Малку над половина од автомобилите во Македонија (51,3 отсто) се на бензински погон, 45,6 отсто се дизелаши, а само 2,9 отсто се придвижуваат на алтернативни горива, покажуваат последните податоци на Евростат, кои се однесуваат за 2016 година.
Соодносот бензинци- дизелаши драстично е променет во последнава деценија, односно откако беше олабавена регулативата за увоз на половни автомобили. Анализата на статистичките бројки покажува загрижувачки нагорен тренд на бројот на дизел- автомобили, од кои најголем дел се половни возила донесени од странство. Односно, сега бројот на дизелашите е двојно зголемен во споредба со нивниот број во 2011 година, кога тој изнесувал 85.426 возила.
Во првите четири годнини, од 2010 година кога се дозволи увоз прво на возила со еуро 1, а потоа и со еуро 2 стандард, во земјава влегоа повеќе од 160 илјади патнички возила, што е речиси две третини од поранешниот вкупен возен парк, чија просечна старост се проценуваше на 14-15 години. Иако се очекуваше дека овие мерки, колку толку, ќе го подобрат возниот парк, сепак се случи само замена на прастарите автомобили од социјалистичкото време со други возила кои исто така беа стари. Имено, нормите еуро 1 во Европа стапија во сила во 1993 година, а еуро 2 во 1997 година. Подоцна, беше подигнат прагот на еко нормите, но драстичното зголемување на бројот на стари возила во сообраќајот само придонесе за поголемо загадување на воздухот.
Но, овој тренд продолжува. Според последните анализи на Царинската управа на Македонија во земјава за првите единаесет месеци од 2018 година се увезени вкупно 35.513 патнички автомобили од кои што 27.018 се половни, а 5.377 се нови возила. Најголем дел од половните возила се со дизел мотор кои се под удар на строгото европско законодавство за квалитетот на воздухот.
Уште еден неповолен податок е старосната структура на македонскиот авто- парк. Постари од 10 години се 79,4 отсто од автомобилите во земјава, или околу 305.000 возила. На нашите патишта има малку нови возила, околу 6.000 возила се помлади од две години, што изнесува 1,6 отсто во однос на 384 илјади патнички моторни возила, колку што биле вкупно регистрирани на крајот од 2015 година.
Инаку, според Евростат, во 15 од 24 земји-членки на Европската унија, за кои се достапни податоци, повеќе од половина од автомобилите се на бензински погон. Овој удел е најголем во Кипар (86 отсто), пред Финска (75 отсто) и Унгарија (70 отсто). Автомобилите со дизел ги надминаа прагот од 50 отсто во Франција (69 отсто), Литванија (65 отсто), Луксембург (64 отсто), Белгија (60 отсто), Австрија и Шпанија (по 57 отсто), како и Португалија (54 отсто) и Латвија (53 отсто). Употребата на алтернативни горива, освен бензин или дизел, е највисока во Полска (16 отсто), Литванија (10 отсто), Италија и Латвија (по 8 отсто).