На само 20 дена пред истекот на законската обврска на работодавачите да исплатат К15, работничките здруженија со се погласни реакции за манипулациите што ги прават некои газди за да се „спасат“ од обврската за регресот.
„Ова сега е експлоатација, неевидентирана и неплатена во најголем број од фирмите. Зголемен обем на работа е нешто најглупаво и манипулативно што може да се измисли и стави во закон. Кој одредува колку е зголемен обемот на работа, газдата? Нив се им е малку. И да се направи статистика , ако толку им е зголемен обемот на работа, да си вработат луѓе, а не еден да им работи за четворица“, напиша Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ на својот фејсбук профил.
Таа за Фактор вели дека и во сегашниот Закон за работни односи и колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството, стои и е определено во кои случаи работодавачот може да наложи прекувремена работа.
„Обично во овој сектор каде работиме ние, работодавачите пријавуваат прекувремена работа поради зголемен обем на работа. Меѓутоа, често пати ниту пријавуваат, ниту ги евидентираат тие прекувремени часови, што значи не ги ни плаќаат. Инаку, не смеат да изнесуваат повеќе од 190 часа годишно. Значи тие имаат зголемен обем на работа, а на крајот на годината пријавуваат загуба за да не исплатат К15“, ја објаснува Ампева манипулацијата.
Според неа, ова се прашања кои лебдат во воздух и никој не се чувствува повикан да одговори.
„Работниците и работничките се сведоци дека газдите живеат на висока нога, купуваат џипови пред крајот на годината, а исплаќаат К15 во износ од 2.000 или 3.000 денари“, нагласува Ампева.
Проблемот, според неа, произлегува што во колективниот договор стои дека фирмите кои имале економско финансиски потешкотии, можат да исплатат помала сума за регрес за годишен одмор. Но, која е помалата сума, не е прецизирано.
„Кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна предходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците“, вели Ампева.
Таа нагласува дека работничките здруженија и синдикати овој проблем го гледале со години, но на него не можеле да делуваат.
„Е сега, Упрацата за јавни приходи треба да даде одговор како тоа фирмите пријавуваат загуба, а купуваат џипови“, вели Ампева од „Гласен текстилец“.