Најавениот полициски час нема да остане без свое влијание и врз онака ранетата македонска економија. Секое ограничување делува негативно врз свеста на луѓето, а тоа ја допира и економијата, сметаат од бизнис секторот.
Здравствената ситуација ги диктира мерките, вели претседателот на бизнис конфедерацијата Бошков, за Сител, но економските субјекти немаат друг избор освен да се прилагодат.
“Свесни сме дека има сектори кои нудат услуги и после 21, но сите треба да сфатат дека во овој момент е таква ситуацијата и треба да и се верува на Комисијата. Од друга страна, истите тие треба да се насочат кон подобар маркетинг кон подобра организација и испорака. Тие услуги или производи кои сметале дека можат да ги купат и искористат по 21 да ги направат пред тоа со цел економските оператори да останат во кондиција”.
Колку недостатокот од вакцини има влијание врз најавената рестриктивна мерка? Бошков смета дека бизнис секторот дефинитивно е погоден од немањето дози за имунизација.
“Луѓето своите бизниси ги планираа како да ќе има вакцина, во менталната матрица беше дека ќе се ослободиме од стегите, врз основа на тоа се планираа и екномскиот, но и социоекономскиот и културниот живот, така што мерката сега е неминовна”.
Петтиот пакет економски мерки е веќе објавен, но Бошков смета дека воведувањето на полициски час можеби треба повторно да ги активира економските сектори во Владата, во смисла на дополнителна поддршка.
Приоритет, според него, секако треба да имаат оние секори кои придонесуваат во поголемо полнење на буџетот, но дијалог треба да водат сите засегнати.