На последната седница што ќе ја одржи оваа година, најверојатно во текот на викендов, Владата треба да ја усвои Уредбата, од која се очекува да расчисти многу дилеми за тоа за кои возила колкав данок ќе се плаќа.
Според извори од Министерството за финансии, има големи изгледи Уредбата која сите ја чекаат, да се најде на дневен ред на наредната седница на Владата. Вообичаено седниците се држат во вторник, но следната ќе се помести за малку порано, бидејќи во вторник е 31 декември и вечерта се дочекува Новата Година.
А Законот за данок на моторни возила беше изгласан пред околу една недела, по што претседателот на државата го потпиша указот, така што ова законско решение е веќе објавено во „Службен весник“.
Законот ќе стапи на сила веќе од први јануари идната година, но граѓаните уште не знаат колкави ќе бидат даночните стапки, бидејќи сите детали ќе се прецизираат со Уредбата, која ќе дефинира каде колку ќе биде данокот по вредност на возилото, а колку данокот по загадување.
Од Владата признаваат дека законот оставил вакви нејаснотии, па затоа и брзаат да ја донесат Уредбата до крајот на годинава.
Сепак, во Законот за данок на моторни возила, во членот 37, е наведено дека „подзаконските прописи утврдени со овој закон, ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон“.
Така што, откако ќе се донесе уредбата, останува да се види дали тогаш, или после три месеци, ќе се дознаат различните даночни стапки за пооделните видови возила.
Она што сега се знае е дека висината на данокот ќе зависи од годината на производство на возилото и неговата набавна цена, како и од тоа колкава емисија на јаглерд диоксид испушта во околината.
Министерката за финансии Нина Ангеловска неодамна изјави дека со овој закон всушност, оние што загадуваат, ќе плаќаат поголем данок. Според неа, користен бил примерот на Хрватска, каде се покажале значителни резултати со дестимулирање купување возила што загадуваат.
„Досега даночењето на возилата беше третирано исклучиво од фискален аспект на приходи во Буџетот. Со новиот предлог-закон се стимулира набавката на еколошки возила. Најчесто купуваните возила меѓу 8 и 15.000 евра, со еуро стандард 5 или 6, ќе имаат дури и помал данок“, нагласи министерката.
Директорот на Царината, Ѓоко Танасоски, пред извесен период изјави дека не може преку ноќ да се преуреди структурата на возниот парк, кој има просечна старост меѓу 15 и 18 години, и во кој само еден процент од возилата имаат еуро 6 стандард, но, од некаде мора да се почне, а тоа е со овој закон.
Како данокот ќе влијае врз цената на автомобилите што ќе се увезуваат, тој објасни дека промената на цените не се очекува да се почувствува во првата година, туку процесот ќе се одвива постепено.
Граѓаните кои ќе набавуваат возило по стапувањето на сила на новиот Закон, ќе имаат на располагање Калкулатор на веб страната на Царинската управа, за пресметка на данокот.
Во предлог законот, меѓу другото, стои и дека на таксистите ќе им бидат вратени 25 отсто, односно 80 проценти од данокот, ако се работи за возило со осум или девет седишта. Истото важи и доколку такво возило правни лица користат за превоз на лица за службени потреби, како и за возилата за домување. Истиот член предвидува и износот на платениот данок да се врати во целост за нови трицикли или четирицикли набавени од страна на регистрирани лица за вршење основна дејност комунална хигиена.
Колку пари државата ќе сеобере од овие даноци, не може однапред да се предвиди, велат од Владата.
Во изминативе 10 години во земјава биле увезени над 300 илјади половни автомобили.