Регионалното истражување на пазарот на труд покажува дека добрите меѓучовечки односи се најважни за Словенците при изборот на работодавач, додека во земјите од регионот, односно Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија платата е на прво место, објави „Дневник“.
Истражувањето на регионалниот пазар на труд покажува дека повеќе од половина од младите, т.е. 56 отсто од анкетираните точно знаат што сакаат да прават. Меѓучовечките односи исто така играат клучна улога во изборот на работодавач.
Последните резултати од истражувањето на порталот „Делогласник“, спроведено во рамките на Регионалниот саем за вработување, покажуваат дека постојат разлики меѓу факторите при изборот на работодавач. Во Словенија дури 70 отсто од испитаниците на прво место ги ставаат меѓучовечките односи. Потоа следуваат заработувачката (50 проценти), работното време, а нешто помалку можностите за образование и напредување (26 проценти). Угледот на работодавачот е најмалку важен критериум при изборот на работа (5 проценти). Во останатите земји на прво место е платата, на второ се добрите меѓучовечки односи. Истражувањето „Zlata nit“ кое 15 години се спроведува во Словенија под покровителство на „Дневник“, исто така наоѓа слични наоди и докажува дека грижата за добри односи има позитивни ефекти врз економскиот развој.
Среќата е поважна од формалното образование
Истражувањето, во кое учествувале повеќе од 5.700 испитаници, открило и што е пресудно за да се добие работа. Мнозинството испитаници од Словенија сметаат дека тоа е мотивација и волја за вработување (30 проценти). Интересно е што само 4 отсто од испитаниците сметаат дека среќата е важна за вработување, а 12 отсто дека се важни добрите контакти и познанства. Формалното образование и партиската припадност ги истакнуваат само еден процент од испитаниците. Гледајќи го целиот регион, Словенците, Босанците и Македонците во малку поголема мера го наведуваат работното искуство како клучен фактор за вработување, додека Босанците, Србите и Хрватите најмногу се надеваат на знаење и вештини. За Македонците најважна е мотивацијата и желбата да најдат работа.
Колку е доволно?
На прашањето за посакуваната плата, испитаниците во Словенија во просек имаат најголеми очекувања, поточно 1.643 евра, но точно е дека Словенија има и највисоки просечни плати во споредба со другите земји вклучени во истражувањето. Предводник е Хрватска (1.197 евра), а Македонија има најниски очекувања, поточно 769 евра. Просечната посакувана плата во Словенија е 1.643 евра, во Хрватска 1.197 евра, во БиХ 940, во Србија 857 и во Македонија 769 евра.
Од губење на работа најмногу се плашат испитаниците од Србија (31 отсто), а најмалку оние од Македонија (19 отсто).
Повеќето од нив би работеле во државна компанија
Испитаниците од Словенија, при изборот на компанија врз основа на сопственост, би се одлучиле за компанија која е во домашна приватна сопственост (29 проценти), а најмалку за приватна компанија во странска сопственост (16 проценти). Mнозинството од испитаниците (31 процент) би работеле во државна компанија. Странската сопственост е особено популарна во Македонија и Босна и Херцеговина.