Просечните плати во државите од поранешна Југославија се разликуваат значително, а според последните податоци, Македонија се наоѓа на самото дно на листата.
На дното на листата се Босна и Херцеговија, Србија и Македонија, Црна гора е во златната средина, а пред неа, кога станува збор за просечните нето плати, се Словенија и Хрватска.
За еден месец Словенците просечно заработуваат 1.030 евра, на второ место е Хрватска со просечна плата од 750 евра. Статистичките податоци покажуваат дека во Хрватска лицата со завршен факултет имаат за 23 проценти повисока плата од просечната, а 50 проценти повисока од лицата со средно образование. Докторите на науки имаат во просек 102 проценти повисока плата од лицата со средно стручно училиште, чија заработка е за 18 проценти пониска од просечната.
Третото место го зазема Црна Гора која во последните години бележи значителен раст на просечната заработка. На пример, просечната плата во 2006 година во оваа држава била само 282 евра, додека сега во 2017 година изнесува 512 евра.
Зад Црна Гора се наоѓаат Босна и Херцеговина, Србија и Македонија. Во Босна и Херцеговина граѓаните просечно заработуваат нешто повеќе од 430 евра. Просечната плата во Босна, како што тврдат од Агенцијата за статистика на оваа држава, номинално е повисока за 0,2 проценти во однос на декември минатата година, и е повисока за 1,4 проценти во однос на март 2016 година. Петтото место според висината на просечната плата и припаѓа на Србија. Во оваа држава просечната плата изнесува 405 евра.
На самото дно од листата се наоѓа Македонија каде просечната плата изнесува 370 евра.