Од стартот на идната година законот ќе стапи на сила, но граѓаните и компаниите уште не знаат колкави ќе бидат даночните стапки и на кои видови возила. Законот за данок на моторни возила во петокот беше на разгледување пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, а од први јануари идната година треба да стапи на сила.
Со овој закон се предвидува дека висината на данокот ќе зависи од годината на производство на возилото и неговата набавна цена, како и од тоа колкава емисија на јаглерд диоксид испушта во околината.
Министерката за финансии Нина Ангеловска неодамна изјави дека станува збор за неселективно системско решение, кое воведува еколошка компонента, што пак, значи дека оние што загадуваат, ќе плаќаат поголем данок.
Но, висината на данокот уште не се знае. Таа, како што вели и министерката, ќе се утврди со уредба, што ќе се донесе по усвојување на законот. Уредбата ќе дефинира каде колку ќе биде данокот по вредност на возилото, а колку данок по загадување.
„Станува збор за комплетно нов закон, кој системски адресира одредено прашање, неселиктивно, односно зборуваме за закон на кој работеше Министерството за финансии и Царинската управа и кој треба да стапи во сила од 1 јануари. Првпат имаме ваков закон што воведува еколошка компоненета и кој вели - оние што загадуваат помалку ќе плаќаат помал данок, оние што загадуваат повеќе ќе плаќаат поголем данок. Претходно тоа се нарекуваше акциза и беше регулирано во Законот за акциза и сега тоа повеќе не е таму регулирано, туку имаме нов закон за моторни возила по примерот на развиените земји“, изјави Ангеловска во петокот.
Според неа, користен бил примерот на Хрватска, каде се покажале значителни резултати со дестимулирање купување возила што загадуваат.
„Досега даночењето на возилата беше третирано исклучиво од фискален аспект на приходи во Буџетот. Со новиот предлог-закон се стимулира набавката на еколошки возила. Најчесто купуваните возила меѓу 8 и 15.000 евра, со еуро стандард 5 или 6, ќе имаат дури и помал данок. Целта на новиот начин на оданочување на возилата е да се влијае на намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во текот на целата година“, нагласи министерката.
Директорот Танасоски вели дека не може преку ноќ да се преуреди структурата на возниот парк, кој има просечна старост меѓу 15 и 18 години, и во кој само еден процент од возилата имаат еуро 6 стандард. „Но, од некаде мора да се почне, новиот закон за данок на моторни возила е прв исчекор, а резултатите можеме да ги очекуваме по три-четири години“, смета Танасоски.
Граѓаните кои ќе набавуваат возило по стапувањето на сила на новиот Закон, ќе имаат на располагање Калкулатор на веб страната на Царинската управа, за пресметка на данокот.
Како данокот ќе влијае врз цената на автомобилите што ќе се увезуваат, тој објасни дека промената на цените на возилата не се очекува да се почувствува во првата година, туку процесот ќе се одвива постепено.
Во предлог законот, меѓу другото, стои и дека на таксистите ќе им бидат вратени 25 отсто, односно 80 проценти од данокот, ако се работи за возило со осум или девет седишта. Истото важи и доколку такво возило правни лица користат за превоз на лица за службени потреби, како и за возилата за домување. Истиот член предвидува и износот на платениот данок да се врати во целост за нови трицикли или четирицикли набавени од страна на регистрирани лица за вршење основна дејност комунална хигиена.
Од Стопанската комора на Македонија сметаат дека „имајќи ја предвид актуелната состојба со аерозагадувањео, за поздравување е фактот што се предвидува оданочување на моторните возила, покрај врз основа на нивната вредност, и врз основа на износот на просечната емисија на јаглерод диоксид“. Но, додаваат, „спорно е дали со овој закон ќе се постигнат позначајни цели во овој контекст“.
Наведуваат две причини. Прво, на Владата и се дава надлежност да го пропишува начинот на пресметка и да ги утврдува износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила.
„Од предложената одредба во која недостигаат даночните стапки, јавноста не може да се увери во исправноста на концептот, бидејќи на овој начин не може да се утврди износот кој би требало да го плаќаат деловните субјекти и граѓаните, што создава правна несигурност. ... Оттаму, не може да се претпостави, ниту да се утврди дали и какви ефекти ќе се постигнат со промените, односно дали новото решение ќе ги даде посакуваните резултати од фискален аспект и од аспект на заштита на животната околина“, сметаат од Стопанската комора на Македонија.
Второ, според комората, во новиот Законот се предлага само патничките возила, мотоцикли и скутери, трицикли и четирицикли кои се движат исклучиво со електричен погонски мотор, да не се предмет на оданочување со данок на моторни возила. Досега патничките автомобили на хибриден погон беа ослободени од акциза, а согласно пропишаното, тие ќе се оданочуваат со новиот данок.
„Доколку предлагачот на новиот закон се води од намерата со предложеното решение да се постигнат одредени цели поврзани со намалување на аерозагадувањето, тогаш ваквиот предлог е неразбирлив, особено кога станува збор за возила кои се хибридни, а кои се приклучуваат на надворешен извор на електрична енергија „plug-in“. Тие возила имаат целосно електричен досег на возење од околу 30 до 80 км, зависно од моделот, што значи дека во градски услови на возење, тие не се критични од аспект на загадувањето, и можат да се употребуваат и третираат како целосно електрични возила... Имајќи предвид дека нивната производна цена е висока во споредба со другите возила, нивното оданочување со новиот данок на моторни возила ќе ја зголеми нивната цена и веројатно ќе ја дестимулира продажбата на истите“, велат од комората.
Оттаму сметаат дека во Собранието треба да се отвори сериозна дебата како во однос на вклучувањето на даночните стапки во новиот закон, така и во однос на потребата од изземање од оданочување на патничките возила кои се движат на хибриден електричен погон, со можност да бидат полнети со приклучување на надворешен извор на електрична енергија.
Во изминативе 10 години во земјава биле увезени над 300 илјади половни автомобили.