Голем број занаетчии алармираат дека поради неработната недела значително им се намалуваат можностите за остварување профит, поради што стравуваат од целосно затворање на своите дуќани. Некои од занаетчиите истакнуваат дека во согласност со законот, за голем дел од професиите нема никаква можност да работат во недела, ниту оние занаетчии што сами се сопственици и сами работат во својот дуќан, односно нема можност самиот газда да се пријави и да работи во недела.
Во согласност со законското решение и измената на Законот за работни односи, дозволено им е само на четири занаетчиски дејности да работат, и тоа производство на леб и слатки во свежа состојба (пекарници и слаткарници), фотографски дејности, печатење и издавање весници (печатници). За сите други дејности е забрането да работат во недела. Со тоа што на занаетчиските дејности како што се: пекари, слаткари, фотографи и печатари, не им се дозволува продажба на нивните производи туку само производство, што доведува до уште поголем револт. Тие се прашуваат зошто да произведуваат производ што не може истиот ден да го пласираат на пазарот, особено прехранбените производи што не траат повеќе од еден ден, како бурек, бели печива, слатки.
Од Занаетчиската комора посочуваат дека изминативе две години откако е почната кризата занаетчиите се соочиле со огромни загуби, поради што некои од нив биле принудени и да одјавуваат работници поради недостиг од финансии да ги исплатат. Оттаму додаваат дека со воведувањето на законското решение за недела неработен ден им се забранува на занаетчиите да работат во недела, што претставува уште еден голем проблем за нив, но и дополнително влијае кон опасноста од затворање на занаетчиските бизниси.Поради ваквите состојби, инволвираните потенцираат дека со овој закон се ставаат во нерамноправна позиција занаетчиите што работат за себе, кои немаат вработено работници, додека е овозможено да работат истите занаети ако се сместени во некои од затворените трговски центри во главниот град, каде што дуќаните може да се отворени и во недела.