Биткоинот и другите криптовалути имаат тенденција да корелираат со акции и други ризични средства
Биткоинот вчера во азиското тргување падна на најниско ниво во последните 18 месеци, под влијание на загрижувачките податоци за инфлацијата во САД, што предизвика аверзија кај инвеститорите кон инвестициите во ризични средства.
Но, падот не застана тука.
Имено, монетата продолжи да паѓа, достигнувајќи ниво под 24.000 долари - најниско од декември 2020 година, бидејќи инвеститорите ги отфрлија криптовалутите во услови на поширока продажба на ризични средства. Во меѓувреме, компанијата за криптовалути, Целзиус, го паузираше повлекувањето на средствата за своите клиенти.
Најголемата криптовалута во светот, биткоинот, се тргуваше за околу 23.575 долари во 7:45 часот на Волстрит, според CoinDesk. Во текот на викендот и понеделник наутро, повеќе од 200 милијарди долари беа избришани од целиот пазар на криптовалути.
Пазарната капитализација на криптовалутите падна на под еден трилион долари во понеделник, 13 јуни, за прв пат од февруари 2021 година, според CoinMarketCap.
За сето тоа, односно за пазарот на мечки на берзата секако придонесуваат различни макро фактори, додека инфлацијата продолжува, а се очекува дека Федералните резерви оваа недела ќе ги зголемат каматните стапки за да го контролира растот на цените. Минатата недела американските индекси силно се распродадоа, а индексот Nasdaq нагло падна.
Биткоинот и другите криптовалути имаат тенденција да корелираат со акции и други ризични средства. Кога овие индекси паѓаат, паѓа и крипто.