Европската комисија ја претстави регулативата за половни возила, со која доколку се усвои, ќе се забрани продажба на половни возила надвор од ЕУ. Со новината која се уште е во зародиш, дотраените возила би оделе на рециклирање. Повеќето возачи на Балканот купуваат половни автомобили кои се увезуваат од европските земји, па ваквата регулатива би влијаела и на нашиот пазар.
Засега се уште не е дефинирано за кои половни возила би се однесувала регулативата, односно не е прецизирано колкава би била точната норма, година или километражата. Во предлогот што ЕК го претстави на крајот на минатата недела, описно се наведува дека се однесува на автомобили на кои им дошол крајот на животот.
Српските аналитичари проценуваат дека извозната рампа би можела да ги опфати стандардот „евро 3“ и „4“, што би довело до зголемување на цената на возилата со стандард „евро 5“ и „6“. За предлогот на ЕК треба да одлучат Советот на ЕУ и Европскиот парламент, пишува „Новости.рс“.
Како што пренесуваат европските медиуми, ЕК предложила нова регулатива за олеснување на рециклирањето на возилата и зголемување на употребата на рециклиран материјал во производството на нови автомобили. Една од примарните цели е да се осигура дека сите критични суровини, пластика, челик и алуминиум, остануваат во европското производно коло. Секоја година, како што е наведено, околу шест милиони возила го завршуваат својот животен век низ ЕУ, а дел од вредните материјали во нив одат во отпад. Дополнително, оценуваат дека тоа ќе придонесе за намалување на несигурноста на патиштата и загадувањето на животната средина.
Петар Живковиќ, генерален секретар на Здружението на автомобилски новинари на Србија, објаснува дека ЕК се обидува да најде излез во напорите да ја направи ЕУ конкурентна со Кина на пазарот на електрични автомобили. Сепак, како што додава, немаат суровини, па дошле на идеја за тоа да ги искористат своите стари возила. Тој оценува дека донесувањето на регулативата е далечна шанса, но со оглед на тоа што зеленото лоби кое влијае на автомобилската индустрија е исклучително силно, може да се очекува да помине. Според него, се е прашање на политика, а не на реална економија.
Можеме да претпоставиме дека новата регулатива би опфатила одредени години на автомобили кои не би можеле да се продаваат надвор од ЕУ - наведува Живковиќ.
Тоа значи дека би останале без оние постари, поевтини автомобили, како „евро 3“ и „4“. Инаку, нашата земја планираше да го забрани увозот на тие половни автомобили. Ако гледаме така, тогаш од таа страна тоа не би било голем удар за нашиот пазар - објаснува соговорникот.
Но, како што додава, ќе поскапат оние возила што ќе можеме да ги увеземе, еуро 5 и еуро 6, што е сосема нормално. За нив ќе има поголема побарувачка во самата ЕУ. Тој наведува дека нашиот пазар моментално стагнира и дека граѓаните купуваат возила само ако треба. Половните автомобили во Србија поскапеа за околу 25 отсто за една година, а новите возила, во зависност од производителот и брендот, од 20 до 50 отсто.
Според предложената нова европска регулатива, производителите на автомобили ќе треба да дадат јасни и детални упатства за расклопување на возилата. Тие, исто така, ќе треба да наведат како да се заменат и отстрануваат деловите и компонентите за време на користењето на возилото и како на крајот од неговиот век. Најмалку 25 проценти од пластиката во новите автомобили ќе треба да дојде од рециклирање, а од тоа најмалку 25 проценти мора да се рециклираат од возила на крајот на животот. Опсегот на овие мерки постепено ќе се проширува на нови категории, како што се мотоцикли, камиони и автобуси, со што ќе се обезбеди посеопфатна покриеност.
Предлогот на новата регулатива не беше поздравен од Асоцијацијата на европски производители на автомобили ACEA. Меѓу другото, тие се прашуваат дали пазарот може да ги снабдува производителите со доволно рециклирани материјали и посочуваат дека многу пластични делови со највисок квалитет тешко може да се рециклираат.