Како ноќна работа според Законот за работни односи се смета работењето во ноќно време и тоа во периодот меѓу 22,00 часот и 6,00 часот наредниот ден.
Работодавачот, кој користи редовно работници за ноќна работа е должен да ја извести инспекцијата на трудот. Од аспект на заштитата при работа, работата ноќе претставува тежок и неповолен услов за работа, и затоа тој претставува посебен услов за работа и како таков треба да биде утврден во договорот за вработување.
Работникот има посебни права кога работи ноќно време:
Работникот кој работи ноќе барем три часа од својата редовна дневна работна обврска, односно работникот кој одработува ноќе третина од полното работно време од својата годишна работна обврска, има право на посебна заштита за ноќна работа.
Ако на работник заради ноќна работа според мислење на лекарската комисија заради таквото работење би можела да му се влоши здравствената состојба, работодавачот е должен да го ангажира на соодветна работа дење.
Работодавачот, на негов трошок е должен на работниците кои работат ноќно време да им обезбеди:
1) подолг одмор;
2) соодветна храна;
3) стручно раководство на работниот, односно производниот процес и
4) лекарски прегледи, пред нивно ангажирање во ноќна работа и во редовни временски периоди утврдени со закон.
- Ако работата се врши во смени, работодавачот е должен да обезбеди периодично менување на работниците.
- Работодавачот не смее да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа.
- Работното време на работникот кој работи ноќе на работно место, каде што постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, не смее да трае повеќе од осум часа дневно.
Посебна заштита
Во контекст на правата на заштита при работата, работата ноќе се јавува и како услов за утврдување на правото на посебна заштита на одредени категории работници во текот на работата, пред се жените работници, повозрасните работници и работниците под 18 годишна возраст.
Работничка од областа на индустријата и градежништвото не може да се распореди на работа ноќе ако работата во тоа време би оневозможила да оствари одмор од најмалку седум часа во времето меѓу 22,00 часот и 5,00 часот наредниот ден. Ова не се однесува на работничка која има посебни овластувања и одговорности или која врши работи на здравствена, социјална и друга заштита на работници.
- Работникот кој сé уште не наполнил 18 години возраст не смее да работи ноќе меѓу 22,00 часот и 6,00 часот наредниот ден. По исклучок може да се одреди работникот кој сé уште не наполнил 18 години возраст да работи ноќе во случај на виша сила, кога таквата работа трае определено време и мора веднаш да биде извршена, а полнолетните работници не се на располагање.
- На повозрасниот работник(од 57 години жени и 59 години мажи) работодавачот без согласност на работникот не смее да му одреди прекувремена или ноќна работа.
Казна
Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице, ако ноќната работа ја организира спротивно на Законот за работни односи, односно не го извести инспекторот за воведување на ноќна работа;
Битен елемент во однос на погоре наведените права е да работникот претходно поднесе барање до работодавецот во врска со било кое право кога работникот работи ноќе. Доколку и во тој случај не се исполни правото се пристапува кон тужбено барање.