Ако некои од работниците во земјава очекуваа дека ќе им бидат зголемени платите за октомври, благодарение на новиот Закон за субвенционирање на придонесите, тоа сигурно нема да се случи.
Затоа, пак, газдите, врз основа на овој закон ќе можат да ги „кренат“ ноемвриските плати, кои ќе бидат исплатени на почетокот на декември.
Од Владата велат дека никогаш не ни ветиле оти мерката за субвенционирање на придонесите ќе почне да важи за октомвриската, туку дека и нивното првично ветување било за ноемвриската плата.
А причина што не може да се „фати“ октомвриската плата е што доцни носењето на Законот за субвенционирање на придонесите, иако тој оди по скратена постапка во Собранието.
Имено, предлог законот е ставен на гласање на пленарна собраниска седница дури на петти ноември, односно во вторник наредната недела. Но, без оглед на тоа, во самиот закон, во преодните и завршните одредби, е наведено дека овој закон ќе се применува од први ноември годинава.
Според пратениците од владејачката СДСМ, од правен аспект не е проблематично законот да се изгласа на петти ноември, а да почне да важи претходно, од стартот на месецот.
Сепак, во самиот предлог закон, во членот 9, е наведено дека „субвенционирањето на придонесите за зголемувањето на платите согласно овој закон, започнува да се применува со исплата на плата за месец октомври 2019 година“, како и дека „подзаконскиот акт чие донесување е утврдено со овој закон, ќе се донесе во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон“.
Дел од бизнисмените со кои разговаравме велат дека без разлика што во законот е наведено оти субвенционирањето ќе почне со исплатата на октомвриската плата, тие ќе ги зголемат дури ноемвриските. Во спротивно, на вработените би им задоцнила платата за овој месец. Ова од причина што дури по изгласувањето на законот ќе треба да се обезбеди посебна графа во МПИН пресметката, за ослободување од придонесите за пензиско и здравствено осигурување.
„Кај мене вработените се навикнати да земаат плата веднаш на почетокот на месецот, таман работа да ја задоцнам, ќе се случи револуција во фирмава“, вели сопственик на една компанија.
Затоа тој одлучил да ја искористи владината мерка почнувајќи од ноемвриската плата.
Планира на 20-тина свои вработени да им ја зголеми платата за по три илјади денари, и на тој начин да ги искористи владините субвенции.
„Ако досега тоа зголемување би ме чинело 4.300 денари заедно со персоналецот и придонесите, со новиот закон ќе ме чини 3.300 денари, бидејќи на зголемувањето од три илјади денари ќе се плаќа само персоналниот данок од 10 отсто. Тоа значи дека практично државата ќе ме ‘чести’ илјада денари, што не е малку. Зошто да не ја искористам оваа можност“, објаснува овој бизнисмен.
А на прашањето зошто доцни ставањето на дневен ред на Законот, пратениците од СДСМ велат дека тоа е од објективни причини. Прво, во изминатата недела бил на службено патување претседателот на Собранието Талат Џафери, а од стартот на оваа недела вниманието го окупира Комисијата за европски прашања. Утре, пак, на дневен ред во Собранието се пратеничките прашања. Затоа како единствен можен термин се искристализирал петти ноември.
Со Законот за субвенционирање на придонесите се предвидува дека секој газда што ќе ја зголеми платата на своите работници за сума од 600 до 6.000 денари, за износот на зголемувањето ќе биде ослободен од придонесите, а ќе треба да го плати само персоналниот данок.
А дали некоја компанија ги исполнува условите за да земе субвенции од државата, ќе проверува Управата за јавни приходи.
„Управата, за обврзникот кој побарува субвенционирање на придонеси за осигуреникот, ја проверува исполнетоста на законските услови“, наведено е во Предлог-законот.
Намерите на власта се со законот да им помогне на газдите кои ќе решат да ги „почестат“ работниците со повисоки плати, и тоа да оди преку легалните канали на државата.
Исплатата на субвенците ќе оди Министерството за труд и социјална политика.
Владата долго размислуваше кој период да се земе како референтен, бидејќи, како што во една прилика рече премиерот Зоран Заев, одредени газди кога слушнале дека ќе се носи законот, веќе ги намалиле платите, за потоа да ги зголемат и да ги искористат субвенциите.
Сепак, на крај одлучила тоа да бидат последните три месеци.
„Референтен период се три последователни месеци кои претходат на месецот за кој обврзникот прв пат остварува субвенционирање на придонесите за определен осигуреник“, стои во предлогот.