Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на прес-конференција рече дека е „шокантно“ колку малку е направено за да се обезбеди фер дистрибуција на вакцините низ целиот свет и со тоа да се избегне „катастрофален морален неуспех“.
Земјите кои сега вакцинираат помлади, поздрави луѓе со помал ризик од заболување, тоа го прават по цена на животот на здравствените работници, старите лица и другите ризични групи во други земји – рече Тедрос.
Тој додаде дека нееднаквата дистрибуција на вакцините, покрај моралниот гнев што може да го предизвика, е лоша стратегија од економска и епидемиолошка гледна точка.
Тедрос објасни дека колку повеќе вирусот се пренесува, толку е поголема веројатноста дека ќе се појават нови варијанти, „против кои вакцините тешко дека ќе бидат толку ефикасни“.
Од оваа гледна точка, тој смета дека богатите земји си даваат „лажно чувство на безбедност“.
Ако не ја завршиме оваа пандемија што е можно побрзо, таа може да се задржи со години – предупреди тој.
До денеска, дистрибуирани се повеќе од 455 милиони дози вакцина против Ковид-19 на вкупно 162 територии.
Сепак, само 0,1 процент од нив се инјектираат во 29 земји со најнизок приход каде што живее девет отсто од светската популација.
Спротивно на тоа, 56 проценти од дозите се насочуваат во земји со високи примања, каде што живее 16 отсто од светската популација.
Еден начин да се добијат вакцини во сиромашните земји е преку Ковакс, глобален механизам кој се обидува да обезбеди 92 од најзагрозените економии да имаат пристап до овие имунизации, чии трошоци ќе бидат покриени од донатори.
Ковакс дистрибуираше повеќе од 31 милион дози во 57 земји и планира да дистрибуира доволно вакцини за да достигне до 27 отсто од населението во тие 92 земји.
Повеќе од 2,7 милиони потврдени смртни случаи од коронавирус се пријавени ширум светот од почетокот на пандемијата, покажуваат податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД.