На граѓаните што се надеваа дека идната година ќе добиваат субвенции за купување половни автомобили, но кои задоволуваат повисоки еколошки стандарди, нема да им се исполнат очекувањата.
Согласно Програмата на Министерството за економија за субвенционирање, субвенции ќе има само за набавка на ново возило, но само ако претходно се расходова старото возило.
Од Економија велат дека во новиот Буџет за 2020 година не се предвидени средства за субвенцвионирање.
„Програма за субвенционирање на дел од трошоците за купување на ново возило со одјавување на старото возило согласно член 5-в („Службен весник на Република Северна Македонија“), каде начинот на субвенционирање и постапката за надомест на дел од трошоците за купување на ново возило е предвидено да започне во 2020 година, но во новиот буџет за 2020 година на Владата не се предвидени финансиски средства за субвенционитање согласно Програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување на ново возило со одјавување на старото возило“, објаснуваат од Економија.
Од таму нагласуваат дека согласно Програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување на ново возило, со одјавување на старото возило, субвенции се предвидува само за купено ново возило, а сопственикот кој поседува старо возило ќе треба да го расходова, односно да го предаде во во специјализиран отпад за возила.
„Во ниту една одредба од Законот за возила, не е предвидено да се субвенционира дел од трошоците за купување на половно возло“, велат од Економија.
А првично, некаде летово, Владата најави дека разгледува опција за субвенции за замена на старо со ново или со користено возило со еколошки стандарди, односно со Еуро 5 и Еуро 6 нормативите. Од плацевите за употребуванио возила тогаш изјавија дека таа мерка била добра и дека ќе ја намали емисијата на издувни гасови.
Сега најмногу од плацевите се купуваат возила со Еуро 4 стандардите, кои се актуелни заради цената, па можат да си го дозволат и оние со понизок стандард. Но кога државата би давала субвенции, тие би загризале и за поновите возила. Дел од нив можат да се најдат по достапна цена, иако има и такви што се доста поскапи.
Летната идеја на Владата предвидуваше граѓаните што ќе купат ново или половно еколошко возило, а старото ќе го исклучат, да добијат субвенции од 20 до 30 отсто од вредноста, најмногу до три илјади евра, но тоа не смее да е поскапо од 10 до 12 илјади евра.
Во земјава, од 466 илјади регистрирани возила, дури 269 илјади се постари од 18 години. Со оваа мерка се очекува постарите да се заменат со понови автомобили, да се намали загадувањето и да се подобри безбедноста во сообраќајот.