Се случува дискриминација. Вработените во приватниотс сектор се оштетени во своите права во однос на оние во администрацијата кога е во прашање надомест за заболените од Ковид 19.
Вработените во јавниот сектор доколку седат дома затоа што се болни од корона или се во самоизолација, ќе си земат цела плата, односно 100 отсто, но тоа нема да важи и за вработените во приватниот сектор, каде боледувањето е меѓу 70 и 90 отсто, зависно од деновите во кои не се доаѓа на работа.
Имено, во време кога дневните бројки на новозаразени од коронавирусот надминуваат над 1.000 граѓани секојдневно, повторно се актуелизира проблемот со тоа во колкав износ ќе им бидат подмирени боледувањата на работниците кои или се заболени од коронавирусот, или не можат да доаѓаат на работа бидејќи се во самоизолација со решение на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Пред неколку дена Синдикатот на вработените во управата и правосудството, УПОЗ, се пофали дека вработените кои се во изолација од ковид 19, ќе добиваат полн износ на надоместок на плата.
Тој заклучок Владата го донела на седница одржана на 16 март годинава, откако Синдикатот на УПОЗ во повеќе наврати и укажувал дека оние вработени во управата што ќе заболат од ковид или ќе одат во самоизолација, не смеат да бидат доведени во тешка материјална состојба.
Деновиве со барање излезе и Конфедерацјата на слободни синдикати, КСС, кои сметаат дека треба да земаат стопроцентна плата оние кои ќе се разболат од ковид и оние кои поради изолација нема да можат да одат на работа.
„Согласно Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработени изложени на биолошки штетности, САРС-КоВ-2 е запишан како корона вирус од фамилија coronaviridae, што е во согласност со дополнувањето на Европската Директива за биолошки агенси…“, се вели во објавата од КСС.
„Како што е познато, сега, согласно законските прописи, работниците во приватниот сектор кои отсуствуваат од работа до седум дена, за тој период земаат 70 отсто од платата, потоа до 14 дена земаат 80 проценти, и за период од 15 до 28 дена боледување земаат 90 отсто од платата, што е на товар на работодавачите. А доколку отсуствуваат од работа над тој период, тогаш боледувањето е на товар на државата, односно на Фондот за здравство“, објаснува Дарко Димовски, претседател на најголемиот синдикат во земјава, ССМ.
Но, синдикатот смета дека Ковид 19 треба да се смета како професионално заболување, бидејќи многу од работниците го добиле токму на работа, за време на вршењето на работните задачи.