Скоро и да е невозможно да седнеме и да работиме само на една задача. Сигурно додека ја читате статијава ќе го проверите електронското сандаче од работа.
Жонглирањето со различни задачи некогаш нè остава без здив, всушност сите сме имале „еден од тие денови“, кога се чувствуваме како да имаме премногу обврски, а малку постигнуваме.
Дури и навечер го правиме истото. Јадеме вечера со вклучен телевизор, слушаме радио додека читаме книга… Зошто не знаеме да седнеме и да се фокусираме на една работа?
Тоа нè одвлекува од нашата главна цел, но има и докази кои сугерираат дека мултитаскингот е лош за нашиот мозок! Звучи сериозно, нели? Можеби е време да поработите на нова работна рутина.
Зошто го правиме тоа?
Едноставниот одговор? Тешко е да одолееме.
Технологијата направи сè толку брзо и лесно. Нашите смарт телефони се уреди слични на ножеви од швајцарската армија кои ни овозможуваат да направиме од сè по нешто, од резервација за одмор до штимање на гитарата.
Со апликација за сè, тешко е да не се обидете и да ја исцедите вредноста од секоја секунда од денот. Ручек со пријателите? Обавезно проверете го Фејсбукот за да видите што прават останатите пријатели!
Науката позади оваа потреба
Која е науката што стои позади нашата опсесија да не потрошиме ни секунда во денот?
Зошто се чувствуваме добро?
Нашиот мозок е одличен кога сака да нè измами да мислиме дека сме ефикасни. Студиите покажуваат дека мултитаскингот има тенденција да доведе до лачење на допамин - "хормонот на среќата". Нестрпливи сме да се наградиме самите што сме завршиле толку многу работи одеднаш!
Центрите за награда на мозокот се стимулирани кога жонглираме со задачите - секој пат кога ќе погледнеме сјајна нова е-пошта, твит или СМС-порака, лачиме мали импулси на задоволство. Не е ни чудо што е толку лесно да станете расеани.
Зошто е всушност лош мултитаскингот?
Мултитаскингот нè прави стресни. Докажано е дека мултитаскингот предизвикува лачење на кортизол - стрес-хормонот кој влијае на сè, од вашиот ментален капацитет до вашата мускулна маса. Така што, ако сепак решите да продолжите со мултитаскинг - кажете им збогум на стомачните!
Дали сакате да го избегнете ова? Мора да е лесно како кога ги игнорирате тие нови пораки, нели?
Погрешно. Најновите истражувања сугерираат дека дури и можноста за извршување повеќе задачи ја намалува нашата способност за решавање проблеми и ефикасно раководење со задачите за приближно 10 IQ поени. Само ако имате 1 непрочитана порака во вашето сандаче, може да ја уништи вашата продуктивност!
Дали некој е добар во мултитаскинг воопшто?
Сигурно помислувате дека постојаната изложеност на голем број задачи одеднаш би направила некои луѓе да станат експерти за жонглирање со различни задачи во исто време. Помислувате и дека некои луѓе би станале вешти во филтрирањето на информациите и уште попродуктивни.
Тоа би било логично, нели?
Па, логично или не, тоа не се случува. Истражувањата сугерираат дека оние кои работат на повеќе задачи одеднаш се далеку полоши во жонглирањето со различни задачи и прилагодувањето на ирелевантните информации.