Промовирани огласи »

Политичарите и пратениците на работниците им ја честитаа новата 2022 година со зголемена минимална плата и плати од 0 проценти, зголемена цена на електрична енергија за 9,48 отсто, зголемена цена на парно греењето за 14,05 отсто, велат од Сојузот на синдикати на Македонија. Затоа, додаваат, дошло времето вредната работничка рака да стане стисната тупаница.

Бидејќи никој не се јави, одважи и ја изгласа иницијативата на ССМ за минималната плата на работникот да изнесува 60% од просечната или 18.000ден и усогласување и пораст на сите останати плати на работниците и да важи од 1 јануари 2022 година согласно порастот на сите животни трошоци: цените во продавниците, маркетите, пазарите, стујата, парното и се останато…

Им „заблагодаруваме” на сите политички партии и ненародните пратеници за се што дозволија и оставија да се зголеми пред Нова година освен минималната плата и сите останати плати на работниците!!!

Ова покажува колку работникот е маргинилизиран и небитен за политичарите и ненародните избраници – пратеници!

Па затоа дојде времето вредната работничка рака да стане стисната тупаница во борбата за егзистенција“, се вели во соопштението.

Промовирани огласи »

Од денеска, од овој ден, недела и законски е неработен ден. Со законските измени во недела не треба да работат околу 92 отсто од работниците. Владата ги предложи, за како што соопшти да се воспостави рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.

Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена, рече министерката за труд Јагода Шахпаска.

Таа додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100 отсто. А дополнително, 2 проценти од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.

Државниот инспекторат за труд соопшти дека со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работни односи за недела неработен ден, од 2 јануари ќе воспостави дежурства во недела по региони, на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.

Пред започнување на вршење на работа во недела, работодавачите се должни да го известат Државниот инспекторат на труд на пропишан образец- Известување за вршење работа во недела, кој може да се најде на веб страницата на Државниот инспекторат за труд.

Со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања, Државниот инспекторат за труд воспоставува дежурства во недела по региони. Ги охрабруваме сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи, да пријават во Државниот инспекторат за труд, се наведува во соопштението од Инспекторатот.

Пријавувањето може да го направат на неколку начини: на веб страницата на ДИТ (https://dit.gov.mk/ ) анонимно или како пријава од познат подносител, со поднесување на пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, преку кол центарот повикувајќи го бројот 15131 од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, и во недела почнувајќи од 2 јануари 2022 година од 8.30 до 16.30 часот на дежурните инспектори по региони.

Промовирани огласи »

Со своите напуштени продавници и речиси напуштени улици, малиот град Валандово е како многу градови во Северна Македонија кои младите ги напуштаат во голем број со надеж дека ќе најдат подобар живот во странство, започнува репортажата на „Франс Прес“, пренесена во голем број на француски медиуми, како Ле Поан, Франс24, Бурсорама итн, посветена на масовната емиграција кон запад.

Како и другите земји на Балканот, Северна Македонија се бори со алармантен демографски пад, поттикнат од масовната емиграција и стареењето на нејзините жители.

Земјата изгуби 10 отсто од населението во изминатите дваесет години, а сега има 1,8 милиони жители, според прелиминарните резултати од септемврискиот попис, 200.000 помалку отколку во последниот попис во 2002 година.

Триесет години по независноста на државата, околу 600.000 Македонци живеат во странство, покажуваат податоците на Светска банка и Владата во Скопје.

Според АФП, меѓу главните причини за ова иселување се слабиот економскиот раст и недостатокот на инвестиции.

Ако околу четвртина од вашите 2,4 милиони жители си заминале, треба да бидете сериозно загрижени за тоа што се случува, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Селата и малите градови, како што е Валандово лоцирано на 146 километри југоисточно од Скопје, нудат малку можности за работа, притискајќи ги амбициозните луѓе да бараат работа на друго место.

Духот на младите е систематски уништен, а нивниот ентузијазам да се борат и да останат дома исчезна, изјави за АФП Перо Костадинов (33 години), неодамна избраниот градоначалник на Валандово.

Пет мои соученици се веќе во странство со своите семејства, додава Бојан Николов (24 години), член на општинскиот младински совет во Валандово, град кој преживува главно од земјоделство.

За оние кои остануваат во земјава просечната месечна плата од 470 евра едвај ги задоволува основните потреби.

Подобро да си роб за 2.000 евра во странство отколку да си дома за 300 евра, слушаме често низ земјава.

Но, Северна Македонија не е сама во оваа ситуација на Балканот, потсетува АФП

Во Албанија, околу 1,7 милиони жители, или речиси 37 отсто од населението, ја напуштиле земјата во изминатите 30 години.

Во Србија, според проценките, стотици илјади луѓе го обновиле својот живот во странство, вклучително и 10.000 лекари, кои заминале во изминатите две децении.

А членството во Европската унија не гарантира враќање на овој демографски тренд, нагласува АФП и го дава примерот со Хрватска.

Од влезот во ЕУ во 2013 година, населението на Хрватска се намали за речиси 10 отсто и моментално едвај надминува четири милиони, според првите резултати од пописот во 2021 година.

Според процените на ОН, до крајот на векот Хрватска би можела да има едвај 2,5 милиони жители.

Промовирани огласи »

Градоначалничката Данела Арсовска ќе го продолжи проектот за изградба на нов забавен парк почнат од нејзиниот претходник Петре Шилегов. Во моментов се изработува проектната документација која треба да биде готова за 2 месеци по што ќе почне постапката за партерно уредување на просторот и набавката на новите 20 реквизити.

По Нова година ќе започне уредувањето на новиот луна парк, нема да чекаме уште 4 години. Ќе се пристапи кон монтирање на реквизитите кои се веќе набавени, а се вклопуваат и во новата проектна документација, за паркот да биде функционален. Дополнително ќе се набават 20 нови реквизити како што е предвидено со проектот, рече градоначалничката Данела Арсовска.

Скопје нема забавен парк веќе 6 години.  

Извор: СДК

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »