Промовирани огласи »

За некои возачи возењето во ноќни услови е забавно и возбудливо, за некои спокојно и мирно, за некои е вистинско уживање, а за некои е напорно, мачно и тешко. Секој возач си има свои лични афинитети, желби и барања, но важно е да се потенцира дека, согласно искуствата и истражувањата, денското возење се смета за многу побезбедно од ноќното возење.

Возењето во ноќни услови носи многу предизвици, потенцијални закани и опасности од аспект на безбедно одвивање на сообраќајот па затоа експертите советуваат за полесно справување со предизвиците од ноќното возење.

  • Најголем предизвик кај ноќното возење е слабата видливост на патот и околината. Една студија во САД покажува дека од една третина до една половина од сите возила имаат слабо или погрешно насочени фарови и светла. Затоа, доколку патувате во ноќни услови, задолжително проверете дали светлата и фаровите работат со максимална ефикасност.
  • За подобра видливост, помало напрегање и помал замор при возењето во ноќни услови, светлата, фаровите, ретровизорот, ветробранските стакла и страничните стакла, секогаш треба да бидат максимално чисти.
  • Возачите со сериозни проблеми со видот најдобро е да не учествуваат во сообраќајот, особено во ноќни услови и во услови на дожд кога видливоста е значително загрозена.
  • Според англиските оптичари околу 90% од реакцијата на возачот зависи од видот. Затоа,  секогаш кога возите, а особено кога возите во ноќни услови, доколку имате проблем со видот, задолжително користете ги оптичките помагала.   
  • Доколку имате проблеми со видот и доколку користите оптички помагала, пред да започнете со патувањето, почекајте неколку минути во автомобилот очите да се прилагодат на темнината. Според англиската асоцијација на оптичари, прилагодувањето на темнината значително ќе ја подобри вашата способност за гледање во мракот. 
  • Возачите кои имаат проблеми со видот, во услови на ден и силно сонце, пожелно е редовно да користат очила за сонце и на тој начин полесно ќе се прилагодат за возење во услови на темнина.
  • Намалување или елиминирање на пушењето е особено важно затоа што чадот од пушењето ја намалува визуелната способност на возачот.
  • Согласно ЗБСП користењето на светла во Република Македонија е задолжително и дење и ноќе и таа обврска треба секогаш да се почитува. Доколку некогаш ги немате вклучено светлата и се прашувате дали е доволно темнина да ги вклучите светлата, тоа значи дека првите симптоми за намелена видливост се веќе присутни и треба веднаш да ги вклучите светлата. 
  • Искусните возачи знаат дека брзината секогаш треба да се прилагодува кон условите и видливоста на патот. Секој возач, секогаш треба да внимава на дозволената брзина, но во услови на ноќ, брзото возење повеќекратно го зголемува ризикот од предизвикување сообраќајна незгода.
  • Користете ги долгите светла, но истовремено бидете внимателни и не ги заслепувајте возачите кои доаѓаат од спротивен правец. Исто така, создавајте си навика да не гледате директно во светлата на возилата што доаѓаат од спротивната страна или во светлата што се наоѓаат во околината. Гледањето директно во изворот на светлината ја намалува визуелната способност на возачот и ги изморува очите.
  • Внимавајте на рефлексиите и на индиректните извори на светлина како издувните гасови на возилата пред вас, очите на животните, вировите вода на коловозот итн. Голема е можноста погрешно да ве наведат и да донесете погрешна одлука како возач. 
  • Возењето во ноќни услови, најчесто е спротивно на биоритамот на организмот и предизвикува замор и поспаност кај возачот, особено во периодот од 02.00 до 07.00 часот наутро. Затоа, доколку возите ноќе, правете почести паузи за одмор, вежби, краток сон.
  • За полесно да се справите со заморот, консумирајте повеќе течности (вода, кафе), разговарајте со сопатниците, пропуштајте свеж воздух во возилото и дишете длабоко.
  • При возење во ноќни услови, внимавајте на животните на патот - тие се активни во тој период од денот и ризикот за нивна појава е поголем.

Промовирани огласи »

Иако сите едвај чекаме да ни почнат летните одмори и да одмориме од работните обврски со кои се соочуваме во текот на целата година, свесни сме дека летниот одмор може да се претвори во ноќна мора, па затоа ви нудиме совет што да правите при најлошото можно сценарио, ако ви се расипе автомобил или ако ги загубите документите.

АКО ДОЈДЕ ДО СООБРАЌАЈКА

Ако е штетата помала од 500 евра и се согласите на вна со другиот учесник, треба да се пополни европски записник. Тој е бесплатен и ќе го добиете од друштвото во кое сте осигурани. Имајте го со себе кога тргнувате на пат. 

АКО СЕ РАСИПЕ АВТОМОБИЛОТ

Ако имате некаков дефект или едноставно ви пукне гума на одмор, прво треба да се јавите кај осигурителната компанија, за а не плаќате дополнителни трошоци. 

Треба да знаете дека трошоците нема да ви ги покријат ако сте возеле пијан или под дејство на наркотици.

Треба да се контактира и полицијата ако штетата е поголема.

ШТО АКО ГИ ЗАГУБИМЕ ДОКУМЕНТИТЕ

Никако не ги чувајте документите сите на исто место. Ако сте жртва на кражба или ви ги снема документите, веднаш пријавете во полиција. 

ОВА СЕ ВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ:

ХРВАТСКА 

Полиција 192

Итна помош 194

Помош на пат 987

ГРЦИЈА

Полиција 100

Итна помош 166

Полиција за туристи 171

БУГАРИЈА

Полиција 166

Итна помош 150

Промовирани огласи »

Празно и жално зјае комплексот „Македонско село“ на скопско Водно, поточно спроти манастирот „Св. Пантелејмон“, кој беше отворен пред три години, но се затвори во октомври лани, пишува на оваа тема Независен. 

Катанец на портите ги чува новите селски куќи од случајни намерници и ги спречува љубителите на старинскиот дух да прошетаат по камените улици на селото, да вдишат од здивот на Македонија.

Тажно висат обесени македонските знамиња на високите јарболи. На дрвените чардаци никој не може да си почине. Фенерите не светат, а дворовите од животни ги чуваат испреплетени суви гранки. Ни куче не лае по ‘селските’ улици.

Околу селото природата си го зема своето. Неискосена трева повисока од човек, гранки и обраснати патеки. Она што требаше да потсетува на серијата „Македонски народни приказни“, е оставено на забот на времето. Но можеби само затоа што е градено по терк на старите македонски села, од камен, сè уште ‘грее’ на летното, скопско сонце.Комплексот се состои од 12 тематски куќи, а секоја претставува по еден град од Македонија – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора.

Во долниот дел од куќите беа сместени дел од занаетчиските работилници, додека на горниот кат има соби за престој. Во битолската куќа, на пример, се наоѓаше грнчарска работилница, па сите што сакаа можеа да влезат внатре, да се обидат сами да направат нешто со помош на занаетчијата кој беше вработен таму или, пак, да купат нешто од готовите производи. Комплексот вклучуваше и хотел, огромно зелено пространство, со прекрасно уредена хортикултура, продавница за сувенири, маркет, како и неколку места за одмор и вкусна храна.

Но приказната за овој комплекс заврши во октомври 2018 година кога компанијата „Тинекс“, која беше првиот концесионер на комплексот од неговото отворање во 2016 година, информираше дека нема економска исплатливост и дека комплексот во континуитет работел со загуби.

Изградбата на комплексот „Македонско село“, почна во 2011 година, со инвестиција на Владата, а чинеше 6,5 милиони евра. Односно, за самата изградба се дадоа 5,2 милиони евра, за внатрешно уредување беа потрошени 1,3 милион евра, 24 илјади евра беа потрошени за електромобили кои служеа за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра беа потрошени за патоказите и ознаките на комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

Прв концесионер беше „Тинекс“, кој се јави на вториот јавен повик за јавно-приватно партнерство и го доби за месечна кирија од 3.500 евра. Првиот повик го доби „Тренд“, но веднаш се откажа од концесијата. Етнокомплексот има 12.000 квадратни метри и е изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура. Во него работеа 50 вработени, а се очекуваше вкупната бројка да биде околу 70. Првичната цел и замисла за отворање на овој комплекс беше да се зголеми туризмот во Скопје, па и во Македонија.

Бајковитото село, кое според некои наликуваше на филмско студио, каде што може да се види Македонија во мало сè уште гордо стои на падините на Водно. По неговото отворање за кусо време го посетија многубројни гости од земјава и од странство. Беа фасцинирани од изградбата на куќите од работилницата за филигран, грнчарската работилница, ткајачницата… Имаше три ресторани, а во едниот од нив се служеше традиционална храна. Имаше и етнобар, каде што се точеше увозно и наше македонско квалитетно вино. Комплексот имаше и обезбеден простор за најмалите, каде што децата можеа да се забавуваат, како и огромно зелено пространство со домашни животни, што исто така будеше интерес кај најмладите. Блиску до градот, а со сосема поинаков шмек, „Македонско село“ даваше можност да се ‘избега’ од Скопје на чист воздух, со температурата пониска за седум до осум степени отколку во центарот.

„Тинекс“ одненадеж реши да се повлече, а за тоа не ја извести ни Владата. Во соопштение оттаму информираа дека не биле запознаени со намерата ниту со одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“, објектот да биде затворен и да престане да работи. „Во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите ‘Тинекс’ и хотелот ‘Квинс’, има член кој јасно определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку шест месеци однапред“, соопштија од Владата кога „Тинекс“ реши да се повлече.

Две недели потоа Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од изнаоѓање решение за стопанисување и управување со комплексот „Македонско село“ во Нерези, Скопје, и донесе одлука за формирање работна група за разгледување на сите аспекти на новонастанатата фактичка состојба, која ќе треба, врз основа на анализата на сите законски решенија, да предложи постапката со која ќе се обезбеди продолжување на стопанисувањето и управувањето со комплексот „Македонско село“. До затворање на весникот, „Независен весник“, и покрај инсистирањата, не доби одговор од Владата дали е формирана работна група и каков заклучок донеле.

Промовирани огласи »

Авиокомпанијата „Визер“, која добива субвенции од државата, потврди дека издава двојни билети, но минимално, за што повеќе патници да можат да патуваат.

„’Визер’, во согласност со практиката на авионската индустрија и применливата легислатива за заштита на потрошувачите, дозволува минимално пребукирање на своите најпопуларни рути, со цел да овозможи повеќе патници да патуваат, наместо некои седишта да останат празни поради патниците кои воопшто не се појавиле“, ни изјавија од авиокомпанијата.

„Независен весник“ пред една недела пишуваше дека осум патници извисиле на саботниот лет од Берлин за Скопје. Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ на патниците со регуларни резервации им рекла дека не можат да влезат во авионот затоа што нема место. А, меѓу осумтемина имало и лица со дипломатски пасоши.

Настанот се случил на аеродромот „Шенефелд“, а според изјавата на сопругот на една патничка што не успеала да се качи в авион, иако имала дури и дипломатски пасош, со пребукирање на седишта не се судриле првпат.

„‘Визер’ имал политика да им откажува на тие што се чекираат последни, во случај кога сите што купиле карта ќе се пријават на летот“, ни изјави соговорникот објаснувајќи дека неговата сопруга го чекирала билетот во петокот, но авионот на саботниот лет бил преполн. На ќерка им, која имала резервација уште од Скопје, ѝ рекле дека е на списокот на патници и ѝ дозволиле да влезе во авион, но на неговата сопруга не. Аеродромскиот службеник ѝ рекол дека ќе ја вратат со следниот лет и дека ќе добие компензација. Проблем било што неговата сопруга морала да се јави на работа веќе в понеделник.

Дополнителна тензија им кренало тоа што на аеродромот немало кому да се обратат затоа што немало претставник на ‘Визер’. Им рекле дека комуникацијата со авиокомпанијата се одвива преку мејл. Дипломатката што останала во Берлин, цела ноќ ја минала во барање билет за враќање в недела, и успеала да најде, но само до Приштина. Сопругот вели дека малтретирањето што го доживеале не се плаќа со ништо, а по меѓународна конвенција можела да наплати максимум 250-300 евра.

Од „Визер“, објаснувајќи што во случај кога сите патници ќе се појават на летот, изјавија:

„Во исклучително неверојатен случај каде што сите патници се појавуваат, на волонтери ќе им бидат понудени oпции да патуваат подоцна или, пак, патниците што се чекирале последни ќе бидат сместени во следниот лет и ќе им биде даден надоместок согласно законот за патнички права“. Инаку, следниот лет од Берлин бил за три дена.

Во првиот квартал од годината со „Визер“ во Македонија летале 324.000 патници. На македонскиот пазар „Визер“ покрива над 67 отсто од сите дојдовни и појдовни летови. Со третиот договор за субвенционирање на летовите, државата на „Визер“ ќе му исплати 5 милиони евра за период од 2019 до 2022 година. Во нив влегуваат еднократна помош од 40.000 евра за секоја нова дестинација од Скопје, 9 евра по патник во првата година од договорот, 8 евра во втората година, а по 7 во третата. За секоја нова дестинација од Охрид поддршката ќе биде 13 евра по патник во првата година, 12 евра во втората и 11 во третата година.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »