Промовирани огласи »

Непречено ќе биде снабдувањето со топлинска енергија во претстојната грејна сезона, граѓаните ќе имаат парно од 15 октомври, уверува Владата. Во тек се преговорите со Србија за набавка на гас и постои оптимизам дека ќе се постигне договор, но опција е и топланите да работат на мазут.

Економско-енергетскиот совет синоќа донесе неколку нови одлуки – да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар, на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта и сите јавни здравствени установи да бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.

Во меѓувреме, продолжуваат и разговорите за функционирање на ТЕ-ТО во грејната сеозна, а доколку не се постигне договор со „Адора“ за топланите, Владата вели дека има решение – Законот за управување со кризи и  дава право да ги стави на располагање сите ресурси – и на државата и на јавните претпријатија и на приватните компании.

Според пресметките, до крајот на грејната сезона топланите ќе потрошат околу  230 милиони нормални метри кубни природен гас.

Со оглед на тоа што БЕГ ги врати назад трите лиценци, до крајот на оваа недела се очекува да биде презентирано решението за неговиот наследник.

Вчера „стигна“ поддршка и од опозицијата – ВМРО-ДПМНЕ преку партискиот лидер Христијан Мицкоски соопшти дека ги нуди своите контакти за набавка не енергенси и производство на двојно поевтина струја за стопанството. Владата на тоа одговори дека секоја дополнителна сугестија од политичките партии е добредојдена. Планот за справување со енеретската криза што го претстави Мицкоски ќе биде разгледан, како и сите други планови и поддршки што ќе бидат понудени.

Ги повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката на Економско-енергетскиот совет со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија, истакна премиерот Димитар Ковачевски на синоќешната вонредна прес-конференција во Владата, соопштувајќи ги најновите одлуки на Советот.

Тој информира дека во однос на електрична енергија, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.

Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини, нагласи премиерот и уште еднаш ги повика грашаните да штедат струја.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, ако се потпише договор со Србија, земјава ќе набави гас по најмалку три до четири пати пониски цени од берзанските.

Преговорите се водат и се при крај, доставивме понуда, експертските тимови работат за да се изнајде решение – ние да и излеземе на Србија во пресрет за струјата, а тие нам за природниот гас. Ако има договор, во што сум убеден зашто е работено повеќе од еден месец и јас секојдневно комуницирам со нивното Министерство за енергетика, цените ќе бидат многу пониски од цената на берзата, три до четири пати минимум ќе бидат пониски од берзанските. Во замена за тоа, ние Србија по попристојни цени ќе ја снабдуваме со електрична енергија, истакна синоќа Бектеши во телевизиско гостување.

Во однос на транспортот, тој напомена дека „има само една цевка од каде што може да се донесе природниот гас, а тоа од Република Бугарија“.

Можниот договор со нашиот северен сосед е со цел да се обезбеди поповолна цена на енергенси за индустријата, како и поповолни цени на топлинската енергија за граѓаните. Доколку се финализира договорот со купениот гас од Република Србија, ќе се произведува електрична енергија од која дел потоа ќе се продава назад во Србија, изјави Виктор Андонов, советник за енергетика во Кабинетот на премиерот.

Тој изрази оптимизам дека овој можен договор ќе профункционира и дека ќе се обезбеди потребното количество енергенси.

Електраните имаат и резервно гориво, може да работат и на мазут, што значи дека доколку не се договори опцијата за гас и не се обезбедат доволно средства за набавка на природен гас по берзански цени, постои и резервна варијанта, а тоа е работа на мазут. Се надеваме дека до таа крајна варијанта нема да дојде. Ако не се договориме, топланите ќе работат на мазут, а количините ќе се обезбедат, за што се разговараше со Грција, истакна Андонов.

Тој потсети и дека министерот Бектеши во Турција изминатиот период разговараше за обезбедување дополнителни количини електрична енергија и природен гас, во Грција за постојано снабдување со лигнит и мазут, а во Бугарија за поевтина цена на струјата под берзанската, за потребните количини за индустријата. Кога сите овие разговори ќе се финализираат, Владата,рече Андонов, на најтранспарентен начин ќе ги презентира и пред стопанските комори и пред јавноста.

Во однос на ТЕ-ТО, советникот напомена дека и во претходната зима капацитетите работеа 24 часа, во базен режим.

Се водат разговорите за функционирање на ТЕ-ТО во грејната сеозна, впрочем тоа е единствениот начин како граѓаните на Скопје имаат топлина во текот на зимата. Јас сум сигурен дека ќе биде обебзедено решение пред почнување на грејната сезона, наведе Андонов.

На новинарско прашање до каде се преговорите со „Адора“ за топланите „Исток“ и „Запад“ со оглед на инсистирањето на оваа компанија за нивна продажба, Андонов одговори дека Владата нема да потпадне на притисоци и уцени за некои, како што рече, да ја искористат актуелната ситуација.

Имаме индикативни понуди од нашите контакти врз основа на кои можеме да кажеме дека доколку Владата се согласи да го стави на располагање ТЕЦ Неготино на бизнисот и неговото производство да оди во портфолиото за бизнисот, тогаш цената по мегават час со вклучени трошоци за мазут и за негова преработка во електрична енергија ќе биде под 200 евра. Предлогот предвидува ставање во функција на сите производни домашни капацитети, а притоа ги ставаме на располагање сите контакти што ги имаме надвор од земјата, во Европа и пошироко, да обезбедат ресурс доволен производните капацитети да обезбедат електрична енергија која ќе биде за бизнис заедницата што ќе биде најмалку двојно поевтина од таа што денеска стопанството ја плаќа споредена со референтната берза HUPX, а воедно да обезбедиме ресурс со кој корисниците на централното затоплување во градот Скопје нема да добијат покачени сметки за топлината што ќе ја користат и со која ќе ги затоплуваат своите домови, рече вчера  Мицкоски.

Тој тврди дека земјава има капацитет да ги произведе сите потребни количини електрична енергија и да го намали увозот. Мицкоски најави и дека до крајот на оваа или почетокот на идната недела ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи предлог-закон за измена на Законот за енергетика со кој ќе побара сите претпријатија што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството, но и објектите во образованието и јавното здравство, да бидат вратени на регулираниот пазар.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Мицкоски, во Собранието ќе поддржат продолжување на кризната состојба со електричната и топлинската енергија.

Уште еден апел за поддршка од верските заедници во однос на штедењето струја

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера на средба го информираше поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан за мерките и препораките на Владата за штедење електрична енергија за институциите, домаќинствата и за бизнисот. Тој уште еднаш кажа, како што претходно му предочи и на поглаварот на ИВЗ, реисот Шаќир Фетаху, дека во овие моменти е многу важна поддршката од верските заедници.

Бектеши и г.г. Стефан се согласија дека е важно во овој период сите рационално да трошат електрична енергија и упатија порака дека во оваа криза сите треба да бидат свесни и да штедат.

Во овој тежок период што следува сите заеднички да заштедиме електрична енергија и со тоа да и помогнеме на државата. Доколку има недостиг на струја, ќе треба да се купи од надвор по многу повисока цена, а тоа повторно ќе биде на трошок на сите граѓани, истакна министерот Бектеши.

Архиепископот Стефан изјави дека Црквата и досега силно апелирала до своите верници да покажат грижа за општото добро во овие тешки времиња, а на седница на Светиот архијерејски синод, која ќе се одржи следната недела, се очекува да се состави и официјално јавно соопштение во кое сите свештени лице ќе бидат повикани на локално ниво, во своите парохии, да им укажуваат на верниците на МПЦ за насушноста од штедење за да си помогнеме себеси и на државата.  

Промовирани огласи »

Запознајте го Quality Engineering тимот за на Scalefocus. Софтверската компанија Scalefocus има две канцеларии во Скопје и Битола постепено ги проширува своите тимови во земјава. Еден од најбрзо растечките тимови е оној на Quality Engineering.

Клучните луѓе од QE тимот на компанијата зборуваат за технологијата, спецификите на работата и динамиката во канцеларијата (каде и да е таа). Александрина, Александар, Антон и Цветан се само дел од луѓето кои стојат зад голем број успешни проекти. Што ги обединува и какви се надвор од работното време, дознајте од текстот подолу.

1. Претставете ни го вашиот тим - колку луѓе (специјалисти) има и што работите?

Quality Engineering (QE) тимот на Scalefocus се состои од над 80 висококвалификувани професионалци кои учествуваат во целиот процес на развој на софтвер. Како компанија, следиме холистички пристап преку кој поставуваме практики фокусирани на квалитетот на развојот во секоја фаза од проектот. Ние се стремиме да наметнеме култура на почитување на процеси, каде сите кои чествуваат се грижат за бараните процеси и стандарди. На тој начин, целиот тим е одговорен за финалниот производ и за неговиот квалитет.

2. Какви технологии користите?

Ги избираме најсоодветните технологии за потребите на конкретниот проект. Често тоа се познати и популарни технологии како Selenium WebDriver, Rest Assured/RestSharp, Cucumber/Specflow, Cypress.io, Appium и др. Но да напоменам дека не се ограничуваме и фактот што имаме разновидни проекти ни овозможува да истражуваме и примениме технологии кои не се меѓу најпопуларните, но оптимално би се вклопиле во специфичната ситуација. На пример, во еден од проектите користиме платформа базирана на Groovy, со која го тестираме интеграциското решение базирано на Oracle Service Bus.

3. На какви проекти работите?

Нашите проекти се исклучително разновидни, како во однос на технологиите што ги користиме, така и во однос на индустриите - енергетика, здравство, финансии и банкарство, е-трговија и малопродажба итн. Комплексноста на проектите им овозможува на колегите во тимот секојдневно да користат иновативни решенија во својата работа, што пак ги збогатува нивните вештини и им помага да се развиваат.

4. Како работите моментално и колку често се собирате заедно во канцеларија?

Нашиот модел е флексибилен, а работата од дома е тука, и ќе остане. Ова значи дека колегите имаат целосна слобода да изберат дали да работат од дома, во една од нашите 7 канцеларии или, на пример, во заедничкиот простор на море со прекрасен поглед. Ние, исто така, спроведуваме редовни и доста интензивни тимски, како и меѓу-тимски сесии за споделување на знаење, за кои повеќето колеги сами избираат да се соберат во канцеларијата. Ја сакаме можноста да разговараме за работата, како и за сè што не интересира надвор од работата.

5. Како типично поминува еден работен ден во твојот тим?

За секого е различно во зависност од улогата и обврските во проектот. Како и да е, сите го имаат општо познатиот Scrum состанок, кој е проектен состанок за да се информира за тоа што е направено вчера и плановите за денес. Главниот дел од денот го поминуваме со работа на распределени задачи, во нашиот случај тоа е тестирање на софтвер - со сите можни пристапи за тестирање (рачно или автоматизирано), уште во раната фаза на имплементација, придонесуваме за постојано подобрување на квалитетот на решенијата, како и спречување на сериозни пропусти или неточности. Во проектите, ги покриваме сите фази на Циклусот за развој на софтвер и ги приспособуваме потребните типови на тестирање на фазата на проектот и моделот на работа. Динамично е, но во QE тимот во Scalefocus се трудиме постојано да учиме и да го споделуваме нашето знаење, така што скоро секоја недела одржуваме и некоја обука или состанок за размена искуства на различни теми.

6. Со кои други оддели/тимови најчесто работите?

Проектните тимови вообичаено се состојат од програмери, Инженери за квалитет, DevOps, бизнис аналитичари и проектни менаџери или координатори, така што најчесто работиме со овие оддели. Од технолошки аспект, постои соработка помеѓу сите технолошки тимови и оддели, но и тесна соработка по вертикала за управувањето со проекти или таканаречените Delivery менаџери. Менаџментот на целиот QE оддел, од своја страна е поврзан со секојдневните контакти со колегите од HR и особено со одделите за обука и развој, како и со колегите од менаџментот и одделот за привлекување на таленти.

7. Споделете нешто со што се гордее вашиот тим.

Горди сме на упорноста и истрајноста на членовите на нашиот тим. Овие квалитети се клучни за современиот QE специјалист. Кога се обидувате да го подобрите квалитетот - не само на софтверот, туку и на процесите во некој проект, често се соочувате со отпор од колегите кои се навикнати да работат на одреден начин и не се склони кон промени. Затоа, неопходно е човекот да биде упорен и истраен во своите напори за да го задржи потребното ниво или да турка нови идеи кои ја подобруваат работата во тимот или во целиот проект. Среќни сме што со оваа упорност, одделот постојано беше пример за добра практика и иновација, со што ја заработивме репутацијата на „trendsetters“ во компанијата.

8. Што сакате да правите заедно надвор од работното време?

Како и повеќето ИТ тимови кои веќе две години не поминуваат време заедно на дневна основа, и ние сакаме да се гледаме во или надвор од канцеларијата кога ни дозволува распоредот. Голем дел од луѓето во тимот сакаат да бидат на отворено и да шетаат по планина. Неодамна колегите во Македонија организираа картинг возење, а во Софија успеавме да го реализираме големиот Scalefocus Summer Fest во локалот „Мајмунарник“, каде колегите од сите наши канцеларии се видоа и се забавуваа речиси како пред пандемијата. Наоѓаме шарм и во роденденските собири после работа во канцеларија - и токму тогаш се случиле дел од незаборавните забави, често со караоке изведби на помалку срамежливите меѓу нас.

9. Што го зближува вашиот тим?

Изградивме култура на прифаќање и колегијалност - решението за проблемот секогаш го бараме на тимско ниво, не трошиме време и енергија дискутирајќи чија е грешката и како дошло до неа. Ова е голем плус во нашата работа, но нас не зближува и од чисто човечки аспект, затоа што секој греши, но важно е што понатаму, како луѓето продолжуваат и какви заклучоци носат.

10. Како новите луѓе се вклопуваат во вашиот тим?

Ние правиме се што е можно за новите луѓе максимално брзо да се почувствуваат целосно како дел од QE тимот. Нашите TTLs (Technology Team Leads) подготвуваат програма за менторство за секој нов колега, а постарите инженери се секогаш достапни за да го пренесат своето знаење и искуство. Ако прашањето е дали новите луѓе брзо се вклопуваат на ниво на лични квалитети - апсолутно! Она што ги обединува луѓето во нашиот QE тим е тоа што немаат ништо заедничко. Секој доаѓа со свои интереси и претходни искуства, што не само што не и штети на работата и на чувството за заедништво, туку напротив – ни дава мотив да бидеме дел од една целина и меѓусебно да се збогатуваме.

11. Како би одговорил на прашањето: „Ако ти си..., добредојде во нашиот тим!“?

Ако си тимски играч, ако не само што знаеш брзо да ги идентификуваш проблемите, туку ти прави задоволство да ги најдеш решенијата за нив, ако сакаш да бидеш дел од меѓународна компанија и да работиш на значајни меѓународни проекти, дојди и придружете се на нашиот тим!

12. И, на крај, како би го опишале вашиот тим?

Нашиот тим е голем и релативно дисперзиран - имаме колеги на сите 7 развојни локации на Scalefocus (Софија, Пловдив, Варна, Бургас, Скопје, Битола и Истанбул), но тоа не не прави помалку сплотени. За нас, Quality Engineering не е само технологија и алатки за обезбедување квалитетен развој на софтвер, туку начин на размислување.

Александрина

Principal Quality Engineer

Силата да се надминеш себе

Алекс има 13 годишно искуство како Quality Assurance специалист, а во Scalefocus е веќе 6 години. Таа споделува дека програмирањето на почетокот ја плашело иако дипломирала информатика на Универзитетот во Софија. Започнува со мануелно тестирање, но чекорот го прави кон автоматско тестирање и пишување код, токму кога започнува да работи во компанијата. Благодарение на својата упорност и помошта од колегите, Алекс успева да го надмине стравот. Таа е децидна дека ова е нејзиниот најголем професионален успех досега. Силата на карактерот потекнува од трчањето – почнала како студент, а една деценија подоцна продолжува да трча речиси секој ден. Обожава да го поминува времето на отворено и вели дека во друштвото има луѓе кои можеби не знаат со што се занимава, но повеќето од нив слушнале за нејзината страст кон спортот во сите негови форми. 

Цветан

Quality Engineer

Враќање на корените

По почетокот на пандемијата, Цветан (24) се вратил во родното село Могилица, каде, според него, мештаните ја зачувале својата добрина и родопските традиции. Поради моделот Work from Everywhere, Цецо избира да остане таму и по олабавување на Covid мерките. Учи да прави по малку од сè. Тој го запознава Салих Пашов, познат како Пашата или последниот чувар на старото млекарство на Родопите, кој му го предава петвековниот рецепт за домашно сирење, а потоа Цецо сфаќа дека рецептот му припаѓа на неговиот прадедо. Пече ракија од кајсии, која неговите колеги имаа задоволство да ја пробаат. Заедно со жителите на селото прават подобрувања во животната средина за Могилица да биде подобро место за живеење. Цецо стои и зад веб-страницата mogilitsa.com со детални информации за се што прекрасното родопско село има да им понуди на своите посетители. 

Антон

Quality Engineer

Моторот како поглед на светот

Антон не стои во едно место. Се качува на моторот, кој му е голема страст веќе 8 години, и вози. Дури и да не знае каде оди, патот го води. Сака да запознава различни луѓе и верува дека моторџиите се посебна раса. Тој верува дека пријателствата во таквите заедници траат цел живот. Беше шанкер 10 години, но одлучи дека сака повеќе слобода. Со завршен курс за Quality Assurance и малку среќа, тој го започна својот професионален пат одново и веќе 2 години е дел од Scalefocus. Овој чекор го направи по почетокот на пандемијата, кога учествуваше во иницијатива за помош на погодените од Covid. Тогаш сфаќа дека нема што да загуби и ризикува. Тој вели дека одлуката да стане QA специјалист била најдобрата што ја донел, а сеуште е силно и активно поддржува неколку социјални движења.

Александар

Quality Engineer

Во потера по неповторлив кадар

Александар сака драма, но само во фотографијата. За него, совршена пејзажна фотографија е онаа на која, на пример, беснее бура. Својот прв Nikon го купил пред 6 години за да ја долови убавината на планините што ги освоил. Неговата фотографија ја објавија 38 официјални страници на Nikon во Европа, како и официјалниот Инстаграм профил на Nikon во САД. Воодушевувачка фотографија од светилник во Ирска е меѓу првите 6 во категоријата Landscape на престижниот 500px and Neil Dankoff. Со текот на годините, Алекс се занимавал и со глума, скеч-комедија и озвучување. Доколку сте во Македонија и го слушате неговиот глас во некоја серија, немојте да се изненадите. Тој е среќен што е дел од тимот на Scalefocus во Скопје бидејќи постојано ги развива своите вештини благодарение на интересните проекти и посветените колеги.

Промовирани огласи »

Исплатата на септемвриските пензии започнува од денеска. 

Министерство за труд и социјална политика (МТСП) соопшти дека со септемвриската пензија околу 330 илјади пензионери во државата ќе добијат повисоки пензии за 6,8 отсто, согласно новата методологија воведена со последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година.

Новата методологија предвидува усогласување на пензиите  со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50 проценти пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Усогласувањето ќе се врши два пати во годината, односно во март и септември, што значи ќе ги следи промените во двата индекси за усогласување. Споредбено со просечната пензија усогласувањето би изгледало вака:
Просечна пензија во јули 2022 година изнесуваше 16.348, а со усогласувањето од 6,8 отсто во септември 2022 година изнесува 17.422 денари (1.074 денари повеќе). 

Носењето решенија на долг рок и нивна одржливост од кои директна придобивка имаат граѓаните со акцент на ранливите категории, е приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика, се наведува во соопштението. 

Промовирани огласи »

ЈСП и годинава овозможува бесплатен јавен превоз на Бела Ноќ.

Традиционалната, културна манифестација, подразбирала секоја година да има бесплатен јавен превоз за граѓаните, па така и годинава ЈСП информира дека право на бесплатен превоз ќе имаат сите граѓани во период од 18 часот во сабота (1.10.2022 год) до 05 часот во недела (2.10.2022 год).

Од ЈСП потсетуваат дека во функција се и ноќните линии, а возниот ред е достапен на веб страницата на ЈСП Скопје.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »