Најбогатите 20 отсто Македонци добиваат 6,6 пати повеќе пари отколку тие 20 отсто на дното, со најниски приходи. Ова го покажуваат податоците на Европското статистичко биро Евростат, кои ја потврдуваат големата нееднаквост во дистрибуцијата на приходите во Европската Унија.
Според последните податоци за 2015 година, првите 20 отсто од населението, тие со највисок еквивалентен расположлив приход, добиваат 5,2 пати поголем приход отколку оние 20 отсто на дното. За Македонија овие параметри покажуваат дека тие 20 отсто на врвот заработуваат 6,6 пати повеќе отколку тие 20 отсто на дното.
Најголема разлика во Србија
Податоците на Евростат покажуваат дека соодносот на еквивалентниот расположлив приход во 2015 година значително варирал кај земјите-членки. Односот изнесува помалку од 4 во Словачка, Чешка, Финска, Словенија, Шведска, Холандија и Белгија, на 6 или повеќе во Португалија, Естонија, Латвија, Грција, Шпанија, Бугарија и Литванија и дури 8,3 во Романија.
Меѓу земјите што не се членки, како Исланд, тој однос е 3,4, а во Норвешка е 3,5, а во Турција, според податоците за 2013 година е 8,7 додека Србија со стапка 9 е рекордер.
Еквивалентниот расположлив приход е вкупниот приход на домаќинството, по даночни и други олеснувања, кој е достапен за потрошувачка или штедење, поделен со бројот на членовите во домаќинството.
- Владите, креаторите на политиката и општеството во целина не може да се борат против сиромаштијата и социјалната исклученост без анализа на нееднаквостите во општеството, без разлика дали тие се економски или социјални по природа. Податоците за економската нееднаквост станаа особено важни за проценка на релативната сиромаштија, бидејќи дистрибуцијата на економските ресурси може да имаат директно влијание врз обемот и длабочината на сиромаштијата - стои во извештајот на „Евростат“.
Во ризик од сиромаштија 33,1 отсто од Македонците
Просечниот приход на лица изложени на ризик од сиромаштија во ЕУ-28 беше, во просек, 24,8 отсто,оваа граница е поставена на 60 отсто од националниот просечниот еквивалентен расположлив приход на сите лица. Меѓу земјите-членки на ЕУ, медијаната што го отсликува ризикот од сиромаштија е најголема во Романија (38,2 отсто) и Шпанија (33,8 отсто). Над 25 отсто се за Грција, Бугарија, Италија, Португалија, Словачка, Хрватска, Литванија и Латвија. Јазот, исто така, беше на релативно високо ниво во Србија (37,6 отсто) и Македонија (33,1 отсто). Најниската медијана за јаз од ризик од сиромаштија меѓу земјите-членки, е забележан во Финска (13,2 отсто) и во Франција (15,7 отсто).