Министерките за труд и за финансии, Мила Царовска и Нина Ангеловска, со свои аргументи возвраќаат на загриженоста на Светска банка, од каде на барање на Фактор предупредија дека зголемувањето на пензиите што се планира од идната година може да ја поткопа долгорочната одржливост на пензискиот систем, како и дека одложувањето на прогресивниот данок нема да ја елиминира сивата економија.
Од Министерството за труд и социјална политика за Фактор велат дека зголемувањето на пензиите што е најавено за идната година, ќе биде врз основа на закон. Односно, до крајот на годинава треба да се изгласаат измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои пензиите ќе можат да растат и доколку растат минималната и просечната плата.
„Предложено е системско решение со кое се предвидува дополнително зголемување на пензиите, па освен според растот на БДП, пензиите ќе можат да се зголемуваат и според растот на платите. Со предложените законски измени се предвидува во години на раст на минималната плата над 15 отсто и на раст на просечната плата за 5 отсто, да има можност и за покачување на пензиите и за пет отсто“, велат од Министерството за труд и социјала.
Всушност, со тие законски измени ќе се овозможи пензиите идната година да се зголемат за 700 денари, а плус ќе биде редовното усогласување со животните трошоци што се прави два пати годишно, што ќе донесе додатни 160 до 200 денари за пензионерите.
Но, за потсетување, токму со реформата што стартувше од почетокот на годинава, и чија основна цел беше да се санира дупката во Пензискиот фонд, министерството го укина дотогашното правило пензиите да се зголемуваат половина според растот на платите, а половина според трошоците на живот, и како критериум останаа единствено животните трошоци.
Од ресорот за труд потенцираат дека за само едена година од имплементацијата, пензиската реформа ги дала очекуваните резултати.
„Дефицитот во Фондот за ПИО е намален за 3,7 милијарди денари, а приходите се зголемени за 10 отсто. Очекувањето е дека приходите ќе продолжат да се зголемуваат со порастот на минималната и просечната плата, со зголемувањето на вработеноста, но и со мерката субвенционирање на придонеси за раст на плати за која во буџетот за 2020 година се предвидени 2,4 милијарди денари“, велат од Министерството за труд.
А од Светска банка предупредија дека најавеното зголемување на пезиите може да ги поткопа целите на пензиската реформа спроведена во 2018 година, кои беа насочени кон постепено стабилизирање на пензиските финансиски текови.
„Бидејќи, како што може да се види - повторно ќе се воведе ад-хок дискреционо индексирање на пензиите, а згора на тоа, ќе има и редовно индексирање со трошоците на живот. Ова може да ја поткопа долгорочната одржливост на пензискиот систем, и негативно ќе влијае на можноста на помладите генерации да се пензионираат со соодветен износ на пензија“, велат за Фактор од Светска банка.
За ставот на Светска банка, пак, дека одлуката да се замрзне прогресивниот данок е донесена врз основа на нецелосни податоци, од Министерството за финансии за Фактор велат дека Oдлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок е донесена врз основа на анализа на големи податоци, собрани за даночни цели. Новите технологии, според Финансии, овозможуваат да се извлече тенденцијата и да се донесе заклучок врз основа на електронско пријавување и наплата на данокот на личен доход.
„При анализата и донесувањето на одлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок на персонален данок, токму ја имавме во предвид и високата неформалност во економијата и таа загриженост ни беше исто така вметната како многу важна детерминанта во крајната одлука. Пониските даночни стапки е точно дека не може да ја решат сивата економија, но сигурно е дека ќе спречат дополнително избегнување на даноците и по дефиниција пониските даноци го шират опфатот на даночни обврзници. Едно од образложенијата за донесеното решение беше дека треба сеопфатност, односно прво да се вклучат во системот сите кои до сега тоа го избегнувале, бидејќи меѓу обврзниците редовни плаќачи постои незадовослство во смисла тие што плаќаат - да плаќаат уште повеќе. Дополнително, најавивме дека не очекуваме сивата економија сама од себе да се намали со ставање на прогресивниот данок во мирување, туку адресирањето на сивата економија е приоритет на Министерството и на неа се работи со конкретни активности и мерки. Инаку, намалувањето на сивата економија е еден од предусловите за воведувањето на ваква комплексна даночна реформа.Точно е дека борбата со неформалната економија бара мулти-секторски пристап, и Министерството за финансии планира со таквиот настап значително да ја намали неформалната економија во текот на наредните три години“, појаснуваат од Финансии.
Мора да се има и предвид, додаваат, даночното окружување во регионот. Се соочуваме со ситуација каде одредени даночни обврзници го преселуваат својот доход кон земјите од окружувањето, поради поповолни даночни стапки. Ова е допoлнителен фактор кој го покажа анализата и потврди дека одлуката не е предвремена.
„Министерството за финансии останува на ставот дека прогресивен данок на личен доход може да даде добри општествено-економски ефекти и поправедно и поразвиено општество, доколку има оптимален дизајн, во чиј центар е домаќинството - доколку е донесен во консултативен процес со сите засегнати страни и врз основа на објективни анализи и истражувања; и доколку се зајакнати механизмите за елиминирање на сивата економија. Исто така треба да се подигне довербата во институциите, како и да се воспостават ефикасни и ефективни процеси со искористување на потенцијалот од технологијата, со цел намалување на административниот товар“, потенцираат од Министерството за финансии.
Светска банка, пак, смета дека одлуката за стопирање на прогресивниот данок се заснова на анализа на прелиминарни и нецелосни податоци, така што во најдобар случај ова го смета како предвремена одлука.
„И додека ја споделуваме загриженоста поради високата неформалност во економијата, која бара мулти-секторски пристап, задржувањето на даноците на ниско ниво, тој проблем нема да го елиминира“, потенцираа од Светска банка.
Кога екс министерот Драган Тевдовски го воведе прогресивниот данок, од Светска банка беше поздравен тој чекор.