Вкупните кредити, во март, забележаа месечен раст од 0,3 проценти, поради зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“. Годишниот раст изнесува 6,1 процент и се должи на повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“, објави денеска Народната банка.
Кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,5 проценти на месечна основа, при годишен раст од 6,8 проценти. Месечниот и годишниот раст, посочува НБ; се резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута.
Кај кредитите на корпоративниот сектор во март нема промена во споредба со претходниот месец. На годишна основа, е забележан раст од 5,4 проценти, којшто во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута.
Во март 2024 година, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, е забележан месечен раст од 0,4 проценти и еден процент, соодветно, при годишен раст од 5,8 проценти и 10,4 проценти, соодветно. Автомобилските кредити, овој месец, се зголемени за 1,8 проценти и 13,1 процент на месечна и на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитните картички забележаа месечен и годишен пад од 0,8 проценти и 6,8 проценти, соодветно. Во март, негативните салда на тековните сметки остварија месечен раст од 2,3 проценти, при годишно зголемување од 6,1 процент. Кај кредитите одобрени врз други основи е остварен месечен пад од 1,7 процент, додека на годишна основа се намалени за 21,2 проценти, информира НБ.
Вкупните депозити во март, се намалени за 0,9 проценти на месечна основа, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор, при раст на депозитите на секторот „домаќинства“. Споредено на годишна основа, остварен е раст од 9,3 проценти, поради зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес кон растот на депозитите на секторот „домаќинства“.
Како што наведува централната банка, вкупните депозити на домаќинствата во март се повисоки за 0,1 процент и 8,7 проценти на месечна и на годишна основа, соодветно. Растот кај двете основи се должи на повисоките долгорочни депозити и депозитните пари, во услови на забележан пад на краткорочните депозити.
Во март, вкупните депозити на корпоративниот сектор, се намалени за 2,4 проценти на месечно ниво. Надолната промена пред сè се должи на намалените депозитни пари, при дополнителен пад и на краткорочните депозити, а во услови на раст на долгорочните депозити. На годишно ниво, депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 12,2 проценти, во поголем дел како резултат на растот на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, при дополнителен позитивен придонес и на останатите компоненти.