Во текот на следните 25 години луѓето нема да извршуваат 40 отсто од професиите кои постојат денес, и затоа е важно уште сега да се размислува околу образованието за идните занимања, порачува Јург Штукер од софтверската агенција „Намикс“.
Многу професии кои ќе ги извршуваме во иднина, не постојат денес. Но, и покрај тоа, дури 78,6 отсто од светската популација, помлада од 30 години, смета дека технологијата не уништува, туку креира можности за вработување, истакна Штукер на предавањето за српските студенти „Роботиката и машинското учење ги менуваат професиите на иднината“, се наведува во соопштението на „Намикс“.
Според него, „истражувањата кои се спроведени по примерот на Швајцарија, а кои лесно можат да се применат и на другите пазари, покажуваат дека 56,3 отсто од луѓето на возраст од 25 до 39 години, ја смениле својата работа најмалку во последните три години, по што може да се заклучи дека традиционалната потреба за постојано вработување на едно работно место е заменета со константно учење“.
Тој наведува дека во иднина луѓето почесто ќе извршуваат повеќе работи одеднаш, што ќе влијае на развој на т.н. „гиг економија“, што подразбира дека луѓето се повеќе ќе заработуваат како фриленсери, но и тргувајќи преку платформи, како што се „Купувам-продавам“, „Uber“, „AirBnb“ или „etsy“.
За да се снајде во такво работно опкружување, човекот мора дополнително да ги развие оние способности кои го прават различен од машините. Тука станува збор на човечките можности да разликува лажни од вистинити информации, што се нарекува филтрирање на информации и систематско размислување, објаснува Штукер.
Тој смета дека моментната технолошка револуција не треба да стане борба меѓу луѓето и компјутерските алгоритми, туку можност човекот да го спознае својот целосен потенцијал.