Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ (Public Room) од пладневните до доцните вечерни часови е исполнет со дизајнери, претприемачи, презентери и предавачи, како и со вљубеници во естетската страна на секојдневниот живот.
Активностите на 25 ноември (петок) ќе почнат во 14 часот со три последователни презентации. Прва ќе се одржи презентацијата „Кофинансирачки грантови за новооснованите претпријатија“ (Co-financing Grants for Newly Established Enterprises), а ќе ја водат презентерите Катерина Кречева од Фондот за иновации и технолошки развој, и Нина Нинеска од „Модулар Арт Дизајн“. Целта на презентацијата е да се даде детален опис на инструментите за добивање на кофинансирачки грантови за новооснованите претпријатија, старт-апи и спин-офи, вклучувајќи ја целта на одреден инструмент, критериумите за подобност, процесот на селекција и др.
Презентацијата на проектот „Practicing Design“ ќе почне во 16 часот, во Конференциската сала во „Јавна соба“, а презентацијата ќе ја одржат проф. Јана Манева-Чупоска, проф. Гордана Вренцоска, асс. проф. Зоран Ѓурески и Марта Наумовска Грнарова од „Завар дизајн“. Целта на проектот „Practicing Design“ е да се промовира работата базирана на учење и развивање на повеќеслојни и претприемачки вештини во дизајн-едукацијата со развивање и тестирање на сет од иновативни тренинзи. Прирачникот за практичните тренинзи е развиван со размена на знаења и искуства помеѓу седум регионални партнерски организации од три држави, Австрија, Хрватска и Македонија.
Во 17 часот ќе се одржи презентацијата на работилницата „Мапирање на градот – креативни пристапи на Скопје“ на холандските дизајнери Марк Ендрју и Кристијан Деген, кои заедно работат како „ЕндрјуДеген“, графичко и истражувачко дизајн-студио базирано во Амстердам, Холандија. Во форма на работилница, презентацијата веќе ја имаат изведено на многу дизајн-фестивали и градови со светот, како Букурешт, Загреб, Дакар, Мексико Сити, Измир, Кејптаун, Хелсинки, а сега ја реализираат и во Скопје. Двајцата презентери во текот на Недела на дизајнот во Скопје соработуваат со локални дизајнери истражувајќи ги скопските катчиња. Учесниците во работилницата ќе развијат сопствени идеи базирани на социјални теми, лични искуства и ќе се обидат да го откријат уникатниот визуелен јазик на градот.
Во 20 часот ќе се одржи перформансот „Untie“ на македонскиот уметник со светски успех, Игор Јосифов. „Untie“ е кулминација на неговата ефикасност во работата и на животното патување во неговата еволуција како уметник.
Во ’Untie‘, јас сум задржан во средина, беспомошен и не можам да се ослободам. Моето тело е изложено на погледите од гледачите. Оваа метафора го отсликува уметникот како политичко тело, кое е заложник на материјализмот и ограничено од страна на структурирани простори. Костимот/инсталацијата е направен од ткаенина која е специјално создадена за користење на мојата техника на огнена рефлексија. Јас го насликав платното додека медитирав за моменталната состојба на светот. Во текот на процесот го обликувам пепелот од минатото и спомените што некогаш биле нематеријални, при соодветна реконструкција добиваат одредена форма“, вели Јосифов.
Џез-групата „Eyot“ од Ниш, Србија, на Недела на дизајнот во Скопје ќе настапи на 25 ноември, во 22 часот, со микс од повеќе албуми што досега ги објавиле, вклучувајќи и теми за албумот што го подготвуваат за објава во 2017 година. Однапред се радуваат на настапот и се надеваат на добра атмосфера.
На прашањето што го дава специфичниот израз на групата, текстот, пораката или изведбата, имајќи предвид дека еклектиката, односно миксувањето на жанровите е глобален процес во музиката, пијанистот и композитор во групата, Дејан Илијиќ, одговори:
Искреноста. Секој што ќе успее со текст или со музика да ја опише својата внатрешна состојба стигнува до својата специфичност. Потребно е време и групата да созрее, да го најде својот правец, и верувам дека тоа е еден од најголемите успеси на секој музичар.
Еклектиката е природна појава во развојот на човековата цивилизација, така и во музиката. Во денешното време на глобализација таа појава е забрзана, веројатно и поради интернетот, каде што е неминовно мешањето на идеи и влијанија, а така и спектарот на изрази се зголемува, што секако е позитивна работа за сите уметници и, воопшто, уметноста“, вели Дејан Илијиќ.
Групата досега имала само еден настап во Скопје со приватен карактер, а концертот на Недела на дизајнот во Скопје ќе биде нивниот прв официјален концерт. Скопје има посебно место во нивната кариера, бидејќи тука го снимиле својот прв студиски албум.
Неделата на дизајнот во Скопје е мултикултурна платформа фокусирана на дизајнот и иновациите која овозможува промоција, презентација, едукација, кулинарство и забава./крај/со/бб