Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска од Охрид упати сериозно предупредување дека што поскоро треба да се надмине проблемот со цевководот за топлинска енергија под мостот „Беласица“, кој неодмна беше опожарен и кој е витален за снабдување на поголем дел од градот. Тој предупреди дека без овој цевковод може да се случи „ценовно цунами“ за парното во Скопје, но и дека РКЕ, „нема да дозволи било какви ценовни шокови.
Додека не добиеме цврсто уверување дека ќе се постави цевководот на мостот ‘Беласица’, Регулаторната комисија за енергетика нема да донесе одлука за цената на парното. Доколку не се постави цевководот ќе имаме проблем со произведената количина на топлинска енергија од ТЕ-ТО која што е три пати пониска отколку цената од Топланите, рече Бислимоски одговарајќи на прашања на новинарите по работилницата која се оддржува вчера и денес во Охрид посветена на повеќе теми од енергетиката.
Овој цевковод е битен и поради тоа што овозможува системот да ја користи и топлинската енергија од когенеративната централа ТЕ-ТО, која е два ипол пати поевтина од онаа која што ја даваат топланите Исток и Запад. Во случај да не профункционира оваа топлинска врска, Топланата Запад ќе мора да работи во полн капацитет што ќе ги зголемува значително и трошоците за производство на топлинска енергија.
Тој објасни дека во крајната цена за парното, вкупниот трошок на топланите што го плаќаат граѓаните е 52 проценти, а трошокот за ТЕ-ТО е 36 проценти. Од друга страна има обратна ситуација во однос на произведената топлинска енергија која ТЕ-ТО ја обезбедува со 60 проценти, а топланите 40 проценти.
Доколку не се постави овој цевковод тогаш ќе се случи ценовно цунами. Од тие причини додека не добиеме цврсто уверување дека ќе се постави цевководот нема да донесеме одлука. Доста беше заради препирки тоа да оди на грбот на граѓаните. Цена не носиме додека не добиеме цврсто уверување дека цевководот повторно ќе се постави и ќе биде целосно во функција, нагласи Бислимоски.
Тој додаде дека во однос на цената на гасот и неговото влијание врз конечната одлука на РКЕ за цената за парното, ќе зависи која цена ќе се добие на тендерот кој што го распишува ЕСМ производство на топлинска енергија.
Во овој момент цената за топлинска енергија во градот Скопје е триесетина проценти субвенционирана и одговара на далеку пониска цена на гасот од таа што е во моментот, рече Бислимоски, посочувајќи дека цената на гасот во последните три години била зголемена за пет пати, а цената за топлинска енергија во Скопје, вклучувајќи ги субвенциите, во период од две и пол години се зголеми за 26 проценти.
Што и да се случи нема да дозволиме било какви ценовни шокови. Треба да се знае дека при носењето на оваа одлука треба да се вкалкулираат и 6 милиони евра позајмица од Владата и дали ќе се врати наеднаш или во период од две три години. Затоа не можам во моментов да кажам колкава би била цената на парното, а треба да се знае дали ќе продолжат субвенциите и во колкав износ, рече Бислимоски.
Според него, логично е тој што е сопственик на мостот да даде дозвола на ЕСМ дистрибуција за топлинска енергија да ги постави цевките. Според информациите помеѓу двете институции, ЕСМ дистибуција на топлинска енерргија и Градот Скопје има комуникација и верува дека цевководот ќе биде поставен.
Инаку на работилницата во Охрид меѓу другото беше посочено дека граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе плаќаат иста цена за парното греење без оглед на кој од трите системи за греење се приклучени, дали оној кој е дел од ЕСМ, или во Железара или во Скопје Север.
Инаку, во Охрид во фокусот на еден од панелите беше новата Методологија за пресметка на топлинската енергија.
Како што посочи Бислимоски има еден концепт на методологија кој што функционира за сите енергетски дејности, како за електрична енергија, така и за природен гас и за топлинска енергија, во економскиот дел: во делот на трошоци, во делот на поврат на капиталот односно профит, во дел на амортизација, во дел на признавање на инвестиции.
Тоа е заедничка карактеристика за сите и тука има одредени детали кои што се карактеристични за секоја енергија и за секој енергент, рече Бислимоски.
Во делот на топлинската енергија, во регионот нема друг регулатор кој што определува цени за топлинска енергија. Тоа, како што вели Бислимоски е комунална дејност и вообичаено цените ги кажуваат единиците на локалната самоуправа.
Наплатниот систем за топлинска енергија од кој што се снабдуваат 60-тина илјади потрошувачи во градот Скопје единствено го има во Скопје, во останатите општини во државата го нема. Во Скопје има три субјекти кои што ја извршуваат оваа дејност, тоа се компаниите кои што произлегуваат од ЕСМ, потоа Скопје Север и ЕСМ во делот на Железарница.
Околу 58-59 илјади потрошувачи се приклучени на делот каде што е ЕСМ производство на топлинска енергија, ЕСМ дистрибуција и ЕСМ снабдување, во делот на Општина Гази Баба сега се само уште 1.900 и во Скопје Север се 400, вели Бислимоски.
Одлуката која ќе ја носиме во тек на месец октомври најверојатно ќе биде одлука каде што ќе важи иста цена за сите, додава тој.
Според него нема логика да се носи одлука посебно за 1.900 потрошувачи во Железара и во мал дел од Автокоманда, посебна одлука за Скопје Север за 400 потрошувачи затоа што трошоците на компаниите во тој дел се далеку повисоки и би претставувало проблем на потрошувачите Бислимоски исто така вели дека во наредните две години мора да се заврши интегрирање на мрежата, односно таа целосно да се обедини меѓу себе. Во делот на Железара недостасува уште сосема мал дел каде што треба да ги поврзе, а за да се поврзе со Скопје Север потребен е вод од два километри што релативно брзо се прави. На тој начин во овие делови на Скопје каде што не е поранешна Топлификација, ќе се привлечат и нови потрошувачи.
Идејата е да имаме што е можно поголем број нови потрошувачи затоа што на тој начин фиксните трошоци се распределуваат на повеќе потрошувачи и на крајот цената ќе биде поповолна за сите, вели Бислимоски.