Дури 70.551 денар била просечната плата во март во дејноста компјутерско програмирање, говорат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Плата над 70 илјади денари програмерите земале и во претходниот месец, надминувајќи ја на тој начин одамна „шеестката“, а сега и „седумдесетката“, нешто што е сон на многумина вработени во земјава.
Далеку зад нив, но сепак со солидни во просек 48.734 денари се вработените во областа телекомуникации.
Во дејноста производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, пак, земаат просечна плата од 46.501 денар плата.
Во март просечната плата во земјава изнесувала 28.217 денари, јави Државниот завод за статистика.
Според податоците, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март 2021 година, во однос на март 2020 година, пораснала за 6,8 проценти.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (17,9 отсто), Дејности на здравствена и социјална заштита (12,3 проценти) и Информации и комуникации (12,1 отсто).