Државниот Завод за ревизија направи ревизија на работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.
Како што е објавено во извештајот, ПИОМ има доста сериозни проблеми со работењето, што директно влијае на остварувањето на правото на пензија на идните корисници на пензија, а истите препораки и насоки од ревизија, и минатата година била упатени, но ништо не било решено.
Според извештајот, ревизорите утврдиле слабости во чувањето и архивирањето на податоците во матичната евиденција. Со тоа, се оневозможува потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од пензиско инвалидското осигурување.
Се работи за регистрираниот недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство, како и за постојаниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија. Тоа, пак, „влијае на развојот на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирањето на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли“.
Се укажува и на фактот – зголемените приходи не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на социјални бенефиции во 2021 година, кои се одвојуваат од државниот буџет и учествуваат со 37,5 отсто во вкупните приходи на Фондот.
Дел од осигурениците, се вели во извештајот, не можат да ги остварат сопствените права, поради одредени пропусти. Конкретно, остануваат нераспоредени средства на уплатната сметка од наплата придонес за ПИОМ, кои Фондот не може да ги користи, затоа што изостанале соодветни податоци за вработување и регистрација на обврзниците. А, има и грешки при внесот од страна на други институции. Во тие рамки забележано е и ненавремено доставување информации од надлежните институции за промена на статусот на осигурениците. Тоа, велат ревизорите, „има за последица неоснована исплата на пензии, за кои се евидентираат побарувања од граѓани“, но и низок процент на поврат на вишокот исплатени средства.
Ревизорскиот извештај упатува и на тоа дека извршители неосновано повлекле пари од сметката на ПИОМ. Станува збор за налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија. Исто така, се забележува и на континуираното вршење активности од страна на Фондот поврзани со реализација на налозите за извршување.
ПИОМ во соработка со надлежните институции да преземе активности за обезбедување на потребните кадровски капацитети, но и за развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети преку координирани активности за носење законски решенија. Со кои, велат ревизорите, ќе се придонесе за намалување на паричната маса за исплата на социјалните бенефиции. Потребно е да се средат работите при утврдувањето на придонесот од ПИО и уште повеќе, да се извршува целосна наплата. Се со цел стабилизација на пензискиот систем и намалување на буџетските трансфери.