Кинеската платформа „Тему“ бележи силен пробив на македонскиот пазар, следејќи го општиот бум на онлајн трговијата во земјата. Благодарение на ниските цени и агресивниот маркетинг, платформата стана една од најкористените меѓу македонските купувачи. Според податоците за нарачки и информации од доставувачите, најчесто се купуваат облека и обувки – маици, тренерки, фустани, долна облека, патики, папучи и сандали.
Меѓу најбараните производи се и кујнски додатоци, организери и производи за домот, како калапи, силиконски прибор, садови, кутии за складирање, полици, завеси и декорации. Голема побарувачка има и за додатоци за телефони – маски, полначи, држачи и кабли, како и за накит, чанти, козметички додатоци, играчки и мали електронски уреди како LED светилки, мини вентилатори и Bluetooth звучници. Според искуствата што граѓаните ги споделуваат на социјалните мрежи, најмногу задоволство има кај организерите, додатоците за автомобил, производите за миленици и градинарските алатки, додека најмногу критики има за скапа електроника, бренд-облека и производи поврзани со безбедност.
Е-трговијата во Македонија продолжува да расте и во 2025 година. Според податоците на Народната банка, вкупната вредност на онлајн трансакциите достигнала 950 милиони евра, што е раст од 32 отсто во однос на лани. Од Асоцијацијата за е-трговија посочуваат дека 522 милиони евра завршиле кај домашни е-трговци, но истовремено трансакциите кон странски платформи пораснале за 45 отсто. Податоците на Евростат покажуваат дека 60,3 отсто од интернет корисниците во Македонија купувале онлајн во 2025 година, што ја става земјата над дел од регионот, но сè уште под просекот на Европската унија.
Тагови: Македонија Македонци онлајн купување Тему