По летната понуда на сезонски работи време е за есенска понуда која вклучува работа на полиња, лозје и овоштарници.
И додека Хрватите заминуваат во странство во потрага за работа, лозарите берачи увезуваат од Европа.
Се жалат дека немаат доволен број работници и како никој од поширокото подрачје на Далмација не сака да дојде да работи. Иако за еден ден берба може да се заработат и до 400 куни или 60 евра, па падините на Дингача грозје берат само мештаните кои си помагаат едни на други, пренесуваат хрватските медиуми.
„Нема работници, што да ви кажеме...Се мачиме како знаеме“, рекол лозарот Аленко Радович кој своето грозје го берел со помош на увозни берачи од Франција, од кои е многу задоволен, како и со идејата берачи да се бараат во земјите на ЕУ, пишува Слободна Далмација.
Французите дошле откако го виделе огласот дека се бара помош при берба. Со оглед дека не можеле да пронајдат домашни работници, лозарите објавиле меѓународен оглас кој дошол и до двајца Французи.
Винцент Гиболт и Мајкл Каунт во Пелјешац дошле од Марсеј, а веќе десеттина дена вредно берат грозје . За возврат имаат стан, храна и пристојна дневница од 300 куни или 40 евра.
Велат дека ова им е активен одмор и се многу задоволни.
Уживаме во бербата на грозје. Кога е лошо времето, одмараме, а успеавме и да се искапеме на блиските плажи, рекле тие.
Тие откриле дека ова им е прва средба со бербата на грозје, дека досега тоа не го работеле, но дека добро се снаоѓаат во лозјето. Таму ќе останат уште неколку дена а потоа се враќаат во Франција. На локалните лозари им ветиле дека следната година ќе се вратат и со нив ќе донесат уште помагачи.
Ќе донесеме уште десеттина пријатели за бербата на грозје. Овде е убаво. Луѓето се супер и добро не примија, рекле тие.
Олеснување за Французите е тоа што не им требаат никакви дополнителни документи. Поради договорот на ЕУ и Хрватска за слободно движење на работници не треба да се пријавува ништо за престој до три месеци.