Празно и жално зјае комплексот „Македонско село“ на скопско Водно, поточно спроти манастирот „Св. Пантелејмон“, кој беше отворен пред три години, но се затвори во октомври лани, пишува на оваа тема Независен.
Катанец на портите ги чува новите селски куќи од случајни намерници и ги спречува љубителите на старинскиот дух да прошетаат по камените улици на селото, да вдишат од здивот на Македонија.
Тажно висат обесени македонските знамиња на високите јарболи. На дрвените чардаци никој не може да си почине. Фенерите не светат, а дворовите од животни ги чуваат испреплетени суви гранки. Ни куче не лае по ‘селските’ улици.
Околу селото природата си го зема своето. Неискосена трева повисока од човек, гранки и обраснати патеки. Она што требаше да потсетува на серијата „Македонски народни приказни“, е оставено на забот на времето. Но можеби само затоа што е градено по терк на старите македонски села, од камен, сè уште ‘грее’ на летното, скопско сонце.Комплексот се состои од 12 тематски куќи, а секоја претставува по еден град од Македонија – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора.
Во долниот дел од куќите беа сместени дел од занаетчиските работилници, додека на горниот кат има соби за престој. Во битолската куќа, на пример, се наоѓаше грнчарска работилница, па сите што сакаа можеа да влезат внатре, да се обидат сами да направат нешто со помош на занаетчијата кој беше вработен таму или, пак, да купат нешто од готовите производи. Комплексот вклучуваше и хотел, огромно зелено пространство, со прекрасно уредена хортикултура, продавница за сувенири, маркет, како и неколку места за одмор и вкусна храна.
Но приказната за овој комплекс заврши во октомври 2018 година кога компанијата „Тинекс“, која беше првиот концесионер на комплексот од неговото отворање во 2016 година, информираше дека нема економска исплатливост и дека комплексот во континуитет работел со загуби.
Изградбата на комплексот „Македонско село“, почна во 2011 година, со инвестиција на Владата, а чинеше 6,5 милиони евра. Односно, за самата изградба се дадоа 5,2 милиони евра, за внатрешно уредување беа потрошени 1,3 милион евра, 24 илјади евра беа потрошени за електромобили кои служеа за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра беа потрошени за патоказите и ознаките на комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.
Прв концесионер беше „Тинекс“, кој се јави на вториот јавен повик за јавно-приватно партнерство и го доби за месечна кирија од 3.500 евра. Првиот повик го доби „Тренд“, но веднаш се откажа од концесијата. Етнокомплексот има 12.000 квадратни метри и е изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура. Во него работеа 50 вработени, а се очекуваше вкупната бројка да биде околу 70. Првичната цел и замисла за отворање на овој комплекс беше да се зголеми туризмот во Скопје, па и во Македонија.
Бајковитото село, кое според некои наликуваше на филмско студио, каде што може да се види Македонија во мало сè уште гордо стои на падините на Водно. По неговото отворање за кусо време го посетија многубројни гости од земјава и од странство. Беа фасцинирани од изградбата на куќите од работилницата за филигран, грнчарската работилница, ткајачницата… Имаше три ресторани, а во едниот од нив се служеше традиционална храна. Имаше и етнобар, каде што се точеше увозно и наше македонско квалитетно вино. Комплексот имаше и обезбеден простор за најмалите, каде што децата можеа да се забавуваат, како и огромно зелено пространство со домашни животни, што исто така будеше интерес кај најмладите. Блиску до градот, а со сосема поинаков шмек, „Македонско село“ даваше можност да се ‘избега’ од Скопје на чист воздух, со температурата пониска за седум до осум степени отколку во центарот.
„Тинекс“ одненадеж реши да се повлече, а за тоа не ја извести ни Владата. Во соопштение оттаму информираа дека не биле запознаени со намерата ниту со одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“, објектот да биде затворен и да престане да работи. „Во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите ‘Тинекс’ и хотелот ‘Квинс’, има член кој јасно определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку шест месеци однапред“, соопштија од Владата кога „Тинекс“ реши да се повлече.
Две недели потоа Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од изнаоѓање решение за стопанисување и управување со комплексот „Македонско село“ во Нерези, Скопје, и донесе одлука за формирање работна група за разгледување на сите аспекти на новонастанатата фактичка состојба, која ќе треба, врз основа на анализата на сите законски решенија, да предложи постапката со која ќе се обезбеди продолжување на стопанисувањето и управувањето со комплексот „Македонско село“. До затворање на весникот, „Независен весник“, и покрај инсистирањата, не доби одговор од Владата дали е формирана работна група и каков заклучок донеле.