Електронската наплата на патарините како да е невозможна мисија во земјава, проект рамен на пробивање на Суецкиот канал или испраќање на човечка мисија на Марс. И по пет години откако се обезбедени парите за оваа наменаа, македонските, а и странските возачи, не можат да ги почувствуваат ефектите од возење по автопат без застанување на секои 30- 40 километри за да платат патарина.
Последните најави се дека годинава ќе биде пуштена во употреба електронската наплата на 5 патарини по Коридорот 10- Сопот, Отовица, Петровец, Романовце и Миладиновци. Но, вакви најави имаше и во претходните години, па останува само да се надеваме дека ќе се исполнат.
Тоа што е непроменето, се огласите за вработување во ЈП за државни патишта. Директорот Зоран Китанов вели дека не станува збор за нови вработувања туку дека се огласени веќе постоечките работни места, бидејќи договорот на определено им истекол на вработените и повторно се пополнуваат истите места.
Инаку, целта на воведувањето на системот за електронска наплата на патарините е намалување на чекањето и застоите кои се создаваат на рампите, особено во одредени делови од годината, како што е летниот период, кога има голема фреквенција на сообраќај. Системот на електронска наплата веќе функционира во соседните земји, како Србија, а наскоро ќе биде воведен и во Бугарија, кој ќе мора да ги укине вињетките и да воведе наплата на патарината според поминат километар, онака како што предвидува европската регулатива.
Инвестицијата за автоматизацијата на наплатните рампи чини 17,8 милиони евра, од кои 15 милиони евра беа обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, а остатокот од буџетот. Електронската наплата ќе се извршува преку микробранови транспондери, односно еден вид налепници и со смарт картички, а електронскиот систем ќе врши и категоризација на возилата. Налепниците се специјални лепенки со сериски број, кои ќе се ставаат на предното ветробранско стакло., при што како што ќе се приближи возилото, од далечина, системот на рампата ќе го отчитува бројот и автоматски ќе ја отвори рампата. Смарт картичките ќе бидат по можност при пеид и пост пеид, а ќе се продаваат на наплатните станици, на бензиските пумпи и други малопродажни објекти или ќе се купуваат преку интернет.
На почетокот, патарината ќе се наплаќа како и досега, во кеш и со картичка. Истовремено, ќе има неколку рампи со електронско плаќање и полека како граѓаните ќе се привикнуваат на новиот систем, така ќе се зголемува нивниот број.
По Коридорот 10, автоматизација на рампите се планира и на автопатските делници на Коридорот 8.