донесеното решение беше дека треба сеопфатност, односно прво да се вклучат во системот сите кои до сега тоа го избегнувале, бидејќи меѓу обврзниците редовни плаќачи постои незадовослство во смисла тие што плаќаат - да плаќаат уште повеќе. Дополнително, најавивме дека не очекуваме сивата економија сама од себе да се намали со ставање на прогресивниот данок во мирување, туку адресирањето на сивата економија е приоритет на Министерството и на неа се работи со конкретни активности и мерки. Инаку, намалувањето на сивата економија е еден од предусловите за воведувањето на ваква комплексна даночна реформа.Точно е дека борбата со неформалната економија бара мулти-секторски пристап, и Министерството за финансии планира со таквиот настап значително да ја намали неформалната економија во текот на наредните три години“, појаснуваат од Финансии. 

Мора да се има и предвид, додаваат, даночното окружување во регионот. Се соочуваме со ситуација каде одредени даночни обврзници го преселуваат својот доход кон земјите од окружувањето, поради поповолни даночни стапки. Ова е допoлнителен фактор кој го покажа анализата и потврди дека одлуката не е предвремена.

„Министерството за финансии останува на ставот дека прогресивен данок на личен доход може да даде добри општествено-економски ефекти и поправедно и поразвиено општество, доколку има оптимален дизајн, во чиј центар е домаќинството - доколку е донесен во консултативен процес со сите засегнати страни и врз основа на објективни анализи и истражувања; и доколку се зајакнати механизмите за елиминирање на сивата економија. Исто така треба да се подигне довербата во институциите, како и да се воспостават ефикасни и ефективни процеси со искористување на потенцијалот од технологијата, со цел намалување на административниот товар“, потенцираат од Министерството за финансии.

Светска банка, пак, смета дека одлуката за стопирање на прогресивниот данок се заснова на анализа на прелиминарни и нецелосни податоци, така што во најдобар случај ова го смета како предвремена одлука. 

„И додека ја споделуваме загриженоста поради високата неформалност во економијата, која бара мулти-секторски пристап, задржувањето на даноците на ниско ниво, тој проблем нема да го елиминира“, потенцираа од Светска банка.

Кога екс министерот Драган Тевдовски го воведе прогресивниот данок, од Светска банка беше поздравен тој чекор. 

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »