Промовирани огласи »

Дијана Десподов е извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија – АмЧам, бизнис заедница на 130те најголеми компании во земјава. Таа е искусен ПР професионалец со исклучително силен капацитет за градење партнерства. Специјално за KARIERA.mk, таа го сподели нејзиното значително меѓународно искуство во секторот за развој, но и во полето на Корпоративната Општествена одговорност. 

  • Дали може да ни кажете повеќе за Вашето искуство како директор за комуникација на AMCHAM во Тајланд?

Во АмЧам Тајланд се најдов сосема случајно, но во четирите години кои ги поминав таму коморското работење ми влезе под кожа и немаше како поинаку да ја продолжам кариерата. АмЧам Тајланд е многу поголема и постара комора од нашата, со 60 годишна историја и околу 700 компании членки, со тим од 15 луѓе и повеќе од 250 настани годишно. Работата беше динамична, разновидна, и понекогаш предизвикувачка, но искуството беше бесценето. Мојата работа вклучуваше секојдневен контакт со многу луѓе од различни култури, стекнување на нови способности и знаења, и професионален и личен раст. Многу ми е драго што во АмЧам Македонија добив шанса и професионално да се доразвијам на повисока позиција и да ги имплементирам искуствата што ги донесов од Тајланд.

  •     Што не разликува од Тајланд?

Многу работи не разликуваат. Пред се, Тајланд е уставна монархија со која владее крал. Многу  е поголема и поразвиена економија, со долгогодишно присуство на странски компании, и со многу силно чувство на независност бидејќи никогаш не биле колонизирани, за разлика од нивните соседи.  Тоа што највеќе не разликува е фактот дека политиката има многу мало влијание врз економијата и врз секојдневниот живот на луѓето. На пример, кога се случи последниот воен удар во Тајланд во 2014 година ние го поминавме денот со нашите членки на добротворен голф турнир и никој не крена паника и не го ни напушти настанот. Знаеа дека бизнисот ќе си продолжи како и обично. Тоа во што сме слични се блиските семејни врски, хедонизмот и уживањето во храна и социјални средби, така што во приватниот живот често се чувствував како дома.

  •       Колку е тешко или дали воопшто е тешко да се ре-адаптирате повторно во вашата држава?

Враќањето во Македонија ми беше како кога ќе пуштите риба од аквариум во море и веднаш запливав во старите води. Многу помогна тоа што се вратив со ширум отворени очи и со реалистични очекувања, така што сеуште нема разочарувања. Од друга страна, продолжената нестабилност и несреденост остава многу простор за работа и напредок и тоа ми дава енергија и решителност. Се трудам и во приватниот и во професионалниот живот да се опкружам со луѓе со сличен светоглед, визија, и цели и не си дозволувам да западнам во песимизам и апатија. Ќе звучи како клише, но дома си е дома, и пресреќна сум што имам можност да работам во својата земја за своите луѓе.

  •    Дали вие како институција ги поддржувате општествените корисни проекти и на кој начин?

Апсолутно, општествената одговорност е приоритет на АмЧам Македонија. Ги поддржуваме и мобилизираме нашите компании членки во нивните општествено одговорни активности и промовираме општествено одговорни практики.  Како за пример, минатата година изградивме сензорна градина, надворешна училница за децата со оштетен вид во школото Димитар Влахов, со донации од компаниите. Годинава пак, избравме три општествено корисни проекти кои создаваат можности за развој на луѓе со попреченост, социјално загрозени категории, и деца и млади, и во април организиравме донаторска вечер на која компаниите донираа милион и пол денари за нивна имплементација. Во исто време, се обидуваме да ги искорениме застарените мислења дека компаниите не се грижат за луѓето и заедниците кои ги опкружуваат и да покажеме дека честопати приватниот сектор ги задоволува општествените потреби таму каде што јавниот сектор ќе потфрли. Понатаму ќе се погрижиме да се создаде законско опкружување кое ќе ги охрабрува компаниите да инвестираат во општеството што повеќе наместо сегашното кое ги пенализира и обесхрабрува.  

  •     Нагласете некои oд економските предизвици на македонските компании во Република Северна Македонија?

Според моите сознанија добиени од честата комуникација со членките, најголемите предизвици за компаниите се сивата економија, законодавната непредвидливост, и недостатокот на работна сила. Се разбира тука е и корупцијата како предизвик на целото општество. Сивата економија претставува 30% од севкупната економија и не само што го оштетува државниот буџет, туку и ги прави компаниите помалку конкурентни. Компаниите кои ги почитуваат законите и плаќаат даноци и придонеси имаат поголеми расходи и не можаат да им конкурираат со цени на тие кои се дел од сивата економија. При толку голема сива економија сите губат, и државната каса, и компаниите, и граѓаните кои не добиваат квалитетни производи и услуги. Законодавната непредвидливост во која закони се носат без најава, по скратена постапка, и без јавни консултации создава чувство на несигурност кај компаниите и не им дозволува долгорочно да планираат и да инвестираат во проширување и раст. Но, најголем предизвик е недостатокот на работна сила кој е резултат на иселување на граѓаните и несинхронизираност помеѓу потребите и понудата на пазарот на трудот. Имаме хиперпродукција на дипломирани правници и економисти кои не можат да најдат работа а од друга страна огромен недостаток на заварувачи и машинобравари. Исто така, бидејќи платите ги одредува пазарот на трудот по принципот на понуда и побарувачка моментално заварувачите се платени подобро од правниците. Мораме да го напуштиме принципот на “учи синко/ќерко за да не работиш” и да градиме кадри врз основа на побарувачката на пазарот на трудот.  

  •      Колку ги поддржувате младите со добри идеи за бизнис? На кој начин ги мотивирате за да ризикуваат и да започнат свој бизнис? Кои се вашите совети за нив?

Бидејќи младите во свои раце ја држат иднината на земјата, АмЧам Македонија се фокусира на поддржување, инспирирање, и вмрежување на младите. Поддржуваме студентски конференции, нудиме практиканство и менторство од страна на компаниите, и организираме настани за вмрежување на младите професионалци. Оваа наша определба ќе продолжи уште позасилено во иднина. Меѓутоа и младите треба да покажат малку повеќе иницијатива и посветеност на својот професионален развој. Ми пречи што нашите млади не покажуваат доволно претприемачки дух. Се чини дека им е комотно во нивната комфорна зона и не сакаат да преземаат ризици и да творат и создаваат. Младите треба да создаваат можности наместо да чекаат некој да им ги даде. Се разбира, и јавниот и приватниот сектор треба да работат во насока на создавање на услови младите да се самореализираат. Глобалната економија и зголемената поврзаност ја менуваат природата на работата и гледаме дека алтернативните форми на работа како фриленсинг, работа на далечина, и онлајн работење земаат се поголем замав и треба да ја ускладиме законската регулатива за да отвориме простор овие форми на вработување да станат дел од формалната економија.

  •     Која е Вашата препорака за младите кои заминуваат од државата, поагајќи од својот пример?

Мислам дека секој млад човек кој има можност да учи, живее, или работи надвор од државата треба да ја искористи таа шанса. Така се запознаваат нови култури, се шират видиците, се стекнуваат нови знаења и способности. Новите перспективи отвараат нови можности. Но, сепак мислам дека потоа треба да се вратат дома за да ги применат стекнатите знаења и способности со цел да создадеме просперитетна земја за сите.  

Промовирани огласи »

РКЕ по најавената измена или нова методологија за цените на горивата ги намали цените минатиот понеделник.

„Супер 95“ и „Супер 98“ се точат по цена помала за 1 денари или чинат 71,00, односно 73,00 денари.

За два денари РКЕ ја намали цената на дизелот кој се точи за 64,00 денари за литар.

Според помените во РКЕ, се очекува промена на цената на горивата и овој понеделник или секоја недела.

Промовирани огласи »

Од Управата за јавни приходи соопштија дека се продолжува рокот за потврда или корекција на Годишната даночна пријава. Граѓаните ќе може да извршат проверка на електронската даночна пријава и во текот на викендот односно уште денес 1. и утре на 2. Јуни.

Ова од причина што крајниот рок за добивање на статус на конечни даночни пријави е во неработен ден, согласно на што на 03.06.2019 (понеделник), Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави според последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана, велат од УЈП.

Пријавите коишто од страна на граѓаните не се ниту потврдени или коригирани ќе бидат службено потврдени.

Промовирани огласи »

АМСМ и денес со истото соопштение дека автопатот Миладиновци – Штип, секција Миладиновци – Кадрифаково и Кадрифаково – Миладиновци не е пуштен за сообраќај. 

На автопатот, како што се пишува, се вршат проверки од безбедносен карактер. Апелираме до сите возачи да не го користат автопатот-посочуваат од АМСМ.

Иако најавуваа и Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски и директорот на ЈПДП Зоран Китанов дека до крајот на месец мај треба да се пушти официјално во употреба автопатот Миладиновци - Штип, сепак тоа не се случи.

Дел од возачите иако не е официјално отворен за возење возат по новиот автопат.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »