Денеска на наше огромно задоволство имаме чест како прв гостин во рубриката “Интервјуа“ на KARIERA.mk, да го имаме еден од најистакнатите HR професионалци во Македонија, Г-дин Стефан Јовановски - HR директор на најголемиот македонски телекомуникациски оператор ВИП.
Повеќе за тоа какво е искуството да се биде прв човек на еден од најважните оддели во една од најголемите компании во државава и кои се неговите тајни за континуиран успех во работата прочитајте во интервјуто во продолжение:
1. Кои се главните карактеристики на Вашите топ вработени?
Навистина сум горд сум што сум дел од компанија во која вработените се отворени за учење и стекнување на нови знаења. Живееме во свет кој постојано се менува и од особено значење е нашите вработени да бидат подготвени да ги совладаат најголемите предизвици но и трендови. Во ВИП негуваме една наша, уникатна организациска култура, која придонесува за работен ентузијазам на тимот и постигнување на нашите зацртани цели. Секојдневно инвестираме во тоа да нашите вработени имаат одлично технично знаење но и макотрпно работиме на тоа да бидат најдобри во тоа што го работат.
2. Сте имале прилика на двапати да бидете дел од големи спојувања на компаниите за кои сте работеле, ситуации во кои биле засегнати голем број на вработени. Која е главната улога на HR директорот за што побезболно надминување на овие осетливи ситуации?
Да, ја имав таа чест да бидам дел од две големи спојувања, кои благодарение на нашата макотрпна работа и посветеност беа завршени во рекорден период и без поголеми негативни последици кон компанијата. Како директор за човечки ресурси, мојата цел и целта на мојот тим беше да обезбеди непрекинат и редовен тек на работите. Сметам дека во вакви ситуации, директорот за човечки ресурси мора да има стаблизирачка улога, особено во ситуациите кои се менуваат со огромна брзина. Мора да бидете многу трпеливи но најважно од се, да работите на тоа да ја добиете поддршката и разбирањето од сите раководители за важноста на процесите што се одвиваат во овој период.
3. Кои вештини според Вас се пресудни за да се изгради успешна кариера во HR индустријата.
Како и сите индустрии и нашата рапидно се менува. Живееме во ера на друштвени медии каде што постојат нови правила за рекрутмент, нови начини за градење на компаниска култура и комуникации а и технологии кои некогаш ја прават нашата работа полесна но некогаш и потешка. Сепак, сметам дека без разлика на технолошките иновации, зад еден успешен менаџер за човечки ресурси треба да стојат смиреност, стабилност, добрата емотивна интелегенција, трпеливост, желба за надградување на знаењето но и многу макотрпна работа за да ги распознаете потребите на вработените и да ги направите истите нивна реалност.
4. Што е она што Ве мотивира да продолжите со работа во моментите кога работите не одат баш најдобро?
Јас сум човек кој не сака да се откажува. Секогаш сакам да ги истерам работите до крај, најдобро што можам. На крајот од денот, сметам дека надминувањето на тешките моменти всушност значи напредок и развој и без нив навистина не би можеле вистински да го откриеме сопствениот потенцијал.
5. Кои се најдобрите (и најлошите) работи да се биде HR директор на една голема организација како Вашата?
Да се биде дел од ВИП е навистина привилегија за секој бизнис професионалец. Со сигурност можам да кажам дека ги имаме најдобрите кадри на нашиот пазар а како една од најголемите странски инвестии во Македонија, нудиме и фантастична можност за професионален развој. Да се работи во ВИП значи да се биде одговорен но и многу посветен. Сите ние секојдневно, со заеднички сили, ја градиме приказната на ВИП и секојдневно ја живееме и чувствуваме визијата на компанијата. Што се однесува до предизвиците, се разбира, балансот меѓу приватниот живот и работата е нешто на што константно работам и секогаш се трудам да го дадам максимумот во двете.
6. Каков совет би им дале на сите оние кои сакаат да се вработат во ВИП?
Да се биде дел од ВИП значи да се работи во најдобриот телеком оператор не само во земјата туку и во регионот. Оние што сакаат да бидат дел од нашето семејство треба да се подготват за многу динамична работа, многу учење но и интензивен професионален развој. Ние сме едно семејство кое диши и живее во еден здив. Сите за еден, еден за сите. Не велам дека е лесно, но во нашата компанијата, макотрпната работа секогаш е наградувана.
7. Која е најлошата работа која некој кандидат ја направил на интервју?
Многу кандидати чувстуваат притисок при интервју да се покажат во најдобро светло и некогаш користат лажни информации за себе и својата кариера. Мојот совет е да бидете тоа што сте. Нема потреба од лаги и невистини. Не постои совршен кандидат ниту кандидат кој знае апсолутно се. Фокусирајте се на вашите таленти, на она што ве прави горди самите со себе. Само така ќе можете да изградите успешна но и чесна кариера. Лагите, кога тогаш, излегуваат на површина.
8. Кои се Вашите методи (и тајни) за стимулирање на креативна работна средина?
Универзален рецепт не постои. Сметам дека пред се секој вработен треба да ја разбира и да ја живее визијата на компанијата во која работи. Моментот кога вашите вработени ќе го направат тоа е моментот кога можете успешно да изградите креативна но и позитивна работна средина. Она на што секојдневно работиме во ВИП е задавање на нови задачи на вработени, формирање на проектни тимови, хоризонтални промени и хоризонтален развој. Се трудиме да бидеме оригинални и да ги адаптираме нашите практики на новите времиња и трендови. Наша цел е секој вработен да се чувствува како дел од ВИП семејството. Само така, како едно семејство, ќе можеме да ги оствариме целите на компанијата но и целите на секој вработен.
9. Кои team-building активности се покажале како најефикасни во досегашната примена?
Сметам дека ваквите активности треба да бидат задолжителни во секоја компанија. Жално е што многу компании на овие активности гледаат како трошок а не инвестиција во својот тим но и растот на компанијата. Овие активности го зацврстуваат духот на компанијата, ги зближуваат вработените и на крајот од денот имаат директен удел во профитабилноста на компанијата.
10. Дали се сеќавате на времето кога Вие бевте на другата страна, на оние кои бараат работа - какво беше искуството при Вашето прво вработување?
Сите сме биле на другата страна и токму таа страна не учи и ни помага да растеме во кариерата. Најважно од се, таа ни посочува какви менаџери треба да бидеме а какви не. Пред да ја добијам мојата прва работа, работев 4 години како волонтер во невладени организации и тамошното искуство ми помогна да се снајдам во секакви ситуации. Бев пресреќен кога ја добив првата работа бидејки во тој момент тоа навистина беше мојата работа од соништата.