Претставници на градежништвото, обложувалниците и прехранбената индустрија во рамки на Стопанската комора на Северна Македониај денеска излегоа со повик до Владата да ги преиспита усвоените измените во законите за работни односи и за трговски друштва со кои од 1 октомври недела ќе биде неработен ден.
Од таму најавуваат дека можни се отпуштања до 30 проценти, неизвесна реализација на капиталните проекти, застој во производството, повисоки трошоци, намалена продуктивност и несигурен поврат на инвестициите.
- Проектите во градежништвото се врзани со рокови, а иницираната мерка ќе се одрази негативно не само врз нивната реализација, туку и врз исполнувањето на тие рокови, вклучувајќи ги тука и капиталните проекти од интерес за државата. Работата во градежништвото е теренска и на отворено, а кај инфраструктурните проекти подразбира и транспорт и патување на работниците, па доколку недела биде неработен ден, тоа сериозно би се одразило врз континуитетот на изведбата. вели претседателот на Здружението на градежништвото, Андреа Серафимовски.
Според него, со тоа ќе им се намалат шансите на работниците за поголема заработка, а компаниите ќе имаат поголеми транспортни трошоци. Кај прехранбената индустрија посебно на удар би била млечната индустрија и производство на пиво и безалкохолни пијалаци.
Доколку овие активности не се преземат во недела, тогаш измолзеното млеко од сабота нема да се откупува, а измолзеното млеко од недела ќе се превезе во понеделник и ќе се преработува во вторник. На ваков начин се губи еден ден производство, односно при ваков случај се намалува производниот капацитет на фабриката со огромни економски штети, а потребата од работна сила ќе биде намалена за една седмина. Сето ова се надоврзува на веќе изгубениот еден ден за продажба, поради неработењето на малопродажните објекти во недела, смета Васко Ристовски од Комората.
Тој додава и дека во кондиторството работниот процес е во континуитет и овие компании ќе бидат принудени да отпуштат 25 отсто од вработените, додека во однос на пивото и безалохолните пијалоци, Ристовски дополни дека за да почне производството во понеделник, потребна е претходна подготовка која трае најмалку 24 часа. Оттука, прекинот на работата во недела би значело дополнително изгубен работен ден понеделник.
Според обложувалниците, преку 70 отсто од прометот се реализира кај нив во денот недела.
Работата на спортските обложувалници директно зависи од понудата на спортски натпревари. Најголем дел од натпреварите се играат за време на викендите, односно во недела. Треба да се спомне и дека играчите ги посетуваат спортските обложувалници во слободно време, најмногу во текот на викендите и недела, а не додека се на работа, предупредува Васко Илиевски од Групацијата.