По состанокот на Комисијата за заразни болести утрово донесени се нови препораки кои ги соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
На состанокот се донесени овие препораки кои ќе ги доставиме до Владата. Донесена е препорака сите вработени во јавните установи, локалните самоуправи, за одење на работно место да имаат примено најмалку една примена вакцина или да достават ПЦР негативен тест кој ќе важи 72 часа, а ќе е на сопствен трошок, или потврда за прележан ковид во последните 45 денови, информираше Филипче.
Министерот рече дека очекува и приватните компании да се приклучат кон оваа препорака, со оглед дека, како што рече, пристигнато до нив е писмо од Сојузот на стопански комори кои бараат задолжителна вакцинација со цел да се заштитат производствените процеси и целиот економски процес.
Филипче ја соопшти и другата одлука, а тоа е задолжителна вакцинација за сите здравствени работници.
Десет дена откако ќе се усвојат овие препораки на владина седница, ќе им дадеме на оние 20-30% здравствени работници кои не се вакцинирани да го сторат тоа, рече Филипче.
Тој потенцираше дека овие мерки се во насока на подготовка на зимска сезона на грипови и настинки, и како што рече, треба да ги имаме предвид и другите болести.
Вакцини има доволно, вели министерот кој информираше дека утре стигнува донацијата со вакцини од Полска.