Промовирани огласи »

Центарот за управување со кризи денеска соопшти дека имплементацијата на единствениот европски број за итни повици 112 е почната и во најголем процент воведувањето во употреба на овој број треба да заврши кон крајот на 2020 и почетокот на 2021 година.

ЦУК информира дека 112 е телефонски број за итни повици за граѓаните на Северна Македонија, како и странци кои се наоѓаат на наша територија, а забележале настан со потенцијална опасност за животот на луѓето или материјалните добра.

Согласно добиените финансиски средства од страна на Европската комисија во рамките на програмата „Миграција и азил, гранчен менаџмент и борба против тероризам и организран криминал“, како и предвидените финансиски средства во буџетот на Центарот за управување со кризи за следните три години, започната е имплеметнацијата на проектот. Паралелно, со набавката на опремата ќе се работи и на обука на лица кои ќе ги примаат повиците и ќе управуваат со нив, соопшти ЦУК.

Од ЦУК дополнуваат дека со воведувањето во употреба на единствениот европски број за итни повици ќе биде обезбедено и мултијазична поддршка, достапност до бројот до многу ранливи категории на луѓе, луѓе со различен вид на попреченост, како и достапност до бројот 112 преку социјалните мрежи.

Во моментов, како што велат, се работи на градежно, имформациско и комуникациско уредување на просторот наменет за оперативниот центар.

Наредната година ЦУК ќе се фокусира на имплементација на Процената на загрозеноста на безбедноста на земјава од сите ризици и опасности на државата, Процени на загрозеноста на подрачјата на општините и Град Скопје и Веб базирана алатка „e-procena“.

Процената претставува документ кој е во функција на планирање и организација на системот за управување со кризи, го помага процесот на одлучувањето на надлежните носители на функции и одговорности, ја поддржува комуникацијата, координацијата и употребата на ресурсите заради превенција, рано предупредување и справување со сите ризици и опасности кои можат да го загрозат животот и здравјето на луѓето, материјалните и природните богатства, како и општата безбедност на државата, информира ЦУК.

Промовирани огласи »

Невербалната комуникација е значајно поважна од вербалната. Велат дека 93% од комуникацијата е невербална. Сите успешни луѓе, пред сè, изгледаат добро и убедливо додека говорат, без разлика на областа во која работат. Разберете ја невербалната комуникација подобро користејќи ги следните трикови.

Огледало

Пристапот се состои од имитирање на гестовите кои ги прави соговорникот, иако суптилно. Не сакате да го копирате секој детал, но сакате да се однесувате слично како и тие за да создадете добра врска со соговорникот.

Без непотребни гестови

Честопати, тремата прави да правиме чудни гестови, како вкрстување на рацете или допирање на накитот. Овие мали детали ја издаваат несигурноста на личноста.

Моќна поза

Позата на моќ се состои од ширење на рацете високо над главата во облик на латинично В. Оваа поза се смета дека го зголемува тестостеронот, како и самодовербата.

Раширете ги нозете

Кога луѓето ги вкрстуваат нозете праќаат сигнал за затвореност и срамежливост. Не го давајте тој сигнал кога разговарате со некоја значајна личност во вашиот живот.

Насмевка

Што е подобро од насмеано лице? Смеата испраќа сигнал за поврзаност помеѓу двајца или повеќе луѓе. Смејте се секогаш кога сакате да се зближите со некого.

Не за вкрстени раце

Исто како вкрстувањето со нозете, вкрстените раце може да изгледаат лошо од другата страна. Ова е знак за скептичност и одбрана, а со тоа се дистанцирате од соговорникот.

Главата горе

Кога ја подигнувате главата покажувате гордост, самодоверба и доминација. Следниот пат кога сакате да покажете самодоверба, само подигнете ја главата.

Дланките горе

Кога комуницирате со вашите раце, не заборавајте да ги поставите дланките горе. Со ова потсвесно покажувате дека може да ви се верува и дека не криете ништо.

Потврдувајте со главата

Кога се обидувате да се поврзете со соговорник додека тој/таа зборува со вас, потврдувајте со главата кога слушате нови работи. Ова е голем знак дека се согласувате со нив и дека ги слушате и разбирате.

Нежно допрете ја личноста за раката

Со овој гест градите доверба. Секако, не треба да ги допирате сите постојано. Кога раскажувате приказна или кажувате нешто интимно, тоа е повеќе од дозволено. Со ова создавате врска меѓу вас и соговорникот.

Тоа се неколку трикови кои ќе ви помогнат во приватниот и професионалниот живот. Знаете други кои се корисни?

Промовирани огласи »

Жителите на Македонија 37,8 отсто од своите месечни приходи трошат за храна, покажува истражувањето на руската агенција „РИА Рејтинг“, со кое се опфатени 40 европски држави врз основа на податоци од националните статистички служби за 2019 година.

Наспроти ова, жителите на земјава, според анализата, трошат четири отсто од приходите за цигари и алкохол, 3,6 проценти за трошоци во ресторани, кафулиња и хотели и само 1,8 отсто за култура и рекреација.

Истражувањето покажува дека со потрошени 37,8 отсто од месечните приходи за храна, земјава се наоѓа на 37 место на листата, пред Молдавија (43,8 проценти), Казахстан (47,6 отсто) и Украина (50 проценти). На врвот на листата со најмал процент на трошоци за храна е Луксембург (8,4 отсто), пред Холандија и Велика Британија (по 10,6 проценти), Ирска (11,5 отсто) и Финска (11,7 проценти).

Од земјите во регионот најдобро рангирана е Словенија на 18-то место со трошоци за храна од 15,4 отсто од вкупните приходи, Грција е 22-ра со (20,2 проценти), Турција е на 23 место (20,3 отсто), Хрватска на 29-та (28,2 проценти), Црна Гора е 30-та (29,7 отсто), Србија е 34-та (34,3 проценти), а Бугарија е едно место пред земјава, односно 37-ма (37,8 отсто).

Во категоријата на трошоци за цигари и алкохол, Македонија со 4,0 отсто е на делба на 34 место заедно со Литванија и Турција, а по земјава следуваат Украина (4,1 отсто), Србија (4,9 проценти), Бугарија (5,0 отсто) и Романија (8,2 проценти). На самиот врв е Луксембург со 1,3 отсто трошоци за цигари и алкохол од вкупните приходи, пред Португалија, Кипар и Молдавија (по 1,6 проценти) и Шпанија и Германија (по 1,7 отсто). Словенија е 12-та (2,1 проценти), Хрватска е 24-та (2,9 отсто), а Грција и Црна Гора се на делба на 29-то место со по 3,7 отсто.

Кај процентот на трошоци од месечните приходи во ресторани, кафулиња и хотели, земјава е на 11-то место со 3,6 отсто. На врвот на оваа класификација се Романија и Молдавија со 1,9 проценти, пред Белорусија (2,8 проценти) и Хрватска и Украина (со по 2,9 отсто), додека на самото дно се Шпанија (9,9 отсто), Грција (10,8 проценти) и Швајцарија (11 отсто). За Бугарија и Шведска нема податоци во оваа категорија, додека од останатите земји од регионов Србија е шеста (3,1 проценти), Црна Гора 12-та (4,0 отсто), Словенија е на делба на 19-то место со уште четири земји со по 5,7 проценти.

Македонија е на делба на вицешампионското место со Казахстан во категоријата процент на трошоци за култура и рекреација со 1,8 отсто. Пред земјава е само Молдавија со 1,5 проценти, а по нас и Казахстанците следуваат Украина (2,1 отсто) и Турција (2,9 проценти). Последните пет места на листата ги заземаат Германија (10,3 проценти), Исланд 11,1 (отсто), Австрија (11,5 проценти), Велика Британија (15 отсто) и Швајцарија (18,7 проценти). Од земјите во регионот Црна Гора е шеста (3,3 отсто), Грција десетта (4,7 проценти), Србија 12-та (5,1 отсто), Хрватска е на делба на 14-то место со Шпанија (5,5 проценти), Бугарија е 17-та (5,9 отсто) и Словенија е 29-та (13 проценти).

Албанија, Босна и Херцеговина и Косово не се опфатени со истражувањето.

Промовирани огласи »

До крајот на 2020-та, стапката на рециклирање треба да биде најмалку 55 отсто, а најмногу 80 отсто од амбалажниот отпад што е создаден на територијата на Република Македонија – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Главниот град на Србија, Белград, веќе објави дека од Нова година ги укинува пластичните ќеси. Дали и Скопје ќе преземе ваква иницијатива и ќе се заложи за укинување на пластичните ќеси и производите за еднократна употреба, нема одговор од градските власти.

Но од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, информираат дека се подготвува нов предлог-текст на законот со кој се забранува достапноста на пазарот на многу лесни пластични ќеси за транспорт на стоки во Македонија. Со новите измени се предлага забрана за употреба на производи изработени од пластични материјали за една употреба, како пластични сервиси за јадење, пластични пикник-комплети, чашки, сламки, чепкалки за уши и слични производи.

Во предлогот се наведува дека ова треба да стапи во сила од 2025 година, но, сепак, се остава можност дополнително да се разгледа со бизнис-заедницата, објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Затоа важно е да се напомене дека, сепак, станува збор за предлог за кој сѐ уште не се знае дали ќе биде усвоен.

Со новиот предлог-закон се ограничува достапноста на пластичните ќеси на пазарот, така што ќе плаќаат надомест сите што ќе одлучат да ги користат. Наместо пластичните ќеси, на пазарот ќе бидат подостапни 100 отсто биоразградливите пластични или хартиени ќеси, кои се произведени во согласност со пропишаните стандарди за биоразградливост. Исто така, за овој вид ќеси нема да им се наплатува на крајните корисници, со исклучок на оксобиоразградливи и оксоразградливи производи – вели раководителката на секторот за управување со отпад Ана Каранфилова од Министерство за животна средина и просторно планирање.

Според еколошките експерти, оксобиоразградливите и оксоразградливите производи претставуваат производи создадени од пластика, која во себе содржи адитиви што овозможуваат побрзо разградување. Иако има побрз временски период на разложување овој вид пластика, сепак таа се фрагментира во помали парчиња, поточно микропластика, која не се распаѓа на молекуларно ниво како другите биолошки производи. Од ваков вид пластика се изработени биоразградливите пластични ќеси што моментално ги користиме и се законски дозволени за користење во Македонија.

Ова значи дека доколку граѓаните купат намирници и сакаат да користат пластична ќеса од некој маркет, ќе мора за неа и да платат. Цената за пластична ќеса што треба да ја платат потрошувачите, според новиот предлог, ќе изнесува 10 денари по парче и ќе ја наплаќа трговецот на местото на продажба – додава Каранфилова.
Предлог-законското решение го задолжува секој производител во 2020 година да собере 55 отсто од амбалажниот отпад на своите производи, додека пак до 2025 година обврската е 80 отсто. Со предложеното законско решение се прави обид за воспоставување хармонизација со најновите европски директиви што се однесуваат на управување со отпадот.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »