Доаѓањето на детето го менува животот во домаќинството, но различно влијае врз вработувањето на мажите и жените, според студијата на „Евростат“.
Податоците покажуваат дека во возрасната група 24-55 години стапката на вработеност кај жени со дете изнесува 72,2%, а кај мажи – 90%. Во семејствата без деца, стапката на вработеност кај жените е 76,8%, додека кај мажите е 80,9%.
Постојат значителни разлики во ЕУ и вработувањето кај жените со деца е највисоко во Словенија (86,2%), Шведска (83,5%) и Португалија (83%). Додека во спротивна насока најниско е во Италија (57,3%), Грција (61,3%) и Шпанија (66,2%).
Кај мажите, највисоките стапки на вработеност меѓу татковците се во Чешка (96,5%), Малта (95,7%) и Словенија (95%).
Податоците исто така покажуваат дека најголемата разлика помеѓу родителите кои работат и оние кои не работат е во Италија и Грција. Речиси 29 поени е разликата помеѓу мајките и татковците кои работат (во корист на мажите) и 13 поени помеѓу мажите и жените без деца во Италија. Во Грција, разликата е 27,2 поени за мажи и жени кои работат со деца и 11,8 поени – без деца.
Најмал родов јаз во вработувањето со деца и без деца има во Литванија (6,8 поени), Словенија (8,8 поени) и Португалија (9,3 поени).
„Евростат“ посочува дека трендот за жените е дека колку повеќе деца имаат, толку е помала стапката на вработеност, особено за нискообразованите. На пример, вработувањето на жени со три или повеќе деца во земјите на ЕУ е во просек 59,1%.
Трендот е различен кај мажите – вработувањето е помало кај мажите без деца и најмногу се зголемува кај мажите со две деца – 92,4%, но кај мажите со три или повеќе деца се намалува на 86,7%.