Промовирани огласи »

Поднесена е иницијатива велосипедскиот паркинг да стане задолжителен за секој новоизграден објект. Ако паркингот за автомобили е задолжителен при изградба на објекти, зашто да не е и за велосипеди?

„Каде го чувате вашиот точак? На тераса? Во влезот од зградата? Во ходникот од домот? Во подрум? Ниедно од овие места не е наменето за чување точак.

Како го носите точакот до таму? Го носите во раце по скалите? Го качувате во тесниот лифт? Го носите низ тесната балконска врата? Знаете зошто сте приморани да го правите тоа? Затоа што моменталните закони и подзаконски акти не предвидуваат дека при изградба на каков било објект (дури и за станбен) треба да се обезбеди и паркинг за велосипеди. Ако со закон е задолжително да се обезбедат одреден број на паркинг места за автомобили, тогаш зошто да не важи истото и за велосипеди?

Тоа пред сè не е согласно потребите на луѓето кои домуваат или ги користат објектите. Луѓето имаат реална потреба од паркинг за своите велосипеди. Поради непостоењето на таа обврска, инвеститорите не се поттикнати да обезбедат ваков тип на паркинг, кој е еден од основите елементи на велосипедската инфраструктура во градот“, се вели во иницијативата на здружението „На точак“.

Според сите анкети кои ги има направено ова здружение, но и според релевантни анкети и истражувања во други земји, недостатокот на безбеден и лесно достапен паркинг за велосипеди ги демотивира луѓето да го користат велосипедот како редовно транспортно средство.

Доколку се стремиме велосипедот да биде користен како секојдневно превозно средство, велосипедскиот паркинг, безбедното паркирање на кратко време на соодветни држачи и безбедното складирање на подолго време во соодветни простории е една од темите кои треба сериозно да се адресираат со соодветни правила за проектирање.

Со оглед дека велосипедот зафаќа многу помалку простор од автомобилот (на само едно паркинг место за автомобил може да се паркираат комотно во едно ниво 10-12 велосипеди, а во нивоа или со вертикално поставување на соодветни држачи и повеќе), финансиските трошоци на инвеститорите ќе бидат незначително зголемени.

Меѓутоа покрај индивидуалната придобивка кај корисниците на тие вело-паркинг места, јавните придобивки ќе бидат многу поголеми.

Со поголемата достапност на соодветен паркинг за велосипеди и поголемото користење на велосипедот, ќе се влијае кон намалување на употребата на индивидуалниот автомобил што позитивно ќе влијае на: намалување на метежот, зголемување на безбедноста, подобрување на здравствената состојба на граѓаните..., пишува во предлогот на „На точак“.

Промовирани огласи »

Државјаните на земјите од Западен Балкан ќе мораат преку интернет во иднина од Европската унија да бараат дозвола за влез во Шенген зоната, иако визата не им е потребна и ќе треба да платат такса од седум евра, во рамки на мерките кои ЕУ ги воведува за многу построг надзор на надворешните граници на Унијата, информираат извори од ЕУ во Брисел.

Оваа одлука, која ја усогласиле амбасадорите на земјите на ЕУ, сега треба да ја потврди Европскиот парламент, а потоа и да ја усвои Советот на министри и од јануари 2021 гоидна ќе стапат на сила овие нови мерки во рамки на системот ЕТИАС.

Тоа ќе ги опфати сите државјани на земји надвор од Унијата, на кои не им е потребна влезна виза во шенгескиот простор на ЕУ, вклучително и Македонија.

После поднесување на барањето, патникот кој сака да оди во ЕУ во рок од 96 часа ќе добие одговор, бидејќи во системот ќе биде примено барањето, па ако треба ќе се врши дополнителна проверка на податоците.

Дозволата за патување ќе важи три години, односно до крај на важноста на патниот документ.

Промовирани огласи »

Не се вели залудно дека занаетот е златен. Секогаш има работа, а кога има работа има и заработувачка.

 Фризер, козметичар и масер се трите занаети кои во моментов се најатрактивни за младите. За жал, нема заинтересирани за изучување на казанџиството или наланџиството, бидејќи тоа се занаети што ги уништија индустријализацијата и новото време.

Денеска на секој чекор можеме да забележиме дека некој прави нокти, шминка, прави фризури, масира или депилира.

Ова се нови, модерни занаети кои во денешницата носат голема заработка.

Јас правам нокти веќе четири години. Млада сум, имам само 25 години, а можам да кажам за себе дека сум успешна во она што го работам. Имам работа секој ден. Некогаш за работа ми се малку 24 часа. На крај на месец, сфаќаш дека се исплатело. Заработката е многу голема. Многу поголема од една просечна плата во Македонија, вели Стефанија.

Имам 40 години. Останав без работа. Не се мислев многу, отидов на курс за депилација и еве веќе 7 години се занимавам со тоа. Убаво ми е, плус многу исплатливо. Има за нормален живот, раскажува Снежана.

Некогаш се исплатело и да бидеш чевлар и шапкар, но денеска веќе не. Нови времиња, нови занаети кои носат многу повеќе пари.

Промовирани огласи »

Наставниците во  Македонија при реализацијата на воспитно-образовниот процес се соочуваат со бројни проблеми и недостатоци. Ниските плати, лошите работни услови, руинираните училишни објекти посебно во помалите и рурални места, оштетениот и амортизиран инвентар, лошата хигиена во училиштата, неквалитетните и застарени учебници, недостатокот и недоволната употреба на нагледни средства и електронски помагала се само дел од причините за генерално лошиот квалитет на основното и средното образование во споредба со нивото на образование во европските земји и пошироко. Поради тоа и не изненадуваат истражувањата кои покажуваат дека квалитетот, знаењата и вештините на нашите ученици, заостануваат како во однос на нивните врсници од развиените земји, така и меѓу земјите во развој, каде припаѓа и Македонија- ова го покажало истражувањето за  Анализа на видот и обемот  на административно-техничките активности на наставниот кадар во основните и средните училишта.

Професорот  Здравко Стојкоски кој е еден од авторите на истражувањето,  за Фактор вели дека ако се знае дека квалитетното и иновативно образование претставуваа основа за степенот на општествениот развој на една земја, тогаш, лошите образовни состојби, секако ќе се рефлектираат и во останатите области на општественото живеење: политичкиот, економскиот и културниот развој, како во сегашноста, така и во блиската и подалечна иднина.

Наставниците, често се жалат дека се оптоварени со многубројни административни и технички активности кои одземаат многу време, што придонесува за помалку расположливо време за инвестирање во стручна надоградба, во креирање на поголема креативност и иновативност кај наставникот. Во овој дел, наставниците ги истакнуваат оптоварувањата кои ги имаат при пишувањето на главната книга и на евидентните листови, како и во однос на описното оценување. И тука, проблемите ги потенцираат во прв ред наставниците од одделенска настава и класните раководители, како и оние наставници кои практикуваат описно оценување. Повеќето од нив, сметаат дека би се намалила оптовареноста со административни активности доколку се поедностави водењето на главната книга и евидентните листови, особено доколку би се овозможило, податоците да може да се пополнуваат и преземаат преку електронскиот дневник.Пишувањето на описни оценки, исто така претставува оптоварување за оние наставници кои го практикуваат. Тоа се наставниците кои предаваат до 6 одделение во основните училишта. 38% од нив посветуваат 5-10 часа во месецот на описно оценување; а 35% и повеќе од 10 часови. Мнозинството од овие наставници, околу 60%, радо би го замениле практикувањето на описно со бројчено оценување. Од останатите, најголемиот дел би биле задоволни доколку описното оценување се поедностави со користење на пократки и попрецизни описни оценки- вели професорот Стојкоски.

Оваа анализа  според него  се заснова на гласот на наставникот, размислувањата, ставовите и идеите на оние кои најдиректно се засегнати со конкретната проблематика. Главниот проблем од кој поаѓа ова истражување се состои во оптовареноста на наставниците и времето кое тие го одделуваат на административно технички активности. Обемот на работата, дуплирањето на застарената административно-техничка работа (старите пишани дневници) со новите типови административно-техничка работа (електронскиот дневник), одземаат значаен дел од времето, со што се намалуваат можностите за инвестирање во стручната надоградба и креативноста на наставниците. Воедно, како проблем, се посочуваат и законските обврски кои ги имаат наставниците при реализацијата на овој дел од работата и барањата на Државниот просветен инспекторат кои, во крајна линија, се сведуваат само на формална обврска, без поголема улога во подобрувањето на квалитетот на наставата.

Од мноштвото административно-технички обврски со кои секојдневно се соочуваат наставниците, истражувањето се фокусира на неколку, кои според наставниците се најважни но и најпроблематични и им одземаат најмногу време. И тоа: изработката на годишните и тематските планирања, дневните подготовки, подготвувањето и изведувањето на додатна и дополнителна настава, пополнувањето на педагошката евиденција (оценувања, главна книга, евидентни листови и сл.), водењето на пишаниот и електронскиот дневник, како и администрирањето со Електронскиот дневник. Потребна е поголема вклученост на искусните наставници и практичари при изработката на наставните планови и програми. Ослободување од обврската за изработка на глобални и тематски (процесни) планирања, како и на задолжителните дневни подготовки. Флексибилност во остварувањето на наставната програма и поголема слобода при подготовката и реализацијата на часот. Изведувањето на додатна и дополнителната настава да произлегува од процената на наставникот и/или од потребите и барањата на учениците (родителите). Поедноставување при водењето на педагошката евиденција. Во однос на дневниците, се предлага напуштање на практиката на водење двојна евиденција, поточно паралелна употреба на двата дневници, при што би им се оставило на училиштата самостојно да избираат каков дневник ќе користат во зависност од условите, кои ги имаат, како: пристапот до интернет, опременоста со кадар и компјутери и сл. Тенденцијата е, секако, поради технолошкиот напредок, секаде каде што е можно, училиштата да се префрлаат на електронски дневник Ваквиот предлог, меѓу другото, произлегува и од компаративната анализа со искуствата од некои земји членки на ЕУ, како што е примерот со Словенија- објаснува авторот на истражувањето.

Анализата е дел од  неколкумесечниот проект на  Центарот за меѓуетничка толеранција кој има за цел да ја детектира постојната состојба со административно-техничките работи кои се применуваат во наставниот процес и  да го утврди обемот на оптовареност и времето што го одделуваат наставниците за административно-технички активности но и да изработи мерки и препораки за оптимизирање на административно-техничките работи, соодветно на потребите за квалитетен наставно образовен процес.

Идејата, од самиот почеток, беше да се работи во консултации и тесна врска со самите наставници, како најзасегнати. За таа цел, беше организирана работилница со наставници и администратори, како фокус група. Исто така, беше спроведена и анкета меѓу наставниците од основните и средните училишта во повеќе од 20 општини низ Македонија, на репрезентативен примерок, со која беа проверени мислењата и ставовите на наставниците во однос на административно-техничките обврски со кои се соочуваат. Поради тоа, слободно можеме да тврдиме дека резултатите и препораките кои произлегуваат од ова истражување, не се само лични ставови на авторите, туку, во голема мера, го одразуваат расположението на поголемиот дел од наставниот кадар во земјава- додава Стојкоски.

За анализа на видот и обемот на оптовареност на наставниот кадар со административно-технички активности, беа дистрибуирани вкупно 298 прашалници во основните и средните училишта во Скопје и триесетина општини.

Дополнително вели потребно е решавање на статусот на администраторите на електронскиот систем (ЕСАРУ) и соодветно вреднување на нивната работа но и воведување на една електронска платформа во форма на отворени образовни ресурси, каде наставниците, но и останатите учесници во образовниот процес  би можеле да споделуваат широк спектар на знаења, информации, планирања, подготовки, стручни и мултимедијални содржини. Со  тоа би се олеснила работата на наставниците, а истовремено тоа би било од голема помош и во нивно стручно и методско надоградување. Оттука предлагаат  поголема вклученост на искусните наставници и практичари при изработката на наставните планови и програми. Истовремено, да се овозможи поголема слобода при нивното исполнување со што до израз би дошле квалитетите и креативноста на наставникот.

  

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »