Намалување на цената на лебот може да се случи по Нова година. Новите мерки предвидуваат намалување на цената на струјата од 1 декември за производителите на храна, со очекување прво да се стабилизира цената, а потоа да се намали цената на лебот и другите производи. Ова е ставот на претставниците на двете стопански комори.
Според здружението на индустријата на мелничари и пекари, при Стопанската комора, за реално намалување на цената потребно е Владата да ги активира и стоковите резерви за да се намали влијанието на светските берзи, каде цените постојано растат.
Иако официјалните лица проценуваат дека во текот на оваа година се ожнеани околу 250 илјади тони пченица, додека се потребни околу 330 илјади тони, сепак, дел од пченицата не се продава во мелниците, додека се уште се увезува. Цената за пченицата ја одредува светската берза каде цената е 18 денари, додека во жетварскиот период достигна и до 22 денари за килограм.
Ако Владата дозволи мелниците и пекарската индустрија да купуваат струја по цена од 80 до 100 евра за мегават час, за што преговараме една недела, тогаш до декември цената на брашното и лебот ќе се стабилизира, додека од следната година може да се очекува да ја намалат цената за 10%, вели Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничарско-пекарската индустрија, при Стопанската комора.
Ова е трет обид на Владата да ги намали цените на основните прехранбени производи. Прво имаше замрзнување на цените, па ги ограничија маржите што граѓаните не ги почувствуваа поради континуираното поскапување на малопродажните цени. Од друга страна, со мерката за поевтина струја се очекува да бидат опфатени околу 150 фирми.