Компанијата Мета за неколку месеци би можела да се соочи со голема правна одлука, поради која ќе мора да ги затвори социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм во Европа, пренесува Политико.
Ирската комесарка за приватност Хелен Диксон, која ја предводи Ирската комисија за заштита на податоците (DPC), изјави за Политико дека е „многу веројатно“ да се донесе конечна одлука за правната алатка на Фејсбук за испраќање лични податоци во САД.
Имено Унијата и САД се договорија за нов договор за пренос на податоци, пренесува „Евроњуз“.
Во јули, ирската комисија претстави нацрт-одлука за суспензија на правната алатка на Фејсбук и сега чека одобрување од регулаторите за приватност во другите земји од ЕУ, а документот се очекува да биде усогласен до средината на мај.
Тоа би значело дека американскиот технолошки гигант Мета, кој е сопственик на Facebook, ќе остане без алатки за легален пренос на лични податоци, како што се семејните фотографии и податоците за локацијата, во САД.
Мета во февруари соопшти дека таквата одлука може да доведе до суспензија на нејзините услуги во Европа, вклучувајќи го и Инстаграм.
Доколку Европската комисија не донесе соодветна одлука и ако не можеме да продолжиме да се потпираме на стандардните договорни клаузули или други алтернативни начини за пренос на податоци од Европската унија во САД, можеби нема да можеме да понудиме голем број од нашите најважните производи и услуги, вклучувајќи ги Фејсбук и Инстаграм во Европа, објави Мета.
Ирската одлука ќе донесе проблеми и на другите компании кои ја користат правната алатка за пренос на податоци во САД.
Мрежата на национални органи за заштита на податоците на ЕУ, Европскиот одбор за заштита на податоците, има рок до 14 април да одлучи дали ќе ја потврди претходната одлука на Ирска да ја суспендира правната алатка што ја користат многу компании за пренос на лични податоци во САД, наречена стандардни договорни клаузули.
Ирскиот регулатор, кој е задолжен за Мета и другите големи технолошки компании со седиште во земјата, потоа ќе има еден месец да донесе конечна одлука.
Во меѓувреме, Европската комисија има за цел да подготви нов договор за пренос на податоци со САД пред јули, откако Европскиот суд на правдата ги поништи двата претходни договори поради стравувањата од американски надзор. Диксон рече дека не планира да се повлече од спроведувањето на законите за заштита на податоците и приватноста на ЕУ.