Промовирани огласи »

Саемот на кариера и вработување 2019 ќе се одржи утре, на 22 октомври од 11 до 14 часот, на платото на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Агенцијата за млади и спорт обезбеди над триесет домашни компании, младински организации, агенции за вработување, едукативни центри и понуди за младински поволности.

Саемот е наменет за сите млади кои бараат пракса, работа, можности за вмрежување, младински активизам, ИТ едукација, програми за работа надвор од државата, Еразмус+ проекти, тренинзи, работилници, преквалификација и доусовршување.

Идејата е младите да дојдат со својата кратка биографија во печатена или електронска форма и да искористат некоја од можностите.

Промовирани огласи »

Десет отсто од граѓаните во земјава поседуваат противпожарен апарат во своите домови или автомобили. Свеста за потребата е многу мала, како и едукацијата за нивната примена.

Марија Кукуноска, менаџерка во БИСПАГ противпожарна техника, една од компаниите што имаат лиценца за работа на македонскиот пазар, вели дека покрај ниската свест за потребата да се поседува во домот и во автомобилот, проблем е и староста на противпожарните апарати што ги поседуваат институциите.

– Противпожарен апарат потребно е да поседува секој дом, секој автомобил и секој правен субјект, бидејќи претставува превентивно средство за лична безбедност. Важно е да се поседува како средство за почетно гаснење пожар, за да се спречи понатамошно ширење, но исто така во случаи каде што имаме пожар со правилна употреба на ПП-апаратот и за трасирање пат кон најблискиот излез за евакуација од просторијата што е зафатена со пожар, вели Кукуноска.

Законски за домаќинства и за автомобили во приватна сопственост не е задолжително поседување противпожарни апарати, а обврска е за возилата што вршат превоз на патници и за институциите и фирмите.

Според Кукуноска, внимание треба да се обрне и на едукацијата на граѓаните за користење на противпожарните апарати. Како што најави, нивната компанија ќе спроведе едукативна кампања месецов, кој е определен за заштита од пожари и безбедност во светски рамки.

Употребата на ПП-апаратот е многу едноставна, но секако потребно е да претходи обука за правилно користење со придржување кон упатството на производителот на ПП-апаратот што се наоѓа на секој апарат со шематски приказ за начинот на употреба, како и векот на траење, истакнува Кукуноска.

Појаснува дека новите апарати имаат век на траење 20 години. Во некои институции, укажува, има ПП-апарати од седумесеттите години на минатиот век, кои иако се со рок на траење од седум години, сè уште се во употреба и претставуваат опасност. Тие, порачува, треба да се заменат со нови.

Месецов ја интензивираат активноста наречена „Старо за ново“, со цел подигнување на безбедноста на највисоко ниво, со што би ги замениле старите апарати што се максимално небезбедни со нови. 

Промовирани огласи »

Ноќта сабота кон недела часовниците треба да се вратат за еден час наназад. Поточно, во 3 часот после полноќ, се поместуваат на 2 часот, со што започнува зимското сметање на времето.

Промената на времето во западна Европа е воведено во 1970 година, поради заштеда на електрична енергија, зголемена продуктивност и поефикасен работен ден.
Сепак, поновите истражувања и анализи покажале дека промената на времето носи негативни последици по човековото здравје, земјоделството и безбедноста во сообраќајот.

Европскиот парламент во март годинава изгласа одлука за укинување на летно и зимско сметање на времето, која ќе важи од 2021 година.

Промовирани огласи »

Земјите од ЕУ се договорија да забранат пластика за еднократна употреба. Новите европски регулативи предвидуваат забрани на производите од пластика за еднократна употреба до 2021 година. Канадскиот премиер Џастин Трудо, инспириран директно од оваа иницијатива, најави слична забрана на пластика за еднократна употреба како и забраната за пластични шишиња за вода во неговата земја.

Европскиот парламент годинава со големо мнозинство ја изгласа резолуцијата за забрана на пластични производи за еднократна употреба. Овој договор има за цел новата регулатива да се имплементира кај земјите-членки на Европската Унија до 2021 година. Токму поради тоа дел од европските, но и другите земји во светот преземаат активности за да го намалат нивниот придонес кон загадувањето. Прва цел за елиминација од повеќето видови еднократна пластика им се пластичните ќеси. Експертите по екологија велат дека нивниот процес на производство е штетен за животната средина и останува токсичен за околината откако тие ќе се фрлат.
Германија е првата земја од ЕУ што воведе забрана за користење на пластичните ќеси, а наедно воведува закон со кој ќе ги забрани производите од пластика за еднократна употреба до 2021 година. Кон овој чекор се придружи и Србија, поточно Белград, кој од први јануари следната година ќе воведе забрана за пластичните ќеси. Ќе фатиме ли приклучок и ние, ако започнеме отсега да работиме на овој план?

Првични активности започнаа со екокампања за укинување на пластичните ќеси преку синџир дрогерии кај нас. Тие првично и официјално ги укинаа пластичните ќеси и нема повеќе да им ги делат на своите потрошувачи. Наместо најлонски ќеси, тие ќе им нудат алтернативни еколошки решенија за пакување на купените производи. Со овој глобален тренд што се случува, се поставува прашањето дали овој еколошки бран ќе помине и ќе измени нешто кај нас или само ќе нѐ измине?

Заменик-министерот за екологија Јани Макрадули изрази надеж дека повеќе компании и кај нас ќе го следат примерот на веледрогериите, кои први почнаа кампања за забрана за употреба на најлонските ќеси. Останува да видиме дали на ваквиот потег ќе се придружат и други фирми. За поголема ефикасност во битката за спас од најлонските ќеси и пластичните производи веројатно многу повеќе ќе треба да се вклучи и власта, можеби и со наоѓање на законско решение кое ќе ни овозможи поздрава животна средина.

Парискиот договор за климатски промени предвидува справување со сите извори на загадување, тоа значи и справувањето со еднократната пластика, изјави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на екокампањата за укинување на пластичните ќеси.

– За жал, во Македонија во процесот на стакленичките гасови отпадот е на второ место. Ако сакаме да ја намалиме емисијата на стакленички гасови во согласност со Парискиот договор и барањата од климатските самити, ќе мора да се справиме и со пластичните ќеси – вели Макрадули.

Глобалниот извештај за климата од 2015 до 2019 г. покажува дека концентрацијата на јаглерод диоксид и метан-гасовите достигнува рекордни нивоа во последните пет години. Зголеменото присуство на јаглерод диоксид во светот, според повеќето истражувања, е поради создавањето големи количества отпад. Исто така, според извештај на Светската метеоролошка организација, овој период претставува најжешкиот период во историјата на мерења на Земјата. Знаците и влијанијата од климатските промени, како што се покачувањето на нивото на морето, топењето на мразот и екстремните временски неприлики, се зголемиле во периодот од 2015 до 2019 година. Многу истражувања, вклучувајќи ги и оние од Светската здравствена организација, укажуваат дека храната што ја јадеме и водата што ја пиеме содржат микропластика, речиси 90 проценти од светската популација дише загаден воздух. Овие податоци се загрижувачки и од еколошките здруженија апелираат дека треба да се преземат посериозни мерки.

Според експертите за екологија, пластиката не е биоразградлива. Пластичните ќеси, кои се изработени од полиетилен, предизвикуваат загадување цел живот – од производство до отстранување. Нивниот процес на производство е штетен за животната средина и останува токсичен за околината откако тие ќе се фрлат.

– Пластиката во природата не се разградува туку само се распаѓа на помали парчиња, кои потешко се забележуваат. Поради илјадниците „биоразградливи“ ќеси што се користат, депониите се еден од најголемите загадувачи на воздухот и почвата. Затоа мора да се размислува за рециклирање на пластиката, а не за производство на нова – велат од „Екосвест“.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »