Министерството за труд и социјална политика најави воведување државна социјална пензија, што треба да овозможи социјална праведност и сигурност на возрасни граѓани над 65 години кои не остваруваат пензија и немаат други приходи.
Во Министерството прават анализи, по чие завршување ќе се знае дали и колку тоа ќе значи оптоварување на Буџетот. Затоа, претходно треба да се дефинираат условите што треба да ги исполни едно лице за да може да прима социјална пензија, со што ќе се дефинира и точната бројка граѓани кои ќе бидат опфатени со неа.
И експертската јавност и синдикатите сметаат дека мерката е за поздравување земајќи предвид оти старите лица кои не се приматели на пензија се особено ранлива категорија. Но, сите се и едногласни дека е потребно претходно да се направат детални анализи за бројот евентуални корисници и за влијанието врз Буџетот. Препорачуваат тоа да биде социјално право, а не да се исплаќа од пензискиот фонд, бидејќи, сметаат, со една таква мерка, тој дополнително би се оптоварил.
Од МТСП посочуваат дека воведувањето на мерката е предвидена со програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 година, и оти таа треба да се имплементира до 2020 година.
По дефинирањето на категориите на граѓани кои ќе се опфатат, велат оттаму, ќе се утврди начинот на определување на социјалната пензија и износот. Посочуваат дека сега ги прибираат и анализира податоците за лица кои имаат над 65 години возраст, немаат 15 години пензиски стаж и во претстојниот период ќе достави предлог решенија за воведување на овој вид на пензија .
Дали мерката ќе има несакани ефекти врз Буџетот
Имплементацијата на ваквата владина мерка сепак ќе значи и дополнително оптоварување на државниот буџет. Без разлика на бројот на корисниците на старосната пензија, парите сепак од некаде ќе треба да се обезбедат. Треба да се одлучи дали тие ќе бидат од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, или од државниот буџет.
Експертската јавност предупредува дека клучно во целиот процес е како да се намали дупката во пензискиот фонд, кому низ годиниве за редовна исплата на пензиите му се потребни се повеќе средства од Буџетот.