Пред околу 10 години за првпат имаше обид во Македонија да се намали употребата на пластичните ќеси и истите да се наплаќаат 1-2 денари, но и да се понуди опцијата за хартиена ќеса, која потрошувачот би ја добил бесплатно.
Некои маркети и брендови уште тогаш со купени производи даваа гратис торби за купувачите, други воведоа таканаречени биоразградливи ќеси, а трети останаа со обичните, пластични и ги наплаќаа.
Сега е 2021 година и од денеска, 1 декември, на сила стапува нова цена на пластичните ќеси, кои ќе чинат 15 денари да се купат во маркетот. Според една група потрошувачи тоа е прескапо, а според друга, на високи сметки за неделно пазарење, уште 100-тина денари нема да направат голема разлика.
Пластиката низ светот
Пластиката важи за еден од најголемите загадувачи на почвата и на океаните, најмногу поради нејзиниот долг период на разградување. Ова загадување не доаѓа само од ќеси, туку и од амбалажи, фолии, шишиња, чаши за една употреба, цевчиња за пиење... Не секоја држава располага со соодветни капацитети за рециклирање на пластиката.
Свесноста околу селектирањето на отпадот кај нас е на најниско ниво, бидејќи најпрво, дури и тие малку корпи и контејнери што ги има не се користат правилно, а потоа и дека на луѓето не им се „губи време“ да селектираат. Низ Европа има многу примери на земји каде селектирањето е задолжително, а различни служби го собираат отпадот соодветно.
Интересна појава се младите луѓе кои сакаат да го променат светот, па мотивираат рециклирање и замена на пластиката со одржливи решенија, на пример метални цевчиња за пиење, чаши за кафе за носење направени од материјали кои се рециклираат, избегнување на секаков вид пластика во секојдневниот живот, восочни фолии за пакување храна, торби од текстил и мора да признаеме, стануваат навистина креативни во тоа што го нудат.
Во продавниците можете да најдете и четки за заби со бамбусова рачка, кои исто така се лесни за рециклирање.
Проблемот во Македонија
Постојат и мали бизниси во Македонија кои ја промовираат одржливоста и имаат за мисија да го намалат отпадот од каков и да е вид.
Продажбата на ќеси за 15 денари некои ја дочекаа со одобрување, а други со жестоко противење. На долг план, можеби ќе има одредено ниво на одржливост. Некои сметаат дека имаме поприоритетни проблеми од пластичниот отпад (и веројатно се во право). Но, она што многумина го забележаа вчера во маркетите беше масовно купување на брендирани ќеси - за фрлање на ѓубре, велат.
Но, само на неколку чекори од касата, може да се најдат вреќи за ѓубре од кои најмалите се по 15 литри волумен, имаат рачки и се издржливи, а цените се движат меѓу 30-50 денари за 10-12 ќеси (има и поскапи и поевтини).
Што значи - решение за фрлањето ѓубре има, но ние веројатно не сакаме да ја почнеме промената од себе.
Останува надежта дека откако ќе ги потрошат ќесите кои ги купија вчера, луѓето ќе имаат доволно време да се освестат и да придонесат во одржливоста, рециклирањето и заштитата на животната средина.