Промовирани огласи »

Се повеќе житарки и тестенини, а се помалку риба и месо. На просечната трпеза во Македонија преовладуваат производите кои се најевтини.

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека просечниот Македонец на ден јаде по нешто над 200 грама леб, околу 100 грама други житарки и 20 грама тестенини.

Кај зеленчукот најконсумирани се компирите, по околу 80 грама, следат оризот со 20-на грама, гравот со 15, кромидот и лукот со по околу 30, исто колку и зелката. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60.

Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје, кајсиите и праските едвај надминуваат 10 грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најмногу се јадат пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден. Целиот текст може да го прочитате тука

Извор:Денар

Промовирани огласи »

Нема место за сомнеж дека оваа година убаво ќе се потрошиме за празниците што доаѓаат.

Трговците почнаа да тријат раце, а граѓаните да ги прават математиките како да потрошат помалку. Се ближат убави празници, но исто така и убави вонредни трошоци.

За прославата на Нова година и Божиќ, како и обично, секој ќе си ги пружи нозете повеќе од чергата, дури и ако ја смисли најскромната варијанта. Ако се додаде и Свети Никола, славата што овој месец ја слават најголемиот дел од православните жители на државата, на декемвриските трошења им нема крај.

Само две недели не делат од најлудата ноќ, а во маркетите, месарниците и зелените пазари се уште нема редици, што не значи дека наскоро нема да има. Каде и да ја слави Нова година, ретко кој ќе се откаже од тоа на домашната трпеза да го стави вообичаеното скромно мени: малку мевце, сарма, па руска салатичка, кифлички, нешто за пиење, торта, колачи... Оние кои ќе решат да слават сами дома, за ова ќе мора да одвојат неколку илјадарки. Тие пак, кои ќе одат во ресторан или кафуле, ќе мораат да се простат барем од уште толку пари за свечената тоалета и за прославата. Некои ќе заминат надвор од земјата, да го почувствуваат новогодишниот амбиент во светските метрополи и за тоа ќе им бидат малку неколку просечни македонски плати.

Промовирани огласи »

Нина Ангеловска, министерката за финансии, денеска изјави дека првото извлекување на добитниците на Наградната игра „МојДДВ“ ќе биде на 4 јануари, додека проектот официјално започнува в недела.

На 4 јануари првото извлекување во Лотарија на Македонија. На апликацијата ќе може да се види кога се извлекувањата. Ќе има две главни награди од 3 милиони денари - од кои првата ќе се извлече на 18 март, додека втората треба во декември. Наградите ќе бидат исплаќани на евидентираните трансакциски сметки, но добитниците претходно ќе бидат повикани во Државната лотарија за да бидат евидентирани според лична карта, рече денеска Ангеловска.

Станува збор за награден фонд од пола милион евра поделен на 3.852 парични награди. Со истата е замислено да се засили борбата против сивата економија, бидејќи граѓаните кои скенираат фискални сметки, покрај тоа штп ќе добиваат поврат на ДДВ, ќе бидат и потенцијални добитници.

Ќе трае точно една година и ќе има награди секој 10-ти ден. Во мобилната апликација веќе има апдејт за да се сложите со условите на наградната игра. До сега 80.000 корисници се сложиле. На иконата „моја награда“ ќе има сериски број, вкупно ќе има 12 кола секој месец, наведе Ангеловска.

Промовирани огласи »

Работодавачите многу често исплаќаат незначителни износи на име регрес за годишен одмор, за што говорат и документираните случаи на Хелсиншкиот комитет, во кои работодавачите не ретко исплаќаат 1.000, 500, па дури и 100 денари регрес за годишен одмор.

Околу седум отсто од сите случаи на повреди на работнички права пријавени до Хелсиншкиот комитет за човекови права се однесуваат токму на случаите поврзани со исплаќањето на регресот за годишен одмор, оценува Хелсиншкиот комитет за човекови права во правен осврт и мислење по однос на правото на регрес за годишен одмор (К-15) со цел потемелно да ги информира работниците околу остварувањето на ова право.

Оттаму информираат дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата, а износот на регресот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата во држвава исплатена во последните три месеци. Во пракса тоа значи дека доколку еден работник, кој најмалку шест месеци во календарската година работел кај ист работодавач, во последните 3 месеци земал плата од 25.220 денари нето, има право на регрес на годишен одмор од најмалку 10.088 денари.

Хелсиншки укажува дека работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто, согласно Спогодбата за изменување и дополнување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Ова е дозволено само по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, што значи дека со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со претставник избран од работниците.

„Ваквата промена неретко доведува до злоупотреба и изигрување на овој став од член 35 од Колективниот договор од страна на работодавачите. Ова е последица на правната недореченост на измените и дополнувањата на Колективниот договор во насока на непостоење на јасни критериуми околу тоа како се утврдува дали навистина постоеле објективни потешкотии при работењето и соодветна проценка на големината на проблемите. Измените и дополнувањата не ги пропишуваат ниту критериумите за ценење на економско-финансиската состојба на работодавачот ниту пак предвидуваат кој треба да ја спроведе ваквата постапка“, информира Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Тоа, како што дополнува, резултира со правна несигурност на работниците и неможност на Државниот инспекторат за труд да утврди прекршување на работничките права од колективен договор, заради недостаток на прецизни критериуми и постапки за утврдување на потешкотиите во работењето на работодавачот. Таквата ситуација овозможува за работодавачот да е доволно едноставно да приложи завршна сметка во која ќе покаже помал профит во календарската година, во споредба со претходната, за да докаже дека имал потешкотии во работењето и да исплати помал регрес за годишен одмор од предвидениот минимум од 40 отсто од основицата.

„Како резултат на ова, многу често работодавачите исплаќаат незначителни износи на име регрес за годишен одмор, за што говорат и документираните случаи на Хелсиншкиот комитет, во кои работодавачите неретко исплаќаат 1000, 500, па дури и 100 денари регрес за годишен одмор. Околу 7 отсто од сите случаи на повреди на работнички права пријавени до Хелсиншкиот комитет за човекови права се однесуваат токму на случаите поврзани со исплаќањето на регресот за годишен одмор“, стои во правниот осврт.

Дополнителен проблем, наведуваат, е тоа што во случаи кога работодавачот има потешкотии во работењето, повторно нема јасни критериуми за намалувањето на износот на регрес за годишен одмор. Целосно е нејасно колку помал износ oд предвидениот минимум му е дозволено на работодавачот да исплати vis a vis потешкотиите  во работењето. Тоа значи дека утврдувањето на ваквиот износ е дискреционо право на работодавачите или на државните инспектори за труд, во случаите во кои Инспекторатот ќе утврди дека работодавачот не исплатил регрес за годишен одмор или исплатил регрес помал од предвидениот.

„Оттука, поради трендот на исплата на регрес за годишен одмор во многу мал и незначителен износ, неопходно е воведување на јасни критериуми и постапки за утврдување дали, а доколку е тоа случај, во колкав обем, работодавачот навистина се соочува со финансиски потешкотии во работењето. Само на тој начин ќе се избегнат моменталните нормативни парадокси со кои е возможно работодавачот континуирано да има зголемен обем на работа, а истовремено да се соочува со финансиски потешкотии, па како резултат на тоа да исплаќа регрес за годишен одмор во износ помал од утврдената основица. Работниците во ваква ситуација немаат никаква заштита на која можат да се повикаат доколку не им е исплатен соодветен надоместок за регрес на годишен одмор, па така, надоврзувајќи се на погоре наведениот пример, работникот кој има право на К-15 од најмалку 10.088 денари, може на крајот да добие само 100 денари“, велат од Хелсиншки.

Според нив, Државниот инспекторат за труд мора да посвети должно внимание за да истражи како во секој поединечен случај се назначува претставникот и да процени дали фактите врз основа на кои била направена проценката го задоволуваат критериумот за финансиски потешкотии во работењето, стои во заклучокот од правниот осврт на Хелсишншкиот комитет.

На овој начин, дополнуваат оттаму, работодавачите во процесот на исплата на регрес за годишен одмор ќе можат доследно и целосно да ги почитуваат одредбите од Општиот колективен договор и толкувањата на Комисијата за толкување на колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Со тоа, законодавецот ќе ги охрабри синдикалните организации да застанат на страна на заштита на работниците и ќе им овозможи будно да ја следат состојбата со исплатата на регресот за годишен одмор, особено во текстилните и кожарски фабрики каде има формирано синдикати.

„Конечно, со ова Државниот инспекторат за труд ќе може да врши засилен мониторинг во процесот на исплата на регрес за годишен одмор од страна на работодавачите и навремено и ефикасно да постапува по поднесените барања за инспекциски надзор за евентуални повреди и прекршувања на работничките права поврзани со исплата на регрес за годишен одмор. Само така ќе се прати порака на охрабрување до сите работнички и работници и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права“, заклучува Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »