Промовирани огласи »

Како што најави министерот Бектеши, министерството за економија денеска почнува со реализација на пет мерки од четвртиот сет кои се директна поддршка за туристичките и угостителските работници кои беа погодени со здравствената криза. Мерките се донесени во консултација со приватниот сектор и сметаме дека ќе бидат многу значајна поддршка, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Според она што беше истакнато на денешната прес-конференција, петте мерки се: Враќање на уплатената такса за привремен престој за 2019 година на сите категоризирани угостителски објекти, Грантови за туристички агенции, Грантови за категоризирани ресторани за свадби, Грантови за игротеки, и Грантови за лиценцирани туристички водичи.

-За реализација на сите пет мерки Министерството за економија со ребалансот на Буџетот има обезбедено средства во износ од 459,65 милиони денари денари, односно 7,5 милиони евра. Рокот на аплицирање за овие пет мерки е 27 ноември, а финансиската поддршка ќе биде исплатена до крајот на годината, истакна Бектеши.

Со цел почитување на сите здраствени протоколи, потенцира, реализацијата на мерките ќе се спроведува преку платформата www.domasiedoma.gov.mk или www.pushimenevend.gov.mk на која апликантите ќе можат да ги поднесат нивните барања и потребна документација онлајн. На платформата се прикачени и јавните повици и програмите, но исто така Министерството за економија ќе одговори на сите прашања поврзани со мерките преку Секторот за туризам. Веродостојноста на податоците ќе се проверува преку надлежните институции како што се Министерство за финансии УЈП, Агенцијата за вработување, како и Државен пазарен инспекторат.

Промовирани огласи »

Експертите од областа на енергетиката тврдат дека, интервентниот увоз на електрична енергија, кој во моментов се прави, со сигурност ќе значи и поскапа струја за граѓаните.

Професорот Константин Димитров, за телевизија „Алсат“ изјави вели дека, поради немањето вода, државата го стопираше производството на електрична енергија од хидроцентралите, а притоа не може да обезбеди струја онолку колку што е потребно за да ги задоволи потребите.

Државата го стопираше производството од хидроелектраните поради намалениот водостој на реките и езерата, но во исто време не може да обезбеди доволно електрична енергија од останатите капацитети, рече Димитров.

Тој тврди дека негативните ефекти од недостатокот од инвестиции во енергетиката допрва ќе излегуваат на површина.

Со било каков увоз на струја, цената ќе расте. Без увоз, цената порасна за седум отсто. Електричната енергија која не е долгорочно нарачана на почетокот, јасно дека е поскапа. И се разликува во цената за најмалку 30 отсто, вели Димитров.

Од ЕСМ, велат дека во овој момент е рано да кажат дали ќе има простор за раст на цената за крајните потрошувачи. Цената на струјата за првото тромесечје од 2021 година, ќе се знае од 15 декември.

Од страна на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, често обвинуваат дека желбата за профит на власта доведе до пресушување на водите во македонските природни и вештачки езера, како и во акумулациите. Од таму велат дека ова еколошка катастрофа што му се случува на Македонија со езерските води е поради неспособноста на владата и нејзината желба за профит, при што го загрозува како живото на луѓето така и на целиот животински и растителен свет во езерата.

Езерото Калиманци е пресушено во целост. Од 120 милиони метри кубни вода колку што е капацитет на истото, во моментот имаме само 19 милиони метри кубни вода. Тоа значи дека власта ја десеткувала акумулацијата. Калиманското Езеро е доведено на раб на пресушување и до раб на биолошки минимум, пред неколку дена изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, за езерото Калиманци.

Тој потенцира дека претераната потрошувачка на вода со цел производство на струја, во летниот период, придонесе, Македонија да се соочува со најголемата криза во последните децении.

Промовирани огласи »

Зголемување на зимскиот распуст за учениците поради ситуацијата со Ковид-19 бара опозицијата. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е распустот да почне на 15 декември, а да заврши на 21 јануари следната година.

-Така, учениците и наставниците би го избегнале пикот на епдемијата, кој нема веќе реден број, а министерката ќе има време да го слушне гласот на наставниот кадар, родителите и учениците и конечно да преземе нешто, вели професорката Весна Јаневска.

Според опозицијата, ситуацијата во образованието е очајна бидејќи секојдневно има заразени наставници, а цели паралелки одат во изолација. Јаневска тврди дека не колабира само здравството, туку целиот систем.

-Како очекувате наставниците да оценат деца до 20.11 кога истите тие деца немаат можност да следат настава, а и тие што ја следат, имаат настава со низок квалитет, некаде еднаков на нула, а некаде и воопшто немаат настава. Квалитетот на интернетот и лош и затоа го кажувам да не бидам погрешно разбрана, воглавно поради квалитетот на интернетот и поради заразеноста и на наставниците и учениците со Ковид-19, вели Јаневска.

Од МОН, пак, велат дека траењето на учебната година, односно почетокот и крајот на првото и второ полугодие е дефинирано во календарите за организација и работа на училиштата. Тоа значи дека првото полугодие ќе трае до 30 декември, а второто ќе почне на 21 јануари.

-Согласно сите податоци досега произлезени од следењето на ситуацијата со пандемијата, училиштата не се трансмитери на заразата. Извештаите кои ги добиваме на дневна основа, покажуваат дека бројот на заразени ученици и наставници е помалку од 1 процент од сите кои следат настава со физичко присуство. Планот и протоколите се покажаа како добро обмислени низ еден инклузивен пристап со учество на бројни засегнати чинители, а првенствено врз основа на препораките на Комисијата за заштита на заразни болести и истите доследно се почитуваат. Така што, во моментов не се размислува за промена на начинот на организирање на учебната година, велат од МОН.

Од СОНК потврдуваат дека има голем број на заразени или изолирани наставници, но се уште не ја знаат точната бројка. Синдикатот во овој момент нема изградено став дали распустот треба да почне порано од предвиденото.

Промовирани огласи »

Комисијата за заразни болести да препорача целосно затворање на сите угостителски објекти до крајот на зимата и со тоа да им помогне да ја оттргнат дамката од угостителската индустрија, да покажат и докажат дека тие ни оддалеку не се последните одговорни жаришта за несразмерно зголемените бројки на заболени од КОВИД-19, апелира Независната угостителска комора (НУК).

НУК предупредува дека угостителската индустрија ќе колабира ако Владата, без да обезбеди безусловна директна финансиска поддршка, ја прифати мерката најавена од Комисијата за затворање на некои економски оператори.

-За да и ја олесниме работата на Комисијата за заразни болести, ако досега не сфати и не научи дека угостителите се најмалку одговорни за зголемениот број заболени од КОВИД-19, и препорачуваме и ја поддржуваме да не дава повторно препораки за цепкање на работното време или нови крпеници кон постојните протоколи, туку да даде препорака за целосно безусловно затворање на сите угостителски објекти, не само на една недела, две или месец дена, до крајот на оваа зима, како би можеле навреме да донесеме одлуки вработените да ги пратиме на зимски одмор, а ние угостителските објекти да ги конзервираме до доаѓањето на пролетта, наведува претседателот на НУК, Здравко Јосифовски во денешното соопштение.

Според него, додека бројките на заболени по донесувањето на последните ограничувања на работа на угостителските објекти расте експоненцијално, угостителската индустрија тоне во долгови, обврски, проблеми со извршители, добавувачи и драстичен недостиг на гости. Резултат на енормното смалување на посетата на угостителските објекти, оценува Јосифовски, е и негативната кампања со која Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Владата придонесоа изминатиот период со изјавите дека најголемите жаришта на заболувања од КОВИД-19 потекнуваат од угостителските објекти.

-Утрово очекуваме Комисијата за заразни болести да ја препорача најавената мерка за целосно затворање на некои економски оператори со која, ако Владата ја прифати, а не реагира веднаш паралелно, со директна безусловна поддршка за угостителите, Комисијата директно ја праќа во кома целокупната угостителска индустрија. Со новата препорака на Комисијата очекуваме од Владата итно да донесе одлука со која неискористените средства од претходните сет мерки веднаш ќе се пренаменат за угостителската индустрија во нов безусловен сет финансиска поддршка на угостителите и целокупната угостителска индустрија, потенцира претседателот на НУК.

За респект е, велат од НУК; по сите препораки Комисијата за заразни болести и натаму да има стручно мислење дека зголемениот и континуиран број на новозаболени се уште потекнуваат од угостителите и покрај последните мерки за ограничување на условите и времето на нивна работа кои се во сила повеќе од 40 дена.

-Со новата препорака за целосно затворање Комисијата може само да ни помогне да ја оттргнеме дамката од угостителската индустрија и да покажеме и докажеме дека последни одговорни жаришта за несразмерните бројки на зголемување на заболени од КОВИД-19 ни од далеку не се угостителските објекти за кои постојат и се почитуваат протоколите за работа. Очигледен е и фактот дека Комисијата за заразни болести ако ова не го направи денес и веднаш ќе го направи во наредните денови со што се повеќе станува реалност вистината дека декември, во кој традиционално угостителската индустрија ги остваруваше најголемите приходи оваа година, едноставно го нема, наведува Комората.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »